Актуелно

Референдумска кармакаша

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Референдумот не е избори, има само една страна и тоа е овластениот предлагач – Собранието“, велат од ДИК | Фото: Flickr на Влада на РМ

Месец и половина пред референдумот за Договорот со Грција, кој треба да се одржи на 30 септември, сѐ уште многу работи поврзани со кампањата, нејзиното финансирање и со улогата на медиумите во овој процес се нејасни за граѓаните.

Забуна има и за тоа кои правила од изборите важат за референдумот, а кои не.

Некои делови од Изборниот законик ќе важат за референдумот и тоа придонесува да се појави впечатокот дека правилата за избори ќе се применуваат и во делот на референдумската пропаганда, но од Државната изборна комисија (ДИК) за БИРН објаснуваат дека тоа воопшто не е така.

Оттаму велат дека референдумот не може да се спореди со избори, на него има само една страна и тоа е овластениот предлагач, што во случајов е Собранието, и дека ако има некакви права и обврски околу пропагандата, тие се однесуваат само и само на овластениот предлагач.

Ова ги отвора прашањата дали сите страни ќе имаат еднаква можност да ги презентираат своите ставови и дали сите ќе бидат мониторирани како и од каде трошат пари.

Можност за неконтролирано трошење за пропаганда

Владата иако ќе троши, нема обврски за отчетност зошто не е овластен предлагач | Фото: Flickr на РМ

ДИК е на ставот дека само Собранието како овластен предлагач има право на посебен простор во медиумите за водење пропаганда, и тоа се оние дополнителни девет минути на телевизија во рамките на еден час, кои партиите ги делат за време на избори.

Според толкувањето на ДИК, доколку Собранието го искористи дополнителниот простор од девет минути, сите други, вклучувајќи ги Владата и министерствата, #Бојкотирам и некои трети страни ќе треба да се огласуваат во комерцијалниот дел заедно со рекламите на компаниите што секојдневно се емитуваат на телевизиите.

Во оваа позиција, Собранието е повластено од аспект на тоа дека има дополнителен простор, меѓутоа повластено е и од аспект на цените, бидејќи тие треба да бидат средна вредност од цените на рекламите во последните три месеци, додека во комерцијалниот дел нема такво правило.

Меѓутоа има барем уште неколку дилеми.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери неофицијално ја отфрлил можноста Парламентот да троши за референдумот и ако тој нема да ги користи дополнителните девет минути, во таков случај ДИК вели дека „неискористените термини може да се доделат на други субјекти, под услови што ќе бидат договорени со медиумот“.

Затоа хипотетички е возможна ситуација во која референдумска пропаганда ќе има и во тие дополнителни девет минути и надвор од нив.

Сето ова не значи дека токму вака ќе се одвива кампањата, оти и според ДИК последниот збор го има Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги и нејзиниот став долева уште нејаснотии околу целиот процес.

Aгенцијата дури денеска ќе одлучува дали ќе биде овозможено дополнителното време од девет минути, кое обично следува за избори, а во меѓувреме советува дека јавната пропаганда треба да биде во рамките на комерцијалните минути и да биде соодветно обележана. Овој медиумски регулатор смета и дека законот не му дава привилегирана позиција на Собранието.

Од друга страна, Владата и министерствата веќе се подготвуваат да го одврзат ќесето, иако не се овластени предлагачи.

Засега не кажуваат колку ќе потрошат и на каков начин.

Следејќи ги насоките на ДИК, може да се заклучи дека нема да биде контролиран начинот на кој Владата, некој друг како движењето #Бојкотирам или сосема трети страни ќе ја финансираат својата пропаганда.

Владата ветува транспарентност, меѓутоа нема конкретна законска обврска за тоа.

Од Државната изборна комисија повторуваат дека референдумот не е избори и оти во овој случај не треба засегнатите страни да отвораат посебни банкарски сметки за парите што ќе ги потрошат и не треба да именуваат овластени лица, како за време на избори.

И на крајот од денот може да се случи до ДИК да биде поднесен само еден финансиски извештај, како што бара Законот за референдум, и тоа е оној на Собранието, и во него да стои салдо „нула“ и никогаш да не дознаеме колку пари на пропаганда потрошиле другите засегнати страни и кое е нивното потекло.

Кампањата законски веќе тече

Ќе имаат ли каде граѓаните да се жалат за неправилности на референдумот? | Фото: Роберт Атанасовски

Од ДИК потенцираат дека паралелата со избори не важи ниту во делот за тоа колку трае кампањата.

Ако за избори се дозволени само 20 дена за кампања, јавната пропаганда за референдумот може да се води од денот на распишување на референдумот, што во овој случај е 31 јули 2018 и завршува два дена пред гласањето.

Затоа премиерот и министрите на Фејсбук веќе почнаа да споделуваат платени постови, меѓутоа сѐ уште сериозно не стартувала традиционална пропаганда со спотови, плакати, билборди и со огласи во весници.

Во меѓувреме, покрај телевизиите и весниците, ценовници за референдумска пропаганда до ДИК поднесоа и порталите, факт што ги алармираше медиумските здруженија и новинарскиот синдикат. Овој потег укажува на тоа дека ДИК ќе ги спроведува новините од Изборниот законик, кои предвидуваат токму оваа државна комисија да ги регулира онлајн-медиумите, што според медиумската заедница е неприфатливо.

Од една страна, ваква практика во светот речиси и да нема, а од друга страна ДИК нема капацитет за каков било мониторинг на медиуми.

Неофицијално, од ДИК за БИРН велат дека овој дел од Изборниот законик е просто неприменлив и дека, и покрај тоа што порталите поднесуваат ценовници, мониторирање едноставно ќе нема.

„Не можеме да контролираме океан“, велат од ДИК.

Оттаму очекуваат проблеми да се појават и во случај кога граѓанин ќе поднесе приговор за гласањето или нешто друго поврзано со референдумот и нема да биде задоволен од решението на ДИК.

Законот за референдум во таков случај граѓанинот го упатува да прати жалба до Врховниот суд, а не до Управниот, како што е за време на избори.

Овде, како што толкуваат од ДИК, може да се случи проблем, бидејќи со формирањето на Управниот суд, Врховниот ги изгубил ингеренциите за управни постапки и не се знае како овој суд ќе реагира во случај на жалба во врска со референдумот.