Истражувањa

Последиците од конфликтот во 2001, се чувствуваат и по дваесет години

Раните заздравуваат, но лузните остануваат

На 22 јануари 2001 година, македонската јавност беше шокирана од веста за минофрлачкиот напад врз полициската станица во селото Теарце, во близина на Тетово.

Иако на почетокот на јануари имаше и други насилни инциденти, овој напад на припадниците на Ослободителната народна армија (ОНА), во кој беше убиен полицаецот, Момир Стојановски, го означи почетокот на седуммесечниот вооружен конфликт, кој на крајот ќе стане пресвртница за македонското општество.

Кога во август 2001 година, конфликтот заврши со потпишување на Охридскиот мировен договор, во кој посредуваше и меѓународната заедница, Северна Македонија ги амнестира борците на ОНА, го смени уставот, албанскиот јазик стана втор службен јазик во земјата, а во јавниот сектор, како и во безбедносните сили, се започна со вработување на поголем број Албанци и припадници на другите малцински групи.

Поранешниот пратеник, Мерсел Биљали, професор по право и политички науки, вели дека мировниот договор, и покрај одолговлекувањето во неговото спроведување, помогнал да се намалат етничките тензии и да се избегне поголемо крвопролевање.

„Тоа нѐ отрезни, нè насочи кон заеднички живот, кон градење на заедничка иднина, поголемо меѓусебно разбирање и градење на доверба“, посочува Биљали.

Дваесет години подоцна, етничките поделби во Северна Македонија во голема мера стивнаа, но одеците од минатото сè уште се присутни. Имињата на поранешните жаришта во конфликтот, како што се селата Арачиново, Теарце, Танушевци и други, и натаму се синоним за конфликтот, и секоја поголема политичка криза во земјата по конфликтот, предизвикува страв од враќање на меѓуетничкиот конфликт.

Иако после 2001 година, општеството како целина тргна напред, кај оние кои изгубиле роднини или пријатели, изгубиле имот, кои биле привремено или сѐ уште се внатрешно раселени лица, и денес се присутни трауми.

Македонски војник отвора оган од митралез на тенкот Т-55 ФОТО: Википедија

Бунтовниците напаѓаа, безбедносните сили возвраќаа

Иако во Северна Македонија се одбележува само годишнината од Охридскиот мировен договор, нападот врз полициската станица во Теарце, беше првиот за кој ОНА, преку соопштение за медиумите, ја презеде одговорноста. Во соопштението стоеше дека македонското мнозинство ги угнетува Албанците и оти сите припадници на безбедносните сили, ќе се сметаат за легитимни цели.

Албанците сочинуваат околу една четвртина од населението во Северна Македонија, кое брои нешто повеќе од два милиони жители. На почетокот на конфликтот, ОНА објави дека ќе ја преземе контролата врз, како што истакна, „албанската“ територија на земјата, иако, како минуваа месеците, нејзините барања стануваа поблаги.

По нападот врз селото Теарце, властите веќе не можеа да ги минимизираат проблемите со бунтовниците на ОНА, опишувајќи ги извештаите на медиумите за распоредување на вооружени паравојници во селата и областите во близина на северната граница на земјата со Косово, како шпекулации или третирајќи ги бунтовниците како локални криминални банди.

Официјалниот тон се смени и државните органи и медиумите на македонски јазик ги нарекоа припадниците на ОНА „терористи“, иако официјалните лица го отфрлија овој термин, по потпишувањето на мировниот договор.

Како што растеа тензиите, безбедносните сили во некои од планинските погранични области на земјата, почнаа на дневна основа да разменуваат оган со бунтовниците. Следниот голем шок се случи на 14 март, кога ОНА ја започна својата прва голема офанзива, опколувајќи го Тетово.

