Анализи

Вакцина од 165 милиони евра за делумен имунитет на економијата

Досега е исплатена само третина од предвидената вредност на трите пакети антикризни мерки од 500 милиони евра

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Беше почетокот на февруари годинава, кога во интервју со министерката за финансии, Нина Ангеловска, разговаравме за економските проекции за 2020 година, а една од главните критики беше дека сите макроекономски индикатори укажуваа дека нѐ очекува репризна година на претходната, без поголем раст што би направил значителна разлика во животниот стандард на граѓаните.

Корона вирусот, за кој во тоа време слушавме секојдневно на вести, беше локализиран само во Кина и изгледаше како толку далечна тема, колку и самата земја на Далечниот Исток, па тоа прашање воопшто не го разговаравме како потенцијален ризик за економијата.

Никој не ни насетуваше дека катаклизмичните сценарија што сме ги гледале во научно-фантастичните трилери, во кои се случува еден смртоносен вирус буквално да го покоси целиот свет, од филмското платно може да се пренесат во реалниот живот. Ниту, пак, дека епидемиолозите, а не макроекономистите, ќе ги  даваат најрелевантните прогнози за светската економија.

Во рок од две недели подоцна, светот почна да се затвора. Меѓународните финансиски институции почнаа да стравуваат дека најголема колатерална штета од пандемијата ќе биде економијата.

Од денешна дистанца, камо среќа да можеше на економски план барем да се повтори ланската година

Стана јасно дека корона вирусот ја инфицира и економијата со рецесија и дека ниедна земја нема да биде исклучок. Одеднаш, првично планираниот раст на македонската економија од 3,8 отсто, се стопи за 7,3 процентни поени, до рецесија од 3,5 отсто, и тоа според најоптимистичкото сценарио. Во апсолутен износ, штетата врз бруто домашниот производ (БДП) се проценува на 890 милиони евра.

Од денешна дистанца, камо среќа да можеше на економски план барем да се повтори ланската година.

„Нѐ очекува поголема рецесија и од Големата депресија од триесеттите години на минатиот век“, изјави во март извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, зголемувајќи ја уште повеќе загриженоста со споредба со криза од огромни размери, која служи како пример во литературата за економска катастрофа.

Фармацевтите тргнаа во трка да пронајдат вакцина што ќе ги спасува човечките животи, а за превенирање на економските штети, властите применија веќе испробан начин на имунизација од претходни кризи, со вбризгување што повеќе пари во економиите.

Меѓутоа, искуствата покажаа дека, без оглед колку е голема дозата изразена во наjсилните валути и во што повеќе нули, сепак нема гаранција дека криза од ваков интензитет може да се спречи без никакви последици.

Голем удар и афтершокови

На граѓаните им беше забрането движењето дури  826 часа | Фото: БИРН/В.Апостолов

И покрај преземените мерки на властите за да се амортизира, очигледно е дека ударот врз економијата бил неизбежен. Статистичките податоци покажуваат дека затворањето на целото општество со воведување полициски час, имало разорно дејство врз бизнисот.

Од воведувањето на првиот полициски час на територијата на цела држава на 22 март, па до 7 јуни, кога се укина, на граѓаните им беше забрането движењето дури  826 часа, што е половина од овој временски период. Во некои градови, како Скопје, Куманово и Дебар, полицискиот час траеше и подолго.

Иако движењето од дома до работа беше регулирано со посебни дозволи, сепак голем дел од компаниите беа принудени да ги затворат своите погони, главно поради откажување на нарачките за производство.

Дури и полоша судбина ги снајде трговските центри, кафулињата, рестораните, теретаните, казината и обложувалниците и други услужни дејности што беа опфатени со рестриктивните владини мерки, кои наложија привремено затворање на овие бизниси.

„И по реотворањето, за жал ситуацијата не се подобри значително. Ако кажам дека дневниот промет е преполовен во споредба со претходно, ќе биде дури и оптимистичка проценка“, вели Костадин Кангов, сопственик на приватна стоматолошка ординација во Гевгелија, „Корона дентал“.

