Интервјуа

Сириски новинар за БИРН: Ќе расте бројот на мигранти од Сирија

„Дел од нашите жители буквално бегаат, без документи, без ништо со нив. Тоа се оние најсиромашните. Други, пак, продаваат сè што имаат и бараат азил во други држави“, тврди уредникот и новинар од Сирија, Хамуд Хусеин, во интервју за БИРН

Од почетоков на годинава МВР има откриено 1.300 мигранти. Дел од нив, кои бараат азил во земјава, сместени се во Прифатниот центар во Визбегово | Фото: М.Јордановска

Од почетоков на годинава МВР има откриено 1.300 мигранти

Се очекува уште поголем наплив од мигранти од Сирија во наредниве години. Жителите на оваа држава навистина преживеаја многу и не можат да издржат повеќе. Ова го тврди уредникот и новинарот од Сирија, Хамуд Хусеин, во интервју за БИРН.

Само во последниве две недели, седум мигранти во пет одделни случаи загинаа откако беа прегазени од воз. Најмладата жртва имаше само 45 дена – бебето загина заедно со неговиот татко. Тие беа од Авганистан, а останатите пет жртви доаѓаа од Сирија.

Сите тие загинаа во нивните очајни обиди да најдат спас и подобар живот надвор од матичните земји. Мигрантите тргнуваат пешки, илегално преминуваат гранични премини, цели семејства се качуваат по возови со надеж дека нема да бидат забележани. Крајната дестинација им е Европа. Се надеваат дека таму ќе го најдат спасот и дека ќе добијат азил.

Македонија, според податоците на МВР, е само транзитна земја за мигрантите. Тие влегуваат од јужната граница со Грција, преку Македонија влегуваат во Србија и продолжуваат кон западноевропските држави.

Цената на борбата за власт ја плаќаат цивилите

„Според анализите на УНХЦР, речиси 5 милиони Сиријци од 2011 година па наваму ја напуштиле земјава. Уште 5 милиони, пак, се внатрешно раселени. Пресметките на Обединетите нации покажуваат дека ова е најголемиот бегалски бран во модерната историја“, ни раскажува сирискиот новинар.

„Сирија се смета за едно од најризичните места за живеење“, вели Хусеин за БИРН. Тој не сакаше во ова интервју да објавиме негова фотографија со образложение дека не сака да се експонира во меѓународната јавност.

Дел од нашите жители буквално бегаат, без документи, без ништо со нив. Тоа се оние најсиромашните, вели Хусеин | Фото: FreedomHouse / Foter / CC BY

Бегаат без документи, без ништо

Хусеин, раскажувајќи го сириското секојдневие, вели дека борбите за превласт меѓу различните милитантни групи, меѓу кои и ИСИС, но и полицијата. На сметка на нивната желба за превласт врз територии, страда и цивилното население. Околу 200.000 лица досега загинале, а 300.000 се малтретирани во затворите, тврди нашиот соговорник. Сиромаштијата, пак, е друга тема.

„Стапката на сиромаштија изнесуваше 30 отсто пред војната, а сега е 75 отсто. Војната во Сирија досега ја чини државата околу 200 милијарди американски долари“, вели тој.

Токму од овие причини, голем број Сиријци спасот го бараат надвор, некои легално, а некои нелегално.

„Дел од нашите жители буквално бегаат, без документи, без ништо со нив. Тоа се оние најсиромашните. Друг дел пак, продаваат сè што имаат и бараат азил во други држави. Некои пак, заминаа да студираат во странство и сега очајно се обидуваат да останат таму. Сириските бизнисмени исто така бараат државјанство и пасоши од други држави за да се ослободат од сириските пасоши кои им прават проблеми каде и да одат, раскажува Хусеин.

Преку Балканот до посакуваната Европа

Според Хусеин, Германија, Италија и Шведска се најпосакуваните дестинации за сириските мигранти. За да стигнат дотаму, ги чека долг пат. „Но, затоа тука се шверцерите на мигранти“, вели сирискиот новинар.

„Кога преминуваат преку вода понекогаш се дават десетици луѓе. Иако ги гледаат труповите во вода, следната група ги продолжува обидите за бегство на ист начин“.

Во наредниов период Хусеин очекува дека ќе се зголеми бројот на бегалците од Сирија.

Германија, Италија и Шведска се најпосакуваните дестинации за сириските мигранти. За да стигнат дотаму, ги чека долг пат. „Но, затоа тука се шверцерите на мигранти“, вели сирискиот новинар | Фотo: М.Јордановска

Германија, Италија и Шведска се најпосакуваните дестинации за сириските мигранти

„Ситуацијата се влошува. Тука се важни два фактора. Прво, режимот ги собира луѓето од улиците и ги тера да се приклучат кон војската. Другиот играч е екстремистичката организација ИСИС, која контролира сè повеќе и повеќе територии, а тоа е преголем ризик за луѓето да останат во земјава“, тврди новинарот.

Oд почеток на годинава, според МВР, во Македонија се откриени околу 1.300 илегални мигранти од Сирија, Авганистан, Бангладеш, Еритреја, Пакистан, Мали, Нигерија, Гвинеја, Гана и Брегот на Слоновата Коска. Дел од нив се предадени на пограничните органи од соседните држави од каде што оствариле влез (најчесто Грција), дел од нив се сместени во Центарот за странци во Гази Баба, а дел, оние што побарале азил се во Визбегово во Центарот за азиланти.

Минатата недела полицијата поднесе кривични пријави против три лица за криумчарење мигранти. Во трите случаи откриени беа 25 илегални мигранти од Сирија, еден од Судан и тројца од Сомалија.