Тој ден по улиците на Тетово настана хаос, кога полициските сили одговорија на огнот на бунтовниците од околните ридови. И покрај успешната контраофанзива на безбедносните сили на 23 март, по што припадниците на ОНА беа принудени да се повлечат од ридовите, тие набрзо повторно се вратија на своите позиции, а Тетово беше жариште во текот на целиот конфликт.

Друг фронт беше отворен на 4 мај. Овој пат североисточно од Скопје, во близина на Куманово, каде неколку илјади добро вооружени борци на ОНА, се утврдија во голем број села во тамошната ридско-планинска област. Следеа тешки борби, но ниту една од страните не постигна значителен воен напредок.

Друга ескалација на конфликтот се случи кога на 9 јуни, ОНА ја презеде контролата над селото Арачиново, оддалечено само неколку километри од Скопје. Ова им создаде големи проблеми на властите, бидејќи ОНА се закани дека од своите позиции во селото, ќе го нападне главниот град.

Така, на 22 јуни, полициските и воените сили, со артилерија,  тенкови и авијација, започнаа голема офанзива. По 3 дена, нападот беше запрен по наредба на тогашниот претседател, Борис Трајковски, кога бунтовниците во Арачиново започнаа да веат бели знамиња.

Безбедносните сили беа лути поради наредбата да се запре офанзивата, до кое дојде под силен притисок на западните сили, кои се обидуваа да постигнат прекин на огнот, но и поради фактот што на борците на ОНА, на 25 јуни, им беше дозволено, со помош на НАТО, да се евакуираат од селото.

Истата вечер, голема група незадоволни луѓе, придружувана од бројни припадници на безбедносните сили од Арачиново, упаднаа во зградата на Собранието во Скопје, обвинувајќи го државниот врв за предавство, бидејќи се согласил на прекин на огнот и побараа офанзивата да продолжи.

Гзим Острени, во 2001 командант на УЧК. Фото: БИРН

Мировниот договор спречи понатамошна ескалација

Конфликтот продолжи и во август 2001. година, кога американските и ЕУ дипломати се подготвуваа за мировните преговори меѓу лидерите на македонските и албанските политички партии во земјата, под покровителство на Трајковски.

ОНА, во меѓувреме, ја смени реториката. Наместо протерување на безбедносните сили „од албанската територија“, во соопштенијата за медиумите, нејзините претставници почнаа да истакнуваат дека нивната борба била за поголеми права на албанското население.

Но, обидите да се обезбеди мир, се соочија со сериозни предизвици кога на 8 август, десет воени резервисти, беа убиени во заседа во месноста Карпалак, на автопатот меѓу Скопје и Тетово.

Два дена подоцна, на 10 август, беше извршен уште еден масакр кога скопското подрачје го потресоа две експлозии на мина, во кои загинаа осум војници во скопското село Љуботен, инцидент кој предизвика пролонгирање на конфликтот.

Убиствата се случија за време на преговорите за постигнување мировен договор, кои завршија на 13 август, кога свој потпис на договорот ставија претседателот Трајковски и лидерите на тогаш четирите најголеми партии – социјалдемократите, десничарската ВМРО-ДПМНЕ, Демократската партија на Албанците и Партијата за демократски просперитет.

Охридскиот договор предвидуваше распуштање на ОНА, од која подоцна произлезе Демократската унија за интеграција (ДУИ), која прерасна во најголема албанска партија во земјата и која е дел од владејачката коалиција.

Со мировниот договор, не дојде до федерализација на државата, која го задржа унитарниот карактер, но дојде до измени на уставот, со што се воведе позитивна дискриминација на албанското население во јавниот сектор, во армијата и во полицијата. Дозволена беше и поширока официјална употреба на албанското знаме и јазик.

Две децении подоцна, и покрај одложувањата во спроведувањето на договорот и политичките препукувања, сите одредби од Охридскиот договор беа спроведени, вклучително и планираното вработување на повеќе припадници на националните малцинства во државните институции, со цел да се исполнат целите за еднаква застапеност.