Тој вели дека „новата нормалност“ во стоматологијата уште повеќе ги зголемила трошоците и го отежнала работењето.

„Времето потребно за третман на еден пациент е, на пример, удвоено бидејќи подразбира целосно дезинфицирање на целата просторија, проветрување и слично според пропишаните протоколи. Соодветно на тоа, трошоците за заштитна опрема, исто така ни се драстично зголемени“, објаснува Кангов од „Корона дентал“.

Заклучно со јули, пандемијата оставила без работа 20.002 луѓе

За називот на неговата здравствена установа вели дека е само коинциденција со името на овој опасен вирус, и за среќа не го отежнува дополнително работењето како што, на пример, ова име создаде одбивност кај купувачите на светски познатото мексиканско пиво и доведе до драматично намалување на продажбата и до огромни загуби.

Според податоците на Управата за јавни приходи, во земјава се регистрирани вкупно 21 даночен обврзник со називот „корона“.

Меѓутоа, намалувањето на бројот на пациенти во „Корона дентал“ нема никаква поврзаност со името на стоматолошката ординација, туку во голема мера со комплицираното преминување на грчко-македонската граница. Доктор Кангов вели дека, иако им е дозволен влез во земјава, Грците многу ретко доаѓаат во Гевгелија и тоа го чувствуваат речиси сите локални бизниси.

И додека во светот некои од најголемите компании се соочуваат со огромни загуби што доведуваат и до нивно затворање, кај нас корона-кризата, до степен на банкрот, била кобна за само 22 фирми, односно толку компании според податоците што ги добивме од Централниот регистар, отвориле стечајна постапка во периодот од јануари до јуни.

Но, оваа бројка можеби и не ја отсликува најсоодветно реалноста бидејќи владата донесе уредба да не се отвораат стечајни постапки за време на вонредната состојба.

Сепак, економските индикатори покажуваат дека кризата силно удрила во повеќе сектори. Најдраматичен пад е евидентиран во април, бидејќи токму тој месец полицискиот час беше најдолг. Тогаш индустриското производство се намалило дури 33,5 отсто, а потоа во мај трендот малку ублажува со намалување од 27 отсто, па до пад од 15,1 отсто во јуни, споредено со истиот период лани.

Збирната статистика за првата половина од годината покажува намалено производство во индустријата за 14,6 отсто, а по одделни сектори, обемот на работа најмногу паднал во производството на машини и уреди и тоа за 41,6 отсто, потоа во производството на електрична опрема за 31,8 отсто; кај моторни возила, приколки и полуприколки за 21,1 отсто; текстилните погони за производство на облека, каде што најмногу се прошири корона вирусот меѓу работниците, имале помало производство за 17,9 отсто; додека, пак, кај металната индустрија е забележан пад на производството за 9,4 отсто.

Воведувањето рестриктивни мерки во речиси целиот свет, особено во европските земји што се наши најголеми трговски партнери, очекувано го намали и обемот на надворешната размена.

Статистиката покажува дека во април, извозот се намалил дури 60,3 отсто на годишно ниво, а потоа следните два месеца падот е ублажен на 29,2 отсто во мај, и минус од 7,3 отсто во продажбите на странските пазари во јуни, споредено со истиот период лани.

Сумарните податоци за првата половина од годината покажуваат дека македонските компании на странските пазари продале 22,3 отсто помала вредност на производи отколку истиот период лани, односно извозот до јуни годинава изнесува 2,45 милијарди евра и е помал за 707 милиони евра.

Од друга страна, намалениот обем на работа на домашните фабрики, но и помалата приватна потрошувачка резултираше со пад и на увозот за 18,1 отсто.

Иако државните антикризни мерки во голем дел беа насочени кон зачувување на работните места и спречување на отпуштања, сепак податоците од Агенцијата за вработување покажа дека ниту пазарот на труд не останал имун на оваа криза.

Заклучно со јули, пандемијата оставила без работа 20.002 луѓе.

