Регион

Луштаку не е виновен за воени злосторства, реши Врховниот суд на Косово

Косовскиот Врховен суд, го ослободи поранешниот висок припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Сами Луштаку, кој беше осуден за воени злосторства извршени над цивилни затвореници.

Дие Морина, Приштина

Сами Луштаку. Архивска фотогафија: Атхе Мула/БИРН

Врховниот суд во Приштина, во понеделник го ослободи поранешниот припадник на ОВК, Сами Луштаку, од вината за воени злосторства, изјави за БИРН, неговиот адвокат, Арианит Коци.

Луштаку поднесе жалба до Врховниот суд, заедно со уште двајца други поранешни високи членови на Дреничката група на ОВК, Сулејман Селими и Јахир Демаку, кои, исто така, беа осудени за воени злосторства.

Нема информации за судската одлука донесена во нивниот случај.

„Сѐ уште немам никаква одлука“, изјави за БИРН, адвокатот на Демаку, Меџид Сула.

„Сѐ уште не знам кој е ослободен“, ни одговори адвокатот на Селими, Томе Гаши.

Да потсетиме, Основниот суд во Митровица, во 2015 година, го осуди Луштаку, поранешен градоначалник на Скендерај/Србица, на 12 години затвор, за убиство извршено во 1998 година, иако ниту името на жртвата беше познато, ниту пак беа пронајдени некакви посмртни останки.

Во 2016 година, во жалбена постапка тој беше ослободен од вината за убиство, но одлуката со која беше осуден за „командна одговорност за кршење на интегритетот и здравјето на неодреден број на цивили, Албанци, што биле држани во притворниот центар во Ликовац“, беше потврдена.

Апелацискиот суд во овој процес му ја намали казната од 12 на 7 години затвор.

Објавено и на Балканска транзициска правда