Минатата година, делумно како резултат на трајниот мир, Северна Македонија стана членка на НАТО, што беше заедничка цел и на Македонците и на Албанците во земјата. Повеќето граѓани од обете етнички групи, се надеваат дека следното е членство во ЕУ.

„Сега сме на добар пат, полека се оддалечуваме од преголемото фокусирање на етничките прашања и повеќе се фокусираме на функционалните прашања, создавајќи праведна држава, подобра демократија и поголем просперитет за нашите граѓани“, нагласува Биљали.

Членовите на ОВК го предаваат оружјето на американските маринци од 26. маринска експедициска дивизија во Косово, 1999 година Фото:Википедија

Раните заздравуваат, но лузните остануваат

Во конфликтот во 2001 година, загинаа 72-ца војници и полицајци. Многу од нив беа убиени во герилските операции на ОНА и во заседи. Точниот број на убиени борци на ОНА е сè уште непознат и тој варира од околу 100 до неколку стотици.

Вкупниот број на цивилни жртви е исто така прашање на претпоставки. Во книгата што Министерството за внатрешни работи ја објави за конфликтот, се вели дека ОНА убила десет цивили. Но, точниот број на убиени цивили во селата со албанско население, кои безбедносните сили во некои случаи силно ги гранатираа, е непознат.

Некои од оние кои учествуваа во конфликтот како борци, и денес се незадоволни.

За време на конфликтот, Борче Давидов, таксист од Прилеп, возел оклопен транспортер и учествувал во офанзивата на безбедносните сили на Арачиново, каде во минофрлачки оган изгубил колега. Давидов сè уште верува дека вооружените сили можеле да извојуваат победа над ОНА, доколку тоа им било дозволено.

„Но, спроведувањето беше слабо и бавно. Политиката се мешаше од самиот почеток. На првиот ден од офанзивата (во Арачиново) ни беше наредено да се вкопаме додека бевме на половина пат (кон селото). Бевме огорчени затоа што сакавме да продолжиме да напредуваме, но командантите или не го сакаа тоа или се плашеа, не знам … “, вели тој.

„Еден колега од мојот вод почина на најглупав можен начин. Додека ние копавме наместо да напредуваме, непријателот точно ја одреди нашата локација и започна да не гранатира со минофрлачки оган. Една од гранатите го уби. Се разбира, бевме многу бесни, лути, но кој не би полудел во таква ситуација?“, вели тој.

Давидов потенцира дека никогаш нема да заборави низ што поминал.

„Би лажел ако кажам дека и денес не сум лут. Во принцип, јас не ги обвинувам Албанците, туку терористите. Тие ги убиваа нашите луѓе, ги масакрираа. Но, научив да не очекувам ништо од никого, бидејќи на некој начин бевме предадени од нашите команданти и водачи“, истакнува тој.

Се проценува дека во конфликтот биле раселени до 170.000 луѓе. До 2005 година, поголемиот дел од нив се вратиле во своите домови, освен околу 2.000 Македонци и Роми, од кои некои сè уште се раселени.

68-годишната Даница, е една од оние кои никогаш не се вратиле во нејзиниот дом. Нејзиното семејство побегнало од предградието на Арачиново, штом се слушнале првите куршуми. Таа денес живее во Скопје. Тие одбиле да се вратат во Арачиново затоа што се плашеле од можна одмазда од нивните соседи Албанци.

„Се плашев да се вратам по сè низ што поминавме. Нашата куќа беше сериозно оштетена, неколкупати беше ограбувана, а на sидовите беа испишани графити со кои им се посакуваше смрт на Македонците. И сето тоа го направија некои наши соседи. Тоа најмногу ме боли, затоа што живеевме заедно со некои од овие луѓе“, вели Даница.

На крајот, некои други албански соседи им помогнале да ја продадат својата парцела и она што останало од куќата, по фер цена.

