На документот до кој дојде БИРН, стои датумот 9 април 2013 година, што се совпаѓа со датумот на заедничката средба на медијаторот со претставниците на Македонија и на Грција во седиштето на ОН, по која беше соопштено дека Нимиц претставил нов предлог.
Во основата на документот е името „Горна Република Македонија“ (Upper Republic of Macedonia) што се совпаѓа со информациите објавени во тој период во македонските и грчките медиуми, како и со изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека предлогот на Нимиц е базиран на тоа име.
Ова беше прв формален писмен предлог (Proposal) од посредникот Нимиц по Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, ако се исклучат т.н. „октомвриски пакет“ од 2008 година и неговата модифицирана верзија од јули 2009 година, кои медијаторот ги именува како „работни хартии“ (Working paper).
Предлогот беше дел од поширок меѓународен план за деблокирање на евроинтеграциите на Македонија, чиј неформален координатор беше тогашниот еврокомесар за проширување, Штефан Филе.
Тој есента 2012 година им предложил на земјите-членки на Европската Унија, Македонија да ги почне преговорите за членство со ЕУ, а прашањето за името да се реши во нивната рана фаза, во период од една до две години.
Предлогот што требаше да доведе до решение за името во раната фаза од пристапните преговори е токму овој, но планот на Филе беше поткопан со настаните во Собранието на Македонија во декември 2012 година, кога пратениците од опозицијата и новинарите беа насилно избркани од`пленарната сала.
По овие случувања, повеќе земји-членки на ЕУ го загубија ентузијазмот околу Македонија и идејата на Филе.
Дополнително, иако македонските власти, по многу меѓународни инсистирања, срамежливо испратија сигнали дека предлогот на Нимиц е добра основа за затворање на спорот, Грција ја отфрли понудата од посредникот.
Кои се елементите на предлогот
Анализата на елементите на предлогот може да ги објасни причините за ваквите ставови на официјално Скопје и Атина.
Местото на придавката „горна“ (Upper) во сложеното име, како што во неколку изјави потврди и медијаторот Нимиц, е првата причина за различните позиции.
„Makedonski“ и „Makedonikos“ наместо „Macedonian“
Употребата на нетипични кованици во предлозите на Нимиц, како Macedonian/Makedonski за јазикот и Makedonsko/Macedonian за државјанството во последниот предлог, е последица на грчкиот став дека „треба да се најде начин како различните македонски идентитети во Македонија и во Грција ќе ги разликуваат трети страни и како Македонците од Македонија и грчките Македонци ќе бидат означувани во другите јазици“. Идеолог на оваа стратегија е грчкиот историчар и екс советник во грчкото МНР, Евангелос Кофос, а политички тој пристап го промовира Дора Бакојани, која беше шефица на грчката дипломатија од 2006 до 2009 година. Кофос првпат во 2005 година, а подетално и во 2009 година, ја разработи тезата дека македонскиот јазик на англиски треба да се означува со „Makedonski language“, а етничките Македонци, со терминот „Makedontsi“. Соодветно, за грчките Македонци, Кофос вели дека на англиски треба да се означуваат со терминот „Makedones“ и придавката „Makedonikos“ (од грчки Μακεδόνες).
Грција бара придавката да стои непосредно пред терминот Македонија („Република Горна Македонија“ – Republic of Upper Macedonia), а во овој предлог на Нимиц таа е пред терминот Република („Горна Република Македонија“ – Upper Republic of Macedonia), што е поприфатливо за македонската страна.
Во однос на елементите од предлогот што се поврзуваат со идентитетот, Нимиц предлага македонскиот јазик на англиски да се именува со сложенката „Macedonian/Makedonski“, при што нуди пример како тоа практично би функционирало во конкретна реченица:
„The document will be translated into English, French, Macedonian/Makedonski and Russian.“
Кованицата на Нимиц за означување на јазикот е компромис меѓу македонското инсистирање за таа намена да се користи терминот „Macedonian“ и ставот на Грција дека „Macedonian“ е неприфатлива опција, а најмногу на што може да се согласи е воведување на терминот „Makedonski“ (како што во оригинал се нарекува нашиот јазик, со латинична транслитерација).
Уште посложено решение Нимиц предлага за означување на „nationality“ што во Македонија се преведува како „националност“, со асоцијација за етничката припадност, а според меѓународното искуство и документи, всушност, е „државјанство“.
Европската конвенција за државјанство (European Convention on Nationality), ратификувана од македонскиот парламент, дефинира дека под државјанство (nationality) се подразбира „правната врска меѓу поединец и држава и тоа не е поврзно со етничкото потекло на личноста.“
За државјанството, Нимиц нуди паралелна употреба на две синтагми: „на Горна Република Македонија“ (of Upper Republic of Macedonia) и „Makedonsko/Macedonian“.
Посочениот пример од Нимиц за практична примена на ова предлог-решение е:
„She is a citizen of Upper Republic of Macedonia; alternate: She is Makedonsko/Macedonian citizen.“
Ерга омнес, ама не по грчки
За опсегот на употреба на новото сложено име и референциите за јазикот и за државјанството, во предлогот пишува дека тие ќе се користат „ерга омнес во сите меѓународни официјални контексти, вклучувајќи ги и договорите и официјалната документација“.
Сепак, иако Нимиц го користи терминот „ерга омнес“, очигледно е дека тој содржински се разликува од грчкото барање за „ерга омнес“, кое подразбира употреба на новото сложено име и во билатералните односи на Македонија со трети земји, како и дома.
Предлогот предвидува генералниот секретар на ОН да ги информира сите земји-членки за решението и да им препорача да го користат во сите официјални контексти.
Носење обврзувачки документ за билатералните односи не е предвидено, така што би останала можноста оние земји што сакаат да продолжат да го користат нашето уставно име во комуникацијата со земјава.
„Република Македонија“, според предлогот, може да продолжи да се употребува внатре во државава.
Користење на новото име на пасошите експлицитно не е наведено во предлогот и останува нејасно дали тоа треба да се подразбере под фразата „официјална документација“.
Новото име задолжително би се употребувало во ОН, ЕУ и НАТО, а Грција не би го попречувала интегрирањето на земјава под името „Горна Република Македонија“.
За комерцијалната употреба на термините „Македонија“ (Macedonia) и „македонски“ (Macedonian), Нимиц предлага двете страни да усогласат договори базирани на неексклузивност, така што би постоело „Македонско вино, произведено во Грција“ и „Македонско вино, произведено во Горна Република Македонија“.
Медијаторот ниту директно ниту индиректно не сугерира уставни измени во фазата на имплементација на решението, а суптилно отфрла референдум, наведувајќи дека од наша страна ќе бидат потребни „обврзувачки, дефинитивни и неповратни процеси, вклучувајќи парламентарна и извршна акција“.