Анализи

Предметот за прислушувањето се лизна на ненаправен „copy-paste“

Апелациските судии девет месеци испитувале „фелер“ пресуда

Скопска Апелација, по јавниот притисок и по укажувањето на Врховниот суд, вчера го објави решението со кое ја укина пресудата за масовното прислушување во предметот „Таргет-Тврдина“.

Решението има нецели 25 страници, а објаснувањето зошто е укинат предметот е на нешто помалку од седум страници.

Впечатокот е дека во многу голем дел, второстепените судии ги прифатиле тезите на одбраната на обвинетите, а им биле спорни тезите што пред судот ги пласирало обвинителството.

Но, се чини дека апелационите судии немале многу тешка задача да го укинат предметот.

Првин нашле дека во првостепената пресуда не бил напишан описот на кривичните дела за кои обвинетите биле огласени за виновни.

Овој процедурален преседан е од таков карактер, што второстепените судии морале да ја укинат пресудата.

Со други зборови, тоа значи дека во записникот од објавата на пресудата не бил ископиран диспозитивот на обвинението, или правно речено, изворникот (изреката на пресудата содржана во записникот за главна расправа) и писмениот изготвен примерок на пресудата не соодветствуваат.

Во решението на Апелација пишува дека судиите и поротниците, откако се советувале и гласале, ја објавиле првостепената пресуда, но во неа пишувало само за кои кривични дела обвинетите се огласени за виновни и кои казни им биле изречени, „без да се внесе целосната изрека на пресудата, поточно описот на кривичните дела за кои обвинетите се огласени за виновни…“

Иако изгледа дека станува збор за технички пропуст, Законот за кривична постапка пропишува дека само поради тоа пресудата треба да падне.

„Тоа не се случува ниту во предмети со сообраќајки“, ни рече судија-кривичар со кого разговараше БИРН.

„И сѐ друго да е како што треба во пресудата, само на оваа околност пресудата се укинува“.

Тоа, како што ни кажа судијата, е работа на записничарите, кои треба со копи-пејст да го внесуваат диспозитивот во записникот од главната расправа.

Останува енигма зошто диспозитивот не бил ископиран.

Но, кабает се и апелациските судии.

Нив им биле потребни цели девет месеци да заклучат дека добиле „фелер“ пресуда, во која се прекршени членовите од Законот за кривична постапка.

Апелациските судии, со ваква пресуда воопшто не би морале да навлегуваат во анализа на фактите, бидејќи само по таа основа пресудата би требало да падне.

Колкав е бројот на прислушуваните броеви

Aпелационен суд Скопје | Фото: БИРН

Освен овој „дефект“, судиите напишале дека нивните колеги од првостепениот суд точно не утврдиле колку вкупно броеви биле прислушувани, во кој временски период биле следени комуникациите и преку кои три уреди.

Едните податоци биле на хард-дискот што во судската постапка за предметот „Пуч“ бил одземен од обвинетиот Звонко Костовски, кој беше сведок во оваа постапка. Другите податоци се од хард-дискот што СДСМ го достави до СЈО, а третите податоци се од посебните истражни мерки спроведени во рамките на предметот „Пуч“.

Ова е „од влијание за правилна примена на материјалното право“, пишува во решението на Апелација.

Судиите пронашле „весела математика“ во првостепената пресуда, па тврдат дека на едно место во пресудата пишува дека биле следени вкупно 6.741 телефонски број преку мобилните оператори One VIP, ама вкупниот број на следени бореви по периоди е нешто над 4.600.

Обвинителството, пак, во текот на судењето појаснуваше дека сите следени телефонски броеви не се земени предвид. Нејасно е дали ова го ценеле второстепените судии.

Апелација забележува и дека, иако времето кога обвинетите се товарат дека го сториле кривичното дело од 2008 до 31 декември 2015 година, вештакот во вештачењето го опфатил и периодот до 16 декември 2016 година, „што е надвор од временскиот период што им се става на товар на обвинетите со поднесеното обвинение прецизирано на главна расправа, период кој е прифатен за утврден и од страна на првостепениот суд“.

Ова „екстра време“ од една година за вештачењето најверојатно се однесува на предметот „Тврдина“ бидејќи го опфаќа периодот на уништувањето на опремата за прислушување, кое се случи по 2015 година.

Прислушувал ли и операторот освен УБК?

Судење за „Таргет-Тврдина“ | Фото: БИРН

Апелациските судии отвораат многу важно прашање.

Прашуваат како првостепениот суд можел да утврдува факти од доставената Анализа на обемот на незаконски следените комуникации, бидејќи „по форма е службена белешка, како што е и насловена, а за која и самиот суд констатира дека е нецелосна и непотполна, што е во спротивност со одредбите од Законот за кривична постапка“.

Апелација го зела предвид мислењето на техничкиот советник што го ангажирале обвинетите, кој утврдил „неправилности и воочени разлики во податоците, кои вештото лице детално ги презентирало во писмениот наод и мислење, а кои отвораат прашања за маркирањето на телефонските броеви“.

Но, она што е особено битно е тоа што Апелација де факто ја отвора можноста дека прислушувала, не само некогашната УБК, туку и операторот, што, пак, произлегува од анализата на техничкиот советник на одбраната.

„Начинот на маркирање телефонски броеви во О.В., а посебно на околноста за телефонски броеви што биле само маркирани следени кај операторот О.В., а не биле следени и маркирани од страна на УБК, како што утврдува вештото лице д-р М. К“.

Вредноста на опремата за прислушување споредувана со цени од интернет

Четворицата обвинети службеници во УБК не се жалеле на првостепената пресуда | Фото: БИРН

Колку чинела опремата за прислушување. И ова прашање побудило нејаснотија кај второстепените судии.

Напишале дека вештакот што го ангажирало Обвинителството ја утврдувал пазарната вредност на опремата, односно вештачел за опрема и машини со утврдена вредност на делови, споредувајќи ги со такви делови од интернет-страници.

Како што пишуваат, тоа отвора сомнеж бидејќи опремата за прислушување не може да се најде на слободниот пазар „и вредноста не може да се утврди ни приближно и начинот на купување и вредноста е строго договорна меѓу производителот и државата, која се јавува како купувач, и деловна тајна е на производителот кои делови ги има опремата“.

Поединечната вредност на деловите од системот му противречи на вештиот наод и мислење што го изготвила одбраната врз основа на сметководствената вредност според годината на производство, амортизација и техничкиот напредок на ИТ опремата.

Четворицата обвинети службеници во УБК не се жалеле на првостепената пресуда, но второстепениот суд по службена должност постапувал како тие да поднеле жалби.

За иронијата да биде поголема, апелациските судии што девет месеци одлучуваа за предметот, во напатствијата на своите колеги од првостепениот суд им навеле да внимаваат да не застарат делата.

Предметот веќе го доби нов судија. Дотогаш фактичката состојба останува да се цени по две пресуди. Првата по осудената Елена Џ. Која призна дека бришела траги од серверите во МВР и пресудата за незаконско снимање на Звонко Костовски, со која беше осуден на затвор од една година.