Најпрво во март, кога државата донесе одлука привремено да затворат компаниите од угостителството, транспортот, туризмот и повеќе услужни дејности, бројот на невработени се зголеми за 1.564 луѓе. Потоа, во април овој број се зголеми на 6.737, во мај беа евидентирани 5.560 повеќе невработени, во јуни уште 3.656 луѓе и во јули овој број се намалува и изнесува 2.503. 

Најдраматичен пад е евидентиран во април, тогаш индустриското производство се намалило дури 33,5 отсто

За напливот на невработени на пазарот на труд ни потврди и сопственикот на „Корона дентал“, Кангов, кој следејќи ги прогнозите на здравствените власти дека летниот период пандемијата ќе се смири и работењето ќе се нормализира, пред два месеца објавил конкурс за вработување.

„Бев изненаден колку многу луѓе се пријавија на повикот. Дури и луѓе што ги познавам и знам дека беа вработени во други ординации, но поради кризата останале без работа. Ние, за среќа, ги задржавме сите вработени, искористивме дел од државните мерки за помош и не ги намаливме платите, но, за жал, ги паузиравме сите други планови за изградба на нов објект и нови вработувања“, вели Кангов.

А дека просекот на платите не се промени драстично, покажаа и податоците на Државниот завод за статистика. Износот на просечната плата имаше само мала варијација во април, кога на месечно ниво платата се намали за 2,4 отсто, меѓутоа, веќе во мај, просекот повторно се зголеми и достигна 26.390 денари, што е годишен раст од 4,4 отсто.

Генералната слика за економијата во вториот квартал, гледана низ призмата на бруто домашниот производ (БДП), статистички ќе биде позната дури во септември, но отсега се проценува дека падот може да достигне до 15 отсто, што би бил историски најголем. Некои од најголемите светски економии, како американската и германската, веќе објавија најголеми квартални падови од Втората светска војна наваму.

Три дози вакцина

Министерката за финансии, Ангеловска, вели дека податоците сами зборуваат за постигнатите ефекти во време на оваа криза | Фото: Flickr на Влада на Северна Македонија

Македонските власти, од почетокот на март досега, донесоа три пакети антикризни мерки.

Првите сет-мерки за прва помош на стопанството се донесени на средината на март, заедно со здравствените мерки, а ги таргетираше трите најпогодени сектори во прво време, туризам, угостителство и транспорт, и сите што имаа запрена економска активност поради мерките на владата, најголемиот дел од бизнисите присилно се затворија.

По прогласувањето на вонредната состојба, по десетина дена се донесоа и вторите пакет-мерки, со кои владата го прошири опсегот и одлучи да финансира исплата на минимална плата за работниците што работат во фирми што имаат над 30 отсто намалување на приходите, без оглед во кој сектор дејствуваат.

Во мај се донесоа третите пакет-мерки главно фокусирани на поддршка на поранливите категории граѓани, со директна финансиска исплата за луѓето што имаат помали примања од минималната плата во земјава.

„Сите предложени мерки беа скроени да постигнат цели соодветно на наметнатите потреби, притоа, со оглед на ограничените можности, да постигнат максимални ефекти“, вели министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Според податоците на Министерството за финансии, досега се исплатени околу 165 милиони евра, врз основа на сите мерки, од кои околу 40 милиони евра поддршка за граѓаните и околу 125 милиони евра за фирмите.   

Од нив, најмногу пари се издвоени за мерката финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за исплата на плата, со која се опфатени околу 130.000 вработени од 19.500 фирми, и за таа цел од буџетот досега се потрошени 83,3 милиони евра.

Што понатаму?! Мерките важеа до јуни, а имаме обврска вработените да ги задржиме до крајот на септември“, вели Адемоска, директорка во хотелите „Хилтон“ и „Стоунбриџ“

Дека оваа мерка придонесе да се спречат масовни отпуштања од фирмите покажа и анализата на Институтот за економски истражувања, Finance Think, според која, дури 75.000 работни места биле доведени во ризик да бидат изгубени поради намален обем на работа на фирмите.

Симулацијата покажа дека околу 32.000 работни места во најпогодените сектори и околу 43.000 работни места во високопогодените сектори би биле изгубени без мерката, што е 9,2 отсто од вкупно вработените луѓе во државата. Или, без оваа финансиска помош, стапката на невработеност би достигнала 23,9 отсто.

