Регион

ООН се премислува во врска со жртвите на труењето со олово во Косово

Обединетите нации (ООН) го игнорираат советот на сопствениот Советодавен панел, јасно да се извинат за трагедијата што се случи поради нивна грешка, потег кој сериозно ја поткопува нивната можност, да вршат притисок врз владите, кога тие ги кршат човековите права.

Кампот на ООН во Митровица во кој беа сместени Роми. Фото: архива на БИРН

Пишува: Луис Шарбоно, Њујорк

Се чинеше дека правдата за жртвите од труењето со олово во Косово конечно е на дофат, кога во декември 2016 година, заменикот на поранешниот генерален секретар на ООН, Јан Елиасон, токму кога со генералниот секретар на ООН, Бан Ки-Мун, се подготвуваа да ги предадат надлежностите на новата администрација, свика состанок.

Истрага на Хјуман рајтс воч (ХРВ) покажа дека жителите на еден од камповите на ООН во Косово, биле долго изложени на олово. Иако ООН на крајот ги затвори своите кампови, беше сторена непоправлива штета. Оловото е високо токсично и може да ги загрози невролошките, биолошките и когнитивните функции на организмот. Особено ранлива категорија се децата и бремените жени.

Според извештајот од состанокот кој го свика Елиасон, а кој неодамна го објави Њујорк Тајмс, состанокот резултирал со усвојување на предлог за извинување, што е прв чекор кон компензацијата за жртвите, припадници на заедниците на косовските Роми, на Ашкалите и на Египќаните. Овој предлог, се чинеше, дека е во духот на извештајот на Советодавното тело за човекови права на ООН, кое минатата година препорача дека на жртвите на УНМИК и на нивните семејства, треба да им се исплати отштета и да им се упати јавно извинување.

Но, минатиот месец, како што објави Тајмс, новиот генерален секретар на ООН, Антонио Гутерес, свикал состанок на високо ниво, на кој Канцеларијата на ООН за правни работи, препорачала да не се прифаќа одговорноста и да не им се исплаќа индивидуална отштета на жртвите, иако ООН е јасно виновна за трагедијата.

Со одбивањето да ја признае сопствената злоупотреба, ООН сериозно ја поткопува својата можност да врши притисок врз владите, кога тие ги кршат човековите права. Ова особено станува точно кога се има предвид дека сопствениот трибуналот на ООН, ѝ даде на оваа организација јасни совети дека треба да ја направи вистинската работа.

Портпаролот на ООН, Стефан Дујарик, за Тајмс изјави дека разговорите се во тек и дека Гутерес „многу брзо“ ќе донесе конечна одлука. Жртвите јасно бараат ООН да се држи до советот на сопствениот трибунал, но долгоочекуваната исплата на соодветен индивидуален надоместок, сепак нема да дојде доволно брзо.

Луис Шарбоно е директор на ХРВ за ООН.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.
Тектот е објавен и на „Балканска транзициска правда“