Признавам, jас сум една од оние стотици илјади што имале важечки пасош и не се сетиле да го сменат пред да влеземе во хистеријата со рокови. Но, не можете да ме обвините дека сум чекала до последно за да закажам за сликање. Закажав некаде при крајот на август. И тука ја направив клучната грешка, закажав во Беко.
Не знам зошто толку инсистирав, веројатно затоа што секогаш таму сум вадела документи, во МТВ само еднаш, и тоа беше хорор. Веројатно затоа.
Додека сите што ги познавам што закажуваа во тоа време во МТВ, си добија термини во декември, цената на моето барање за Беко беше екстра три месеци – термин на 14 февруари 2024 година. Валентајн, Свети Трифун и прилично некомплицирани 30 минути сосе чекање за сликање за три документи, пасош, лична карта и возачка.
„Пасошот тука за месец дена, личната карта и возачката ќе ви ги донесат на адреса“, беше инструкцијата од службеникот во Беко. Тамам. Единствено закажано патување во тој момент ми е на средината на април, во Брисел. Ми рекоа за еден месец, и два нека е, па пак ќе го земам на време.
Во меѓувреме, како и сите други, загрижено ги следев драматичните настапи на новиот министер за внатрешни, кој во мираз на новата функција доби стар проблем, како објаснува, има термини, нема термини, има обрасци, нема обрасци, кој е виновен, колку ќе се испечатат.
Наскоро темата за пасошите полека ја снема од јавноста и од медиумите. Веројатно поради увереноста во посветеноста и капацитетите на новиот министер, кој ставил крај на хаосот и страдалничките сцени од преполните сали и ходници, каде што граѓаните со часови чекаа за сликање, плаќање и за подигнување лични документи.
Во меѓувреме, информациите за документите се сменија неколкупати, па тоа дека личните карти и возачките ќе ги носат полицајци по дома, наскоро се смени во инструкција, граѓаните да си ги подигнуваат од локалната полициска станица.
Отидов во Беко точно пет недели откако се сликав, доцна попладне. Истиот службеник зад шалтерското стакло малтене ми се изнасмеа што сум дошла да го подигнам пасошот.
„Ма ти не си ни одобрена, плати за итна постапка, ако сакаш брзо да го земеш“.
Ама зошто да платам, велам, пет недели поминаа. А ако останам во редовна постапка?
„Тогаш 45 работни дена“, ми вели, „сликана си на 14, значи почни да броиш од 15 февруари.“
Колку му велам, сигурно нема да плаќам 6 илјади кога веќе сум платила две и кусур.
„Не, не, четири илјади“.
Каков државен рекет, си мислам, и наивно го вадам паричникот.
Ај ќе платам, изговарам.
„Ама не можеш тука, мораш во МТВ, и не може сега, доцна е. Оди во соба 43 утре сабајле“.
Ако е доцна за МТВ, сигурно не е доцна за полициската станица Карпош. Таму, пак, во дворот, пред метален контејнер поставен наспроти влезот на зградата на полициската станица, неколку луѓе чекаа ред за лични карти.
Во импровизираниот објект, двајца љубезни и крајно трпеливи полицајци издвоија 5-6 купчиња со по педесетина лични карти и ги проверуваа една по една, како кога разменувавме сликички кога бевме деца.
„Ве нема, обидете се следната недела.“
Доплата за итна
Кратко пред 9 наутро, влегов во МТВ за пасошот. Си ги зедов омилените неделни весници, батерија на мобилниот на 85 проценти и наивно мислев дека сум вооружена со трпение за административните лавиринти. Немав поим.
Чуден е патот до собата 43, десно од салата каде што се плаќањата, по неколку скалички покрај тоалетите има долг ходник со неколку соби. Од левата страна е собата 43, во која, всушност, и не примаат странки. Клучни се двете соби карши 43, од кои едната е именувана 2Б и на вратата стои отпечатено „Доплата за итна“. Канцеларијата залепена до 2Б нема никаков натпис, ниту бројка.
