Регион

Русија ja критикуваше одлуката на Хашкиот трибунал да не го ослободи Младиќ

Москва соопшти дека е „изненадена“ од одбивањето на Хашкиот трибунал, привремено да го ослободи поранешниот воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, и да му дозволи, поради здравствени причини, да отпатува во Русија.

Пишува: Филип Рудиќ, Белград

Ратко Младиќ во судница

Руското министерство за надворешни работи, ја критикуваше одлуката на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), да го одбие барањето за условно ослободување на поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, за да може да отпатува на лечење во Русија.

„Одбивањето, Србинот, Младиќ, да се префрли на медицински третман, е илустративно за хашката правда. Трибуналот, досега, за помалку сериозни причини, има одобрувано привремено пуштање на слобода на осуденици“, се вели во соопштението на ова министерство, објави новинската агенција ТАСС.

Затоа, смета Москва, одлуката на Меѓународниот суд и неговите аргументи „може само да предизвикаат конфузија“.

Хашкиот трибунал одби да го ослободи Младиќ, кој е обвинет за воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина, 1992-1995 година, поради тоа што смета дека во притворот, тој има соодветен медицински третман.

Младиќ, пред апсењето и екстрадицијата во Хаг во 2011 година, претрпел два мозочни удари.

Одбраната на Младиќ, во март побара обвинетиот да биде привремено ослободен заради лекување во Русија.

Како што се наведува во нивниот поднесок, здравствената состојба на 74-годишниот Младиќ е „комплицирана и потенцијално опасна по неговиот живот“, па затоа е потребна хоспитализација на нивниот клиент, со цел „да се ублажат ефектите од шестгодишниот притвор“.

Адвокатите доставија мислења од тројца лекари, кои наведуваат дека на Младиќ не му се пружа соодветен третман во притворот и дека овие пропусти водат до „сериозно влошување на здравствената состојба“.

Додадоа дека Русија е подготвена да обезбеди гаранции оти тој ќе се врати на повик на судиите.

Обвинителите Питер Мекклоски и Алан Тигер, се спротивставија на ова барање, поради, како што наведоа, фактот дека Младиќ пред апсењето бил 16 години во бегство, што „претставува значителен ризик дека тој ќе одбие да се врати пред МКСЈ, ако биде пуштен на слобода“.

„Неговата долга историја како бегалец од правдата и сериозноста на обвиненијата против него, претставуваат зголемен ризик, тој да побегне пред изрекувањето на пресудата“, велат обвинителите.

Мекклоски и Тигер истакнуваат дека Младиќ во хашкиот притвор добива редовна и соодветна здравствена заштита.

Младиќ беше уапсен во 2011 година во селото Лазарево, во близина на Зрењанин, по 16 години поминати во бегство.

Пред МКТЈ му се суди за геноцид во Сребреница, за протерување на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина, кое достигнало ниво на геноцид во неколку општини во БиХ, за тероризирање на граѓаните на Сараево и за земање на мировници на ООН како заложници.

Во декември минатата година, пред Трибуналот, и обвинителството и одбраната ги изведоа своите завршни зборови.

Изрекувањето на пресудата на Младиќ е планирано во ноември.