Анализи

Што сѐ „Можеме“ за медиумите

Владините политики за медиумите се потпираат на ветувањата на коалицијата „Можеме“ | Фото: Роберт Атанасовски

Конечно реформа на Македонската радио-телевизија (МРТ), продолжување на субвенциите за весниците, воведување нова мерка за помош на локалните и на регионалните телевизии и борба против лажните вести, ова се најзначајните политики поврзани со медиумите што се поместени во Програмата за работа на владата за периодот од 2020 до 2024 година, која беше објавена минатата недела пред формалното гласање на новиот владин кабинет.

Во програмата на старо-новата влада најавена е и подобра регулатива за медиумска сопственост и концентрација, меѓутоа нема повеќе детали за оваа реформа. Оваа заложба ја имаше и програмскиот документ на претходниот министерски состав, кој, исто така, го предводеше Зоран Заев.

Владините политики во сферата на медиумите за следните четири години претежно се потпираат на ветувањата на коалицијата на СДСМ, наречена „Можеме“, а со нивното вметнување во владината програма зад нив застанува и коалицискиот партнер ДУИ.

Нема пречки за реформи во МРТ и во АВМУ

За МРТ, или по ново Националната радио-телевизија, во програмата пишува дека „во следните четири години, фокусот ќе се стави на развој на вистински јавен сервис, кој ќе информира навреме и точно и ќе ја штити јавноста од дезинформации.

Ветувањето за високопрофесионална и независна МРТ не е ново.

Претходниот состав на истото владејачко мнозинство, предводено од СДСМ и од ДУИ, ги смени клучните закони и објави конкурс за нови членови на Програмскиот совет на јавниот сервис, меѓутоа изборот го блокираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со тоа што претседавачот на надлежната собраниска комисија, Илија Димовски, упорно не ја ставаше оваа точка на дневен ред.

Во меѓувреме, МРТ си продолжи по старо. Програмскиот совет работи со истечен мандат, а претходно го реизбра стариот директор од 2012, Марјан Цветковски, и постави нов Надзорен одбор.

Програмскиот совет на МРТ е најважното тело на јавниот сервис.

Се поставува како дилема е дали ќе се оди со нов конкурс за Програмскиот совет на МРТ или ќе се спроведе оној стариот, кој е блокиран година и половина

Тој ги избира и ги разрешува директорот на МРТ и неговиот заменик, дава согласност за именување или разрешување на уредникот на јавниот сервис, го избира Надзорниот одбор, ги следи коментарите и укажувањата на публиката и дури може писмено да побара прекинување на програмата доколку куќата не ги исполнува програмските обврски и стандарди.

Фактот што по изборите картите се поделени во корист на парламентарното мнозинство, укажува дека сега ќе нема блокада на комисијата.

Претседавач на надлежната комисија е партискиот портпарол на СДСМ и пратеник, Костадин Костадинов, а власта го има мнозинството со седум од вкупно 13 члена.

Она што сега се поставува како дилема е дали ќе се оди со нов конкурс за Програмскиот совет на МРТ или ќе се спроведе оној стариот, кој е блокиран година и половина.

Аргумент за нов конкурс е тоа што на актуелниов се пријавиле малку кандидати, 17 за 11 места во Програмскиот совет и плус шестмина се актуелни членови на овој совет, кој се доживуваше и беше посочуван како кочничар на реформите во МРТ.

Ова како проблем го нотираше и доскорешниот министер Дамјан Манчевски, кој во претходната влада беше задолжен за медиумските реформи.

„Од целата оваа фама дека сите се заинтересирани и се загрижени за МРТ, на крај испадна дека и не се баш толку. Колку што разбрав, проблемот бил во тоа што надоместокот за членовите во ова тело им бил многу мал за многу луѓе за кои се очекуваше дека ќе се пријават на конкурсот“, изјави Манчевски во интервјуто за БИРН од јуни годинава.

Беше замислено и двата нови совети да се избираат на начин на кој се состави Антикорупциската комисија, на јавна седница

Блокиран беше и изборот на новиот совет на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ). Според постојаните изјави на високите претставници на власта, се очекуваат реформи и во ова регулаторно тело, иако во владината програма не е спомнато ништо поврзано со АВМУ.