Во ходникот веќе чекаа 5-6 луѓе. Брачна двојка со дете и уште неколку мажи. Ми објаснија дека собата 2Б е, всушност, клучна. Но, во неа ниту некој влегуваше, ниту, пак, некој излегуваше. Наспроти сите инстинкти да тропнам, да влезам да прашам, си молчев и чекав, како и сите во тесниот ходник, кој мириса, де на пот, де на урина.
Триесетина минути подоцна, еден од присутните почна да коментира дека трет ден доаѓа, дека прво треба да те бараат, па дури ако те најдат, ќе те пуштат да платиш. И дека, всушност, во двете соби спроти 43 се наоѓаат сите документи донесени од сите станици и пунктови во Скопје, каде што се сликале граѓаните. Како што сфатив дека моето трпение е само загубено време, искористив што вратата на необележаната канцеларија во тој момент е подотворена. Централно во малата соба, на биро преполно со захефтани обрасци седеше еден службеник додека ѕидовите лево, десно и зад него се од крајот до крајот со метални сиви полици преполни со хартии. Компјутер нема!
Тој истиот човек што работи во таа планина од документи ми објасни дека џабе чекаме, дека тие сега ги бараат документите на тие што вчера дошле да се пријават дека сакаат да доплатат, што ќе можат да го направат само под услов нивниот примерок на податоци за пасош да биде пронајден. Сега ништо не можеме за вас, дојдете по 12 часот, тогаш вас ќе ве ставиме на список, па потоа, ако ве најдеме, ќе може да доплатите.
Со други зборови, во тие соби со десетици илјади документи треба физички да се пронајдат токму моите три-четири листа или колку и да се. Бидејќи ваквите „украдени“ конверзации со службениците се екстремно куси и нема можност за никакви додатни прашања, меѓу другото остана неодговорено колку тие долго бараат, се случува ли да не најдат, што ако не ги најдат формуларите, колку се чека да ти кажат дали те нашле и слични други работи за функционалноста на овој процес, кој очигледно почива исклучиво на хартиени формулари.
Втор обид. Дваесетина минути по пладне. Тесниот ходник веќе беше преполн, но никој не успеал да влезе да се пријави. Овојпат во двете соби некој постојано влегува и излегува. Ама никој од присутните што чекаат.
Ништо од моето трпение. Гласно коментирав дека ова е малтретирање на граѓаните, нефункционален систем, го сликав ходникот со мобилниот, што особено ја изнервира една од службеничките, која по неколку протестни трескања на вратата од соба 43, гласно бараше полицаец да дојде да интервенира. Веројатно и целава приказна ќе беше многу поинтересна да ме уапсеа.
Но, она што навистина ме вознемири беше дека некои од луѓето околу мене се загрижија дека сега сите ќе ја платат цената за моето негодување и никој нема да може да заврши работа. Затоа заминав, но не ме напушта чувството на гнев, бес и немоќ од целата епизода.
Не само што државата нѐ натера важечките документи да ги менуваме, туку сега на сета своја неспособност тера рекет, изнудува доплата, да мора да одиме по итна постапка, иако повторно тие не сработиле на време, и најважно што ни тоа не може да го изведе на начин што не предвидува максимално понижување и малтретирање.
И тоа е она што најмногу ме разбеснува, државните институции што треба да се сервис на граѓаните, што сите ние ги плаќаме – со многу ретки исклучоци, инсистираат секоја постапка, дали е тоа чекање во ред за извод на родените, дали е пасош, што и да е, да биде што понепријатно, што покомпликувано. На шалтерскиот службеник да му биде приоритет да ви најде што ви недостасува во документацијата за додатно да ве врати, измалтретира и да ве понижи. И за тоа јас не ѝ се лутам, ниту ја обвинувам службеничката од соба 43.
Тој пристап, тоа однесување дека тие имаат, и право, и дозвола од високо да им се обраќаат на граѓаните, кои на тоа мора да бидат понизни и сервилни, доаѓа од самиот врв на институциите.
Овој тип на искуство се разбира е резервирано за тие како мене што не сакаат и тие што не можат со врски да добијат службеници што експресно ќе им ги пронајдат документите. Јас, сепак, решив дека не сакам да доплатам и ќе бројам до 45 работни дена, 25 поминаа.
Брисел ќе мора да почека.