Дел од менаџерите на некои од најпогодените компании потврдуваат дека токму овие мерки ги спасиле од пропаст.

„Четири месеци затворени и нула приходи. Но, сепак, успеавме да ги задржиме сите 220 вработени и да го преживееме овој тежок период. Но, што понатаму?! Мерките важеа до јуни, а имаме обврска вработените да ги задржиме до крајот на септември“, вели Даниела Адемоска, извршна директорка во хотелите „Хилтон“ и „Стоунбриџ“ во Скопје.

Нејзините компании се на листата и на тие што искористиле бескаматни кредити од Развојната банка, преку која е дадена поддршка на 1.331 претпријатие со над 16.600 вработени, а исплатени се 12,7 милиони евра. На оваа сума треба да се додадат уште 25,6 милиони евра, кои деновиве беа исплатени на 105 компании, со ниска камата од 1,6 отсто бидејќи останатиот дел го субвенционира државата.

Преку третите сет-мерки, кои вклучуваа директни парични субвенции и ваучери за купување мaкедонски производи и услуги, исплатени се над 28 милиони евра за домашната платежна картичка за 325 илјади граѓани со низок доход, средношколци и студенти од 16 до 29 години и здравствени работници што директно придонеле во борбата против Ковид-19.

Дополнително, преку ваучерите за туризам се исплатени уште 12 милиони евра на околу 117.000 граѓани, а имаше помош и за спортистите и за самостојните уметници.

Според симулациите на Министерството за финансии, реализацијата на досегашните антикризни мерки придонела да се ублажи намалувањето на економската активност.

Без ефектите од мерките, економската активност годинава се проценуваше дека ќе забави за 3,4 отсто според прогнозата на владата.

„Сепак, под претпоставка парите од третите пакет-мерки целосно да се искористат, падот на економската активност во 2020 година би изнесувал 3,1 отсто, односно 0,3 процентни поени помалку во однос на основното сценарио“, вели министерката Ангеловска.

Сите мерки се проценуваат дека вредат околу 500 милиони евра, што е 5 отсто од БДП

Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вели дека сѐ уште се справуваме со ефектите од пандемијата врз економијата и поради тоа тешко е да се даде прецизна и детална оценка за успешноста на преземените мерки.

„Генерално, природата на мерките кои носителите на политиките ги преземаат кај нас е слична со мерките што се преземаат и во другите економии, и се во линија со препораките на главните меѓународни финансиски институции“.

Бежоска додава дека „слично како и во други земји, фокусот на мерките иницијално беше ставен на субвенции со цел зачувување на работните места и спречување поголем пад на платите. Покрај тоа, со дел од мерките се обезбедува поткрепа на потрошувачката моќ на делот од населението со пониски приходи“.

Инаку, сите мерки се проценуваат дека вредат околу 500 милиони евра, што е 5 отсто од БДП, а податоците покажуваат дека досега е реализирана само третина од предвидените пари.

„Ова се проектирани средства, а реализацијата зависи од бројот на пријавените фирми и нивното исполнување на поставените услови. Дел од мерките, од третиот пакет за ревитализација на економијата, се планирани да се реализираат наесен“, дообјаснува министерката Ангеловска.

Освен фискалните мерки од страна на владата, Народна банка, исто така, во неколку наврати донесе мерки во насока на олабавување на монетарната политика – ја намали основната каматна стапка во три наврати и ослободи дополнителна ликвидност на банкарскиот систем, која може да се насочи кон кредитирање на приватниот сектор.

Есенска економска меланхолија

Песимизмот засилува оти властите стравуваат од поголем бран на ширење на заразата наесен | Фото: БИРН/В.Апостолов

Есента со нејзините атрибути, како облачното дождливо време и паднатите жолти лисја е синоним за меланхолија, но, иако вообичаено тоа нема никакво влијание врз водењето бизнис, се чини дека ова ќе биде најсоодветна и најсликовита метафора на деловниот амбиент во последните три месеци од годинава.

