Анализи

Психолошките тестови – кочница за избор на нови судии

По осум години, првпат се проблематизира недостигот од акредитирани тестови

Оставките на Зоран Герасимовски и Мирјана Радевска-Стефков го фрлија во сенка вчерашниот брифинг на претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, кој пред петнаесетина новинари, еден час говореше дека изборот на судии е блокиран поради неможноста кандидатите што сакаат да бидат избрани во повисок суд да полагаат психолошки тестови.

Законот пропишува обврска тестирањето да го прави целосно акредитирана институција, но во Македонија таква фирма нема.

Забошотено од јавноста

Претседателот Георгиев и членовите Мустафа и Николовски Судскиот совет | Фото: БИРН

„Вие сте еден од виновниците што го блокира изборот на осум судии во скопска Апелација“.

Меѓу вревата, упаѓањето во зборот и „борбата“ за дневниот ред, на 26 април, на спорната седница на Судскиот совет, кога седуммина членови брзопотезно ја разрешија Весна Дамева од функцијата претседател, камерите ја регистрираа и оваа изјава од тогашниот нејзин заменик, Селим Адеми.

Тој, говорејќи за меѓучовечките односи во Советот, рече дека Дамева не потпишала анекс на договорот со фирма за спроведување на психолошките тестови и тестовите за интегритет за идните судии и за судиите што треба да бидат избрани во повисок суд.

Но, неговата изјава за психолошките тестови од пред еден месец се најде во втор план, во споредба со детронизирањето од функцијата на поранешната претседателка.

Оваа бурна седница го покажа само брегот од „ледената санта“, под која се крие неколкумесечниот електрицитет меѓу членовите за тоа кој е во право.

А причината за ова докажување е прашањето дали Советот смее да потпише анекс на договорот со фирмата „Виста груп“ и со Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, бидејќи, иако Законот за судови тоа го бара тоа, во Македонија не постои акредитирана фирма што спроведува вакви тестови.

Во 2018 година, со одлука на парламентот, беше укината обврската за полагање психолошки тестови за јавната администрација, со образложение дека прават многу трошоци и се лесни за манипулација, но тие останаа како обврска за избор и унапредување судии.

Така беше до скоро, до последниот избор на врховни судии, кога приватната агенција „Виста“ и Психолошката лабораторија при Институтот за психолошки и политичко-правни истражувања изготвиле стручно мислење од психолошките тестови за сите кандидати што биле пријавени.

Владата одамна знае

Дамева прва ја отвори Пандорината кутија со психолошките тестови | Фото: БИРН

Поранешната претседателка од јануари годинава почнала да ги алармирала владата, премиерот и вицепремиерката дека има проблем, односно дека на 16 декември лани истекол последниот анекс на договор на Судскиот совет со „Виста“ и со Институтот, кои со години ги спроведувале психолошките тестови.

Георгиев, на вчерашниот брифинг информира дека поранешната претседателка побарала и добила дециден одговор од Институтот за акредитација дека во Македонија нема акредитирана фирма за полагање психолошки тестови.

А во Законот за судовите пишува дека за спроведувањето на психолошкиот тест и првиот дел од тестот за интегритет, Советот „ангажира стручни лица од независна и целосно акредитирана професионална институција“.

Дополнително, психолошкиот тест се спроведува врз основа на меѓународно признати психолошки тестови, кои се применуваат во најмалку една од земјите-членки на Европската Унија и ОЕЦД.

На сите овие ургенции, стигнал одговор од Министерството за правда дека проблемот е решен. Кандидатите да полагаат во Академијата за судии и јавни обвинители.

Но, ставот на Академијата бил дека нивните психолошки тестови се за кандидатите за судии и обвинители и дека имаат договор со кој практично не можат тестовите да ги даваат на други институции. Впрочем како што веќе објавивме и тие тестови не се од акредитирана институција.

Две години од огласот за избор на осум судии

Неизвесно е дали и кога Советот ќе расправа за избор на судии во Скопска Апелација | Фото: БИРН

8 јули 2021. Меѓу многубројните одлуки во Службен весник се најдоа неколку огласи на Судскиот совет. Еден од нив беше и огласот за избор на осум судии во Апелацискиот суд во Скопје и четворица судии во Врховниот суд.

Изборот делумно помина. Избрани беа само двајца од четворица судии.

Но, судите што сакат да напредуваат во Апелација, допрва треба да полагаат психолошки тестови. Записник на Судскиот совет од 17 мај 2022 година открива дека на огласот за осум судии во скопска Апелација се јавиле 57 судии.

Од ланскиот мај до мај оваа година помина точно една година. Во Судскиот совет се случија неколку избори, а судиските места во скопскиот Апелациски суд останаа празни.

Главната причина се токму психолошките тестови и тестовите за интегритет. Нив, кандидатите ги плаќаат по 2.500 денари. Без положени тестови изборот за судија, унапредување на судија или за претседател на суд е невозможен.

Aлармот одамна ѕвони

И да бидат избрани осумтемина судии во Апелација, тоа нема да го реши проблемот со приливот на предмети | Фото: БИРН

Скопска Апелација е најоптоварениот суд меѓу четирите апелации. Таму треба да судат 51 судија, а моментално има половина од тој број, односно 27.

Оттаму нѐ информираа дека по скорешното разрешување на нивен колега, 400 предмети им ги прераспределиле на седуммина судии, кои веќе имаат за судење по околу 500 предмети.

Дека овој суд, кој е постојано мета на критики во јавноста, мака мачи да го совлада приливот на предмети, говори и тоа што во годишниот извештај за судовите за последниот квартал од ланската година, пишува дека има 6.892 нерешени предмети од претходната 2021 година. Лани стигнале нови 4.103 предмети, за на почетокот од годинава судот да има во работа речиси 11 илјади предмети.

Во останатите три апелациски судови, бројот на предмети е нешто над 2.000 годшно.

Затоа и просечното време на решавање на еден предмет е најголемо – 601 ден или речиси две години.

И доколку бидат избрани овие осуммина судии, повторно нема да биде постигнат потребниот број, но барем ќе се ублажи недостигот од делители на правдата.