Вчера беше понеделник. Денот од кога премиерот Христијан Мицкоски најави дека почнува „робусната акција“ против корумпираните судии и обвинители.
„Ако треба со тие корумпирани судии и обвинители ќе се справиме и на поинаков начин.“ Нејасно е што мислеше премиерот „на поинаков начин“, ниту, пак, што подразбира под „робусна акција.“
Во понеделникот добивме само неочекувана оставка. Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева се повлече поради политички опструкции. Во образложението кажа дека една од причините е изјавата на Мицкоски дека во Судскиот совет има кланови и оти се фалсификуваат записници.
Премиерот ги спомна фалсификуваните записници, одговарајќи ѝ на пратеничко прашање на негова сопартијка од собраниската говорница, кога кажа дека некој однатре го информирал дека во Советот има записници без потписи, со различни печати и потписи…
Чудно е некој да го брифира токму премиерот за тоа што се случува во телото што избира, унапредува и разрешува судии. Дали тоа значи дека премиерот има човек од доверба во Судскиот совет? Oд редот на судиите ли е тој што му дотура информации на Мицкоски?
Но, неговиот говор немаше за цел да се докаже незаконитост, туку имаше политичка употреба. Ако целта беше законитоста наместо политички да го оцрнува Советот, Мицкоски ќе ги доставеше документите или информациите до обвинителството.
Премиерот неодамна мавташе и со фалсификувани сертификати по англиски јазик од говорницата. Државниот обвинител Љупчо Коцевски не се заинтересира како премиерот дошол до фалсификуваните сертификати по англиски јазик. Од истрагата на МВР ли му се? Знае ли Мицкоски дека повреда на тајноста на постапката е кривично дело, како што е кривично дело непријавувањето?
Во пристојна правна држава, само на таков начин се решаваат работите. Со пријави и со правен епилог. Не со политички говори.
„Симптомите“ на обвинителите
Мицкоски, од собраниската говорница, со заканувачки тон раскажуваше за обвинителите, кои, според него, ги опструирале акциите. Ги обвини обвинителите дека кога требало да соработуваат со полицијата во откривање криминал, користеле секакви изговори, како анксиозност, грозница, грчеви во стомакот, дијареја и главоболка за да го избегнат тоа.
Ако е точно дека неосновано се одлага соработката со полицијата, тогаш тоа е кривично дело „попречување на правдата“. Ама полицијата, со која раководи сопартиецот на Мицкоски, Панче Тошковски, до денес не видовме дека поднела пријава против обвинител затоа што опструира истраги. И не знаеме дали „опструкцијата“ била еднаш, двапати или повеќепати, и дали поради тоа одлагање, има некаква штета врз предистрагата.
Она што загрижува е што Мицкоски знае за предистражната постапка, а не би смеел, зашто таа по закон е тајна. На тие средби меѓу јавниот обвинител и полицијата може да се говори за сенешто: за увид во документи, за претреси, апсења…
Во улога на врховен обвинител, премиерот уште само требаше да соопшти кои се осомничените во акцијата и за што се товарат.
Во правна држава, таквото поведение е неприфатливо.
Не е негова работа да знае кога и какви акции планира полицијата, иако самиот вели дека тоа било нормално. Не. Не е нормално. Замислете каков притисок имаат сега обвинителите, кога знаат дека најмоќната политичка фигура во државата знае што се случувало (а веројатно и што се разговарало) на средбите со полицијата во конкретен предмет.
Оваа несреќна изјава на Мицкоски многу потсетува на денот кога Никола Груевски, кој, во улога на обвинител од говорницата во Владата во 2015 година, ги кажа сите активности на полицијата и обвинителството за предметот „Пуч“. Груевски говореше што се пронашло од доказите кај тогашните обвинети, а снимките на полицијата од премиерскиот кабинет се најдоа на Јутјуб.
Мицкоски самоуверено говори против судии и обвинители нецели шест месеци откако е премиер. Веројатно по две години би ги соопштил и пресудите што не се напишани.
Потчинета правосудна власт
Mинатата недела, седници одржаа и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Очекувано, ниту еден од членовите на овие две клучни тела не излегоа веднаш јавно да му се спротистават на премиерот дека со овие изјави прави политички упад и се обидува да влијае врз правосудната власт.
Но, никој не е изненаден. Со години, судската власт успешно и упорно докажува дека не може и впрочем не сака да работи независно.
Тивка е и меѓународната заедница. Тие во извештаите „штиклираат“ препораки што треба да ги усвои Судскиот совет, додека премиерот од говорница најавува обиди за упад во правосудството преку „робустна акција“.
Се разбира дека за неговите изјави изостана реакција од Здружението на судиите и од Здружението на јавните обвинители.
Тие, природно, реагираат само за поголеми плати. И не им е првпат. Уапсија корумпиран врховен судија фатен како зема пари, епизода што Мицкоски ја припишува на актуелната власт. Но, апсењето на судијата беше по пријава на оштетен и еден месец пред новата влада да биде избрана.
Гласна за изјавите на Мицкоски беше само Дамева. На денот кога поднесе оставка.
Премиерот вели дека не сака да прави естрада од правосудството, а самиот, со ваквите изјави го тривијализира кривичниот прогон и ја користи политичката моќ за на сите да им објасни дека тој е нетрпелив во борбата со криминалот и корупцијата.
Пред да го најави „понеделникот“, „даваше време“ за да добиеле предлози за реформи во судството, а имаат владина програма со конкретни мерки што им ги ветија на граѓаните, во која пишува распуштање на двата совети.
Непријатно е да се следат министерот за правда и неговиот заменик, кои напросто не знаат кој правец да го фатат од ветувањата за распуштање на советите што самите ги зацртаа, а шест месеци подоцна од тоа нема ништо.
Случајно или не, единствениот настан од правосудството во последниот период што Мицкоски и владејачката партија не го оспорија, беше изборот на новата директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајкоска-Стрезоски, која спротивно на статутот, беше избрана тајно, иако треба да биде избрана со јавно гласање, за што има тужба пред Управниот суд.
Мицкоски, во 2018 година остро го критикуваше изборот на поранешната директорка на Академијата за судии и обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, затоа што била сестра на дипломат од СДСМ. Но, најновиот избор на директор не го ни спомна.
Можеби затоа што директорката е избрана и експресно унапредена за обвинителка во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ или затоа што самата кажа дека е блиска со функционери од владејачката партија.
За оние што очекуваат резултати од најавената акција на Мицкоски, вчера, по речиси половина година власт, е почетокот на борбата со корумпираното правосудство.
За сите други, вчера беше понеделник, втори декември.