Вести

Познати првите советници на претседателката

Сиљановска-Давкова ангажирала тројца надворешни соработници

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ангажирала тројца надворешни советници како дел од својот претседателски кабинет. Нивните имиња се уште не се објавени на официјалната интернет-страница на претседателката, иако помина повеќе од еден месец откако таа е на функцијата. На барање на БИРН, претседателскиот кабинет ги соопшти имињата на советниците.

Сиљановска-Давкова го ангажирала Жидас Даскаловски, професор по управување со човечки и социјални ресурси и по геополитика на Факултетот за безбедност, за надворешен соработник за меѓународна политика. Тој е жесток критичар на Договорот од Преспа, а беше гласен и при неговото потпишување кога беше и говорник на протестите против него. На јавната сцена е присутен повеќе од петнаесет години, во почетокот како еден од челните лица на невладината организација Центар за истражување и креирање политики.

За надворешен советник за прашања поврзани со европските интеграции, претседателката го одбрала Златко Јанковски, поранешен портпарол на Секретаријатот за европски прашања во владата на Никола Груевски. Тој беше еден од основачите и овластено лице на институтот „Павел Шатев“, активен во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ до 2017 година, особено во спроведувањето испитувања на јавното мислење, кои голема предност ѝ даваа на тогаш владејачката партија. Во работната кариера, Јанковски беше ангажиран и во кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Лина Рангелова, студентка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ е изборот на Сиљановска-Давкова за надворешен соработник за прашања поврзани со младински и студентски политики. Таа е втора година на студии, а лани освоила награда на ораторските вечери на тема „Зошто не за уставните измени“. Активен член е на ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, од претседателскиот кабинет претходно информираа дека генерален секретар е Ѓорги Божинов правник со над 26 години работно искуство. За разлика од него, името на заменикот генерален секретар Горан Момироски е попознато во јавноста. Тој е долгодишен новинар кој последните години ги помина во телевизијата Алфа како коавтор на емисијата „Заспиј ако можеш“.