Регион

Поранешни хрватски затвореници планираат посета на српскиот логор Стаиќево

Хрватска и Србија се договорија дека поранешните хрватски затвореници, можат да одржат комеморација во воениот логор во Стаиќево, Србија, иако, како што тврдат поранешните затвореници, Белград го блокира гонењето на лицата, кои во овој логор извршиле злосторства.

Пишува: Маја Живановиќ, Белград

Поранешниот логор во Стаиќево. Фото: Викикомонс, Стебуник

Поранешниот затвореник, Зоран Шангут, го поздрави договорот меѓу хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, според кој, поранешните затвореници можат да одржат комеморација во воениот логор во српското селото Стаиќево, но истакна дека жртвите и натаму чекаат правда.

„Ја поздравуваме одлуката и ќе дојдеме ако ни биде дозволено, бидејќи повеќегодишна желба ни е таму да положиме венци и да запалиме свеќи”, изјави за БИРН, Зоран Шангут, од Здружение на поранешни затвореници Вуковар 1991.

Како што истакна, Србија ништо не направила за да ги идентификува лицата кои извршиле злосторства над несрпските воени затвореници во овој логор.

Стаиќево е еден од петте логори формирани во војната во 90-тите години во Србија, во кој главно биле притворени Хрвати.

Затворениците од Вуковар биле затворени во штала во Стаиќево, откако во ноември 1991 година, српските сили го скршија отпорот на Хрватите и го зазедоа овој град.

Поранешните затвореници, неколку пати досега, на годишнината од почетокот на војната во септември, се обидувале да организираат комеморации во Стаиќево, но без успех, поради страв од можни инциденти.

Така, во 2009 година, нивното пристигнување во логорот беше откажано само неколку дена пред планираната посета, бидејќи српските здруженија на воени ветерани, најавија протести против комеморацијата.

Според хрватската претседателка, оваа година ситуацијата би можела да биде поинаква. Таа, како што рече, се договорила со Вучиќ дека поранешните затвореници од Стаиќево можат да организираат комеморација.

„Се согласивме дека на поранешните затворениците од српските логори ќе им се овозможи оваа година да појдат во Стаиќево и во мир и достоинство да положат венци и да се присетат на тешките моменти од периодот што е зад нас и кој мора да го затвориме”, рече Грабар-Китаровиќ пред новинарите, по средбата со Вучиќ на 30 јуни, објави Радио Слободна Европа.

Поранешните хрватски затвореници побараа да се преземат активностите во врска со кривичните пријави за воените злосторства извршени над воените затвореници во логорите Стаиќево, Сремска Митровица, Бегејци и Ниш, како и во воениот затвор во Белград, кои се поднесени против непознати сторители.

Како што велат во здружението, Вуковар 1991, Вучиќ во јули 2016 година, додека бил премиер, се сретнал со нивни претставници и ветил дека ќе стори сѐ што е потребно за да се идентификуваат лицата кои ги извршиле воените злосторства над несрпските воени затвореници во петте српски логори и оти на жртвите ќе им биде подигнат првиот споменик.

Вучиќ оваа вест ниту ја потврди, ниту ја негираше.

„Пред два месеци поднесовме жалба до Уставниот суд на Србија, бидејќи српското Обвинителство за воени злосторства го одложува предметот”, информираше Шангут.

Тој објасни дека здружението уште во 2008 година, поднело кривична пријава до ова обвинителство.

Додаде дека поранешните затвореници од Стаиќево се надеваат оти српските власти ќе им подигнат споменик на жртвите.

Градоначалникот на Зрењанин, град кому Стаиќево административно му припаѓа, одби за БИРН да го коментар ова прашање.

Но, поранешниот претседател на Градското собрание на Зрењанин, Александар Мартон, изјави дека „во 21 век треба да бидеме доволно зрели и да ги почитуваме жртвите на другите”.

Додека тој беше претседател на собранието, во 2009, Мартон се сретна со претставници на здружението Вуковар 1991 и со Зоран Шангут, и ја поддржа идејата за поставување на споменик во Стаиќево, што предизвика незадоволство во јавноста.

„Ме нарекуваа ‘усташ’ и ми се закануваа на улица”, се сеќава Мартон.

Додаде дека неговата партија, Лигата на социјалдемократи на Војводина, која е позната по своите антивоени ставови, оваа година ќе ја поддржи комеморацијата.

„Ова е предуслов за добри односи (помеѓу Србија и Хрватска)” рече тој.

БИРН за случајот Стаиќево побара коментар од Обвинителството за воени злосторства на Србија, но, до објавувањето на овој текст, одговор не добивме.

Објавено и на Балканска транзициска правда