Последниот квартал се очекуваше дека ќе ја поправи сликата за цела 2020 година, но како што поминува времето, песимизмот засилува оти властите стравуваат од поголем бран на ширење на заразата наесен, така што не се исклучува ниту повторен локдаун.

Македонските менаџери се песимисти во поглед на очекувањата за следниот период, па така во Анкетата за деловните тенденции, спроведена во јуни од Државниот завод за статистика, истакнале дека обемот на производство дополнително ќе се намали во следните три месеци. Како најголем фактор за ограничувањето на производството ја навеле недоволната побарувачка од странство.

Индикаторот на доверба во преработувачката индустрија, кој ги сумира нарачките за производство, обемот на работа и состојбата на залихите, во јуни изнесува 12,2, и, во споредба со истиот период лани, е намален за дури 9,1 процентен поен.

Народна банка, уште во април направи сценарио, според кое, доколку пандемијата се пролонгира, продолжено дејство ќе имаат и негативните економски последици. Се чини, ова сценарио што предвидува падот на БДП да биде подлабок за 2,3 процентни поени, односно од 3,5 отсто според првичната прогноза на оваа институција, да достигне 5,8 отсто, станува сѐ пореално.

Министерката за финансии, Ангеловска вели дека неизвесноста и непознатата траекторија и понатаму останува главна одлика на оваа криза.

„Подготвени сме за најлошото, но, сепак, се надеваме дека нема да дојде до тоа. Ја следиме будно ситуацијата и соодветно ќе се реагира доколку има потреба. Тимот во Министерството за финансии ја следи реализацијата на мерките и се работи на изнаоѓање нови мерки, се следат искуствата на другите земји, но и гледаме како можат да се применат кај нас“, објаснува Ангеловска и додава дека не се точни шпекулациите дека сме имале пари во буџетот до септември.

Европската централна банка прогнозира дека економијата на Стариот континент годинава ќе падне дури 8,7 отсто

„Пари во буџетот има за сите обврски, вклучително и мерките, да се сервисираат редовно“, ни кажа министерката Ангеловска.

И меѓународните финансиски институции станаа уште поголеми песимисти за движењето на економијата до крајот на годинава.

ММФ по вторпат се премисли, и од првичната прогноза за рецесија на светската економија од 3 отсто, сега проценува пад на економијата од дури 4,9 отсто годинава, но закрепнување со раст од 5,4 отсто вгодина.

Проекциите за македонската економија засега остануваат непроменети и се движат од пад на БДП од 3,2 отсто според Светска банка, 3,5 отсто според ЕБОР, намалување од 3,9 отсто колку што е проекцијата на Европската комисија, па до рецесија од 4 отсто според ММФ.

Главниот економист на ММФ, Гита Гопинат изјави дека штетите глобално, сега се проценуваат на 12.500 милијарди долари.

„Голем степен на неизвесност ја опкружува оваа прогноза. Добра вест за вакцини и третмани и дополнителна поддршка на политиките може да доведе до побрзо закрепнување. Во надолна линија, понатамошните бранови на инфекции можат да ја намалат зголемената мобилност и трошење, и бргу да ги заострат финансиските услови, предизвикувајќи проблеми со долгот“, истакна Гопинат.

Во Европа, исто така, се прават надолни промени на проекциите. Европската централна банка прогнозира дека економијата на Стариот континент годинава ќе падне дури 8,7 отсто.

„Економијата во еврозоната доживува невидена контракција. Значителната загуба на работни места и приходи и исклучително зголемената неизвесност за економскиот изглед, доведоа до значителен пад на потрошувачката и инвестициите“, изјави Кристин Лагард, претседателка на ЕЦБ, изразувајќи надеж во Фондот на ЕУ за закрепнување од Ковид-19 вреден 750 милијарди евра.

Сепак, кога и како ќе заврши оваа економска криза, нема толку да зависи од финансиската инјекција, туку директно од пронаоѓањето медицинска вакцина, која ќе гарантира имунитет од овој опасен корона вирус кај луѓето. Дури тогаш, целосен имунитет ќе има и економијата.