„Тие лесно може да не уценат да ја продадеме по многу пониска цена. Затоа што знаеја дека нема да се вратиме. Но, се покажа дека тие беа искрени и донесоа купувач, па на крајот можевме да го купиме овој стан во Скопје“, објаснува Даница.

„Им благодарам за тоа, но ќе носам трауми до крајот на мојот живот. Таквите работи не се забораваат“, додава таа.

Потпишување на Рамковниот договор во Охрид. Фото: МИА

Граѓански права, но без соодветно водоснабдување

52-годишниот Дритан од Арачиново, можеби во битката во ова село, се порел против Борче Давидов, од другата страна на борбената линија. Имено, Дритан бил член на ОНА и сè уште живее во истата куќа во Арачиново, како и во 2001 година.

Тој тврди дека незадоволството на Албанците од властите било базирано на факти.

„Во тоа време ништо добро немавме од Македонците. Од време на време, полицијата влегуваше во селото, правеше хаос, а потоа заминуваше … Значи, целото село беше ОНА, што е разбирливо“, вели тој.

Денес, Дритан води сопствен бизнис, често патува во Скопје, каде студира и неговата ќерка, која има многу пријатели Македонци.

„Што се случи, се случи. Не можеме да го вратиме часовникот назад. Но, сега живеам за своите деца. Се надевам дека нашата земја ќе биде подобра за нив, отколку што беше за мене“, нагласува тој.

„Ќерка ми денес има многу пријатели Македонци и јас сум особено среќен поради тоа, затоа што има поинакво искуство од моето. Излегуваат заедно, учат заедно. Нејзините пријатели дури еднаш или двапати беа во посета (во Арачиново)“, додава тој.

Дритан вели дека сега има други грижи. Бидејќи живее во повисокиот дел на селото, има проблеми со водоснабдувањето и нема адекватен канализациски систем, што во голема мера влијае на неговиот секојдневен живот.

„Добро е што стекнавме права. Јазик и сè друго. Но, само тоа нема да го нахрани моето семејство и нема да го подобри животот во селото“, објаснува тој.

„Потребни ни се патишта и подобро водоснабдување, бидејќи половина од селото сè уште има проблеми. Но, никој од политичарите не се грижи за тоа – ниту Албанците, ниту Македонците. Тоа денес ме загрижува“.

Напуштена куќа која потсетува на битката од пред 15 години

Напуштена куќа која потсетува на битката од пред 20 години

За воени злосторства осуден само еден Македонец

По конфликтот во 2001 година, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), се заинтересира за четири случаи поврзани со наводните злосторства извршени од припадниците на ОНА. Но, во 2008 година, МКТЈ ги врати случаите на македонското судство, без да подигне обвинение.

Потоа во 2011 година, владејачката коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, изгласа амнестија за четирите случаи, образложувајќи дека осомничените ги исполнуваат условите за помилување, што разлути многу Македонци.

Во еден од овие случаи, раководството на ОНА беше обвинето за командна одговорност за наводни злосторства извршени од бунтовничките сили. Во друг случај, бунтовниците беа осомничени дека заробиле и мачеле неколку градежни работници.

Третиот опфаќаше обвинувања против бунтовниците на ОНА за неколкумесечното прекинување на водоснабдувањето на Куманово, а четвртиот ги товареше бунтовниците за киднапирање и убиство на 12 Македонци и еден Бугарин.

Единствениот осуден за воени злосторства поврзани со конфликтот во 2001 година, беше полицискиот командант, Јохан Тарчуловски. МКТЈ го осуди дека водел полициска единица која убила албански цивили и извршила други злосторства во селото Љуботен. Во истиот случај, поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, беше ослободен од сите обвиненија.

Тарчуловски издржа осум години од својата 12-годишна затворска казна и беше ослободен на почетокот на 2013. Кога се врати во Северна Македонија, ВМРО-ДПМНЕ му приреди херојски пречек.

Тој потоа беше избран за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, која подоцна беше сменета од власта, поради обвинувања за корупција и авторитарно владеење.