Наместо 1.8 милиони евра како досега, политичките партии од буџетот ќе добиваат 4.5 милиони евра на годишно ниво. Досега партиите добиваа 0,06 отсто од буџетот, а со измените во Законот за финансирање на политичките партии овој процент се зголемува на 0,15 отсто.
Вчера, со 101 глас „за“ пратениците ги изгласаа овие измени кои долго време беа најавувани во јавноста и беа една од клучните теми на лидерските средби. Триесет отсто од овие пари ќе бидат наменети за малите партии, додека 70 отсто за големите партии кои имаат свои советници и пратеници.
На сметка на зголемувањето сумата на државното финансирање, се намалува сумата на донации што може да ја добиваат партиите – од 150 просечни плати што може да ги донира едно правно лице, со измените оваа бројка се намалува на 60 просечни плати.
Ако досега, пак, за физичките лица беше предвидено дека можат да донираат 75 просечни плати, сега бројката се намалува на 30.
Од СДСМ велат дека со овие измени целта е партиите да не бидат зависни од донации и дека ќе има поголема контрола врз трошењето на парите на партиите.
Озаконети нивите и пасиштата на партиите
Со измените во Законот за финансирање на политички партии се предвидува и дека партиите ќе можат да се финансираат и од кредити, а ќе можат да поседуваат и земјиште, нешто што не беше дозволено со стариот закон.
Иако досега не беше дозволено, ВМРО-ДПМНЕ сепак се јавуваше како сопственик на ниви и пасишта, па сега, со законските измени, поседувањето земјиште од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и евентуално другите партии кои имаат таква сопственост сега се озаконува.
Според истражувањето на СКУП и на НоваТВ, ВМРО-ДПМНЕ поседуваше ниви и пасишта во Сарај, Могила и други места, а дел од овие пасишта се издаваа под закуп. Вкупно, ВМРО-ДПМНЕ имаше 15 имотни листови и купопродажни договори за ниви и пасишта. Најголемата опозициска партија, според истражувањето, поседуваше 91 имотен лист за имот од над 33.000 квадратни метри и пазарна вредност од над 60 милиони евра, што ја правеше една од најбогатите партии во Европа.
Како сопственик на земјиште во скопски Чаир, според Електронската база на Агенцијата за катастар се јавува и Демократската Унија за интеграција – ДУИ.
Според досегашниот закон кој беше на сила, партиите не смееја да поседуваат земјиште, туку само деловен простор, опрема, канцелариски материјал, превозни средства и друг движен имот.
„Овие измени во законот беа донесени бидејќи до сега немавме право на сопственост на земјата под објектите, а сега со законските измени тоа се менува“, велат од СДСМ.
Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека досегашниот закон бил нејасен, односно не било јасно прецизирано дали партија смее или не смее да поседува земјиште.
„Со овие измени, само се регулира тој дел, дека една партија смее да поседува ниви и пасишта, а генерално овие измени беа донесени пред сè поради земјиштето под објектите“, вели тој.
ВМРО-ДПМНЕ барало целосна забрана за донации од правни и физички лица
Партиското финансирање долго време беше рак – рана во македонското општество, пред сè поради крајно нетранспарентниот процес на финансирање, но и поради сомнежите за злоупотреба на државните ресурси за партиски интереси.
Николоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ е генерално задоволен од новите законски измени, иако не биле испочитувани сите нивни барања, како на пример забраната физичките и правни лица да донираат за партијата.
„Сметаме дека донациите од правните и физичките лица можат да бидат извор на корупција, па затоа баравме целосна забрана, но од СДСМ не го прифатија тоа, па се најдовме на пола пат. Добра вест е што сега партиите ќе можат да поседуваат само една сметка, а ако има посебна сметка како на пример од кредит, сепак ќе треба да поднесат единствен извештај“, вели Николоски.
Еден од предметите што остана на ниво на истрага во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и не го фати рокот за поднесување обвиненија што истече кон средината на јуни минатата година, е „Талир“, случај што се однесува на финансирањето на поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Истрагата утврди дека во периодот од 2009 до 2015 година на партиската сметка незаконски легнале 5 милиони евра.
Ленче Ристоска, обвинителка во СЈО надлежна за овој предмет, во новогодишното интервју за БИРН имаше доза на разочараност бидејќи Македонија сè уште тапка во место во однос на финансирањето на партиите.
„Разочарана сум што и покрај тоа што се случи промена на власта, не се разви дебата околу начинот на финансирање на политичките партии и не се отвори прашањето како на долг рок ние ќе се бориме против корупцијата, ако не спроведеме реформи кои ќе го таргетираат токму процесот на финансирањето, неговата транспарентност и инволвираните субјекти во тој процес“.
Таа потенцираше дека е нужно да се отвори дебатата за измени во Законот за финансирање на политичките партии, спречување на перење на пари, како и за слободен пристап до информации од јавен карактер каде политичките партии се изземени како институции кои треба да доставаат податоци на барања.
Иако политичките партии се договорија околу новите законски измени, отворено останува прашањето како тие ќе ја зголемат транспарентноста и ќе спречат злоупотреби, или пак измените беа донесени само за да се добијат повеќе пари од буџетот за партиски цели.