Надлежностите на Советот се големи во сферата на електронските медиуми.

Советот распишува конкурс за дозвола за телевизии и радија, ја продолжува дозволата и може да ја одземе доколку постојат услови за тоа, понатаму Советот е тој што дозволува промена на сопственичката структура на телевизиите или радијата, внимава дали се прекршуваат авторските и сродните права и, меѓу другото, го избира директорот на агенцијата.

За разлика од МРТ, на овој конкурс, конкуренцијата е поголема, односно се јавиле  четирипати повеќе кандидати од предвидените места, меѓутоа неизвесно е што ќе се случи и со овој избор.

Првично беше замислено и двата нови совети да се избираат на начин на кој се состави Антикорупциската комисија, на јавна седница, на која ќе може сите присутни да им поставуваат прашања на кандидатите и да има систем на бодување.

Финансиска и нефинансиска „помош“ и борба со лажните вести

Новина во владината програма е тоа што се ветува поддршка за локалните и за регионалните телевизии и продолжување на субвенционирањето на весниците.  Меѓутоа, нема повеќе детали за начинот на кој ќе биде спроведена поддршката и дали таа подразбира директна парична помош.

Сепак, ова ветување не е некое изненадување, со оглед дека притисокот на локалните и регионалните телевизии за помош од владата е континуиран, а нејзиниот одговор никогаш не беше категорично „не“.

Помалите радиодифузери се најдоа во незавидна ситуација откако по Пржино беа сопрени владините реклами под притисок на новинарските организации и на меѓународната заедница. Дополнително, беше забрането и рекламирањето на општините и другите државни институции во приватните медиуми за да се прекине партизирањето на медиумите и нивното претворање во апологети на власта.

Владата практично си дава зелено светло да ја институционализира помошта на приватните локални и регионални телевизии, иако останува недоречено како ќе изгледа таа

Со новата програма, владата практично си дава зелено светло да ја институционализира помошта на приватните локални и регионални телевизии, иако останува недоречено како ќе изгледа таа. Формулацијата што се користи вклучува „финансиска и нефинансиска поддршка“.

Она што е извесно е дека со буџетски пари ќе продолжи субвенционирањето на печатените медиуми. Владата во 2018 прифати на весниците и на неделниците да им покрива најмалку половина од годишните трошоци за печатење и за дистрибуција. И минатата и 2018 година, таа подели 700.000 евра на 12, односно на десет печатени медиуми.

Во владината програма пресликано е речиси целото поглавје од предизборната програма на коалицијата „Можеме“ за борба против лажните вести.  

„Ќе се создаде истражувачка медиумска лабораторија, преку која студентите по новинарство од почетокот на студирањето ќе се вклучат проактивно во борбата со дезинформациите и лажните вести“, стои во владиниот документ.

Во делот од програмата посветен на одбраната пишува, пак, дека регионалниот центар за односи со јавноста, во рамки на Министерството за одбрана, ќе се развие како Регионален центар за борба против дезинформациите и лажните вести за потребите на јужното крило на НАТО.

Заборавено ветување

СДСМ во 2016 година вети дека ќе го забрани политичкото рекламирање на медиумите надвор од изборната кампања и оваа нејзина заложба влезе во владината програма за периодот од 2017-2020, меѓутоа тоа не се случи.

Спротивно на своето залагање минатата година, владејачката партија направи две кампањи. Лани на двапати, летоска и при крајот на годината, по телевизиите се емитуваа спотовите од кампањите „Зборот важи“ и „На прав пат“.

БИРН од претставници на власта доби објаснување дека овие кампањи „биле одговор на лажните вести што се пласираат од медиумите блиски до опозицијата и оти не биле скапи и не биле со интенција да се влијае врз медиумите“.

Меѓутоа, ветување дека ќе нема политичко рекламирање надвор од изборната кампања – сега го нема ниту во програмата на СДСМ, ниту во програмата на новата влада.