Поранешните притвореници во болницата за костозглобни заболувања во босанскиот град Столац, во недела, во организација на Здружението на логорски затвореници „Столац“, ќе положат цвеќе и ќе ја одбележат годишнината од страдањата на бошњачките цивили, кои ХВО ги држел во заробеништво во овој објект во 1993 година.
Болницата била дел од мрежата на центрите за притвор на ХВО, воени сили на босанските Хрвати. Порано позната како болница во која се лечеле костозглобни заболувања, таа била претворена во место за тортура на бошњачките граѓани на Столац и на околните села. Логорот бил во функција од мај до октомври 1993 година.
Поранешниот притвореник, Мустафа Дизард, кој во болницата бил донесен во јули 1993 година, вели оти таа е симбол на страдањето на Бошњаците.
„Кога дојдов во болницата, веднаш ме прозваа да излезам во ходникот, кој беше мачилиште. Бев свртен кон ѕидот и ме удираа од глава до петици. Ме удираа за да признаам некои работи. Претежно, само заради моето име“, вели Диздар за БИРН.
На поранешните припадници на ХВО, Видо и Јосип Крешиќ, им се суди пред Судот на Босна и Херцеговина, за психичко и физичко малтретирање на цивилите, затворени во болницата.
Во ноември 2017 година, Хашкиот трибунал осуди шестмина поранешни функционери на Херцег-Босна, на вкупно 111 години затвор, вклучително и за злосторствата извршени во болницата во Столац. Еден од нив, Слободан Праљак, при изрекувањето на пресудата, испи отров во судницата и набргу почина.
Според обвинението, најмалку пет лица починале како резултат на тортурата во болницата за костозглобни заболувања.
Претседателот на Здружението на логорски затвореници на Столац, Амер Ѓулиќ, истакнува дека во болницата бил донесен во август 1993 година и оти бил малтретиран.
„Бев донесен во болницата на 2 август, бев одвоен од родителите и сестра ми. Поминав низ ужасна тортура, бев сведок на две убиства – на Салем и на Вејсил Ѓулиќ. И мене не претепуваа припадниците на ХВО, мои довчерашни соседи. Имав среќа што преживеав“, нагласува Ѓулиќ.
Тој изрази разочарување што локалните власти не дозволуваат да се подигне спомен-обележје за жртвите.
„Жртвите се жртви и секоја жртва заслужува да биде спомната, да биде запаметена (без оглед на националноста)“, истакна тој.