Со развојот на новите технологии, како што нашите животи се повеќе се селат на интернет, така се зголемуваат и ризиците со кои што сме соочени. Со развојот на вештачката интелигенција сведочиме на подем на дигиталните форми на сексуално насилство, каква што е т.н. одмаздничка порнографија.
Таков пример беше групата на Телеграм „Јавна соба“ во која што неовластено се споделуваа експлицитни фотографии и видеа на жени и девојки од Македонија во 2020 и 2021.
Со генеративната вештачка интелигенција и дипфејкот, денес жртвата воопшто не мора да има снимено оригинална експлицитна содржина за да биде злоупотребена. Доволно е да има објавено најобични семејни, работни или други фотографии и да се изработат порнографски содржини со нејзиниот лик.
БИРН истражува колку е распространета оваа појава во македонското општество и како тоа влијае врз нашето однесување на интернет. Сакаме да слушнеме што се случува со жртвите, дали пријавуваат и како се процесуираат нивните пријави. Исто така, сакаме да дознаеме дали оние што не биле жртви досега, поради оваа појава го менуваат начинот на кој што го користат интернетот и социјалните мрежи за да се заштитат.
Сакаме да слушнеме од вас кои сте биле жртви на вакви злоупотреби или пак стравувате од вакви злоупотреби во иднина.
Прашалникот е целосно анонимен, а вашите одговори се безбедни и шифрирани. БИРН нема да објави никакви лични податоци без претходна согласност.
За да го споделите вашето искуство со нас, пополнете го формуларот.