Регион

Шешељ во реално шоу му се потсмева на Хашкиот трибунал

Воислав Шешељ, во реално шоу презеде улога на судија, потсмевајќи му се на Хашкиот трибунал, кој повторно му испрати предупредување во врска со неговото присуство на претстојната жалбена расправа.

Филип Рудиќ, Белград

Воислав Шешељ во реалното шоу на ТВ Пинк, „Задруга“. Фото: ТВ Пинк

Трибуналот во понеделник го предупреди Шешељ, дека ќе му биде назначен бранител по службена должност, ако, откако не присуствуваше на изрекувањето на пресудата, не биде присутен и на жалбената расправа.

Ова предупредување на Трибуналот доаѓа откако Шешељ, лидер на крајно националистичката Српска радикална партија, СРП, повторно му се потсмеваше на судот, облекувајќи се како судија и изрекувајќи им „казни“ на учесниците во реалното шоу, што се емитуваше во сабота на провладината телевизија Пинк.

„Кажете ми, има ли овде некаде знаме на Европската унија, за да знам дали ноќеска ќе треба да го запалам“, рече Шешељ во реалното шоу „Задруга“, алудирајќи на инцидентот од минатата година, кога ги запали знамињата на ЕУ и НАТО.

Шешељ во оваа емисија влезе привремено, наместо редовниот учесник, Зоран Марјановиќ, кој беше уапсен поради сомневање дека ја убил својата сопруга, познатата српска пејачка, Јелена Марјановиќ.

Националистичкиот политичар во шоуто зборуваше отворено за овој случај, откривајќи, како што рече, детали од истрагата за убиството.

Тој носеше униформа слична на онаа што ја носат судиите во Хашкиот трибунал и интервенираше меѓу натпреварувачите во реалното шоу.

Сепак, некои негови следбеници, неговото учество во шоуто го дочекаа со разочарување.

„Човекот полудел. Со часови ја гледав неговата одбрана во Хаг и мислев дека е учен човек“, се вели во еден од коментарите на Фејсбук страницата на Шешељ.

„Сѐ уште се надевам дека ова е само добро ‘тролање’, бидејќи влегувањето на Шешељ во ‘Задруга’ значи дека од партијата се прави циркуска атракција“, се вели во друг коментар.

Но, има и коментари во кои Шешељ се брани. Во еден таков се вели: „Сите ‘големи моралисти’, секако, утре ќе бидат пред ТВ Пинк и ќе го гледаат реалното шоу ‘Задруга’ … Хипокрити“.

Шешељ ја чека седницата што треба да се одржи по жалбата на обвинителството, на пресудата со која тој, во март минатата година, беше ослободен по сите точки од обвинението, кое го товареше за воени злосторства извршени во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Војводина.

Судскиот совет утврди дека тој не е виновен за прогон, депортација, тортура, безобѕирно уништување и ограбување, во периодот од август 1991 до септември 1993 година.

Шешељ, во ноември 2014 година, откако му беше дијагностициран рак, беше привремено ослободен заради лекување и оттогаш е во Белград.

Не се појави на изрекувањето на пресудата. Се врати на српската политичка сцена и стана пратеник во српското Собрание. Изјави дека никогаш нема да се врати во Хашкиот трибунал.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали, ММКТ, во Хаг, во понеделник објави дека Шешељ „има право да присуствува на претстојните (жалбени) сослушувања и дека е потребно неговото присуство“.

Меѓутоа, додава ММКТ, Шешељ изјави дека „нема намера да дојде во Хаг, дури ниту на изрекувањето на второстепената одлука“.

Истакнува дека Жалбениот совет „треба да преземе соодветни мерки, со цел неговите интереси да бидат застапени на претстојниот жалбен претрес и да се обезбеди правично и експедитивно спроведување на постапката“, па затоа, на Шешељ, ако не се појави пред судот, или ако реши да присуствува преку видео врска, ќе му биде именуван бранител.

Шешељ во 2015 година учествуваше во уште едно реално шоу.

Се работи за шоуто „Фарма“, во кое беше поздравен од Кристијан Голубовиќ, осуден криминалец од подземјето, кој во тоа време беше чест учесник во реалните шоуа.