– Белград
Експертите од Институтот за форензички истражувања во Хаг, не утврдија дали причината за смртта на новинарката Вујасиновиќ, која на 8 април 1994 година, во нејзиниот стан во Нов Белград, беше најдена со прострелна рана од пушка, е убиство или самоубиство.
Во наодот на Институтот за форензички истражувања во Хаг, кој БИРН го виде, стои дека со испитувањата спроведени врз основа на достапните податоци, кои се однесуваат на биолошките траги и ДНК анализата, на извештајот од обдукцијата, испитувањето на оружјето и муницијата и проценките за оддалеченоста од која било пукано, не било можно да се исклучи ниту убиството, ниту самоубиството.
Смртта на Дада Вујасиновиќ во 1994 година, која тогаш имаше 30 години, првично беше востановена како самоубиство, но нејзиното семејство и колеги веруваат дека таа била убиена.
Пред да умре, Вујасиновиќ како новинар на весникот „Дуга“, известувала за воените судири во Хрватска и во Босна и Херцеговина. Таа пишуваше во врска со корупцијата во армијата и полицијата, како и за воената спрега меѓу политиката и криминалот.
Поради нејзините текстови за бројни нерешени убиства во Белград, закани примила од Жељко Ражњатовиќ Аркан, тогашен командант на паравоената Српска доброволечка гарда и пратеник.
Тој на Дада Вујасиновиќ ѝ порачал: „Ако те интересира кој е следниот, напиши дека си ти и дека јас сум ти го рекол тоа“.
Вујасиновиќ нагласуваше дека ваквите закани нема да ја замолчат: „Не знам како тоа да ви го објаснам, едноставно не се плашам. Јас мислам дека треба да се пишува за тоа, за да може на некој начин да се скрши мразот“, изјави таа, само неколку месеци пред својата смрт, во емисијата „Впечаток на неделата“.
Контрадикторни експертизи
Документацијата за смртта на новинарката му беше доставена на Институтот во Хаг пред речиси една година. Случајот му беше доверен на Институтот, по предлог на Комисијата за испитување на убиства на новинари, тело формирано да ја испита смртта на тројца новинари, за време и по владеењето на Слободан Милошевиќ, кои никогаш не се решија на адекватен начин.
Комисијата ја донесе оваа одлука заради вештачење на спротивставените наоди – оние од 1994 година, што укажуваат на самоубиство како причина за смртта, и оние од 2008 година, кога балистичарот Влада Костиќ заклучи дека, најверојатно, се работи за убиство.
„Најверојатно се работи за убиство, особено ако се има предвид дека во телото на починатата беа пронајдени две капи, што покажува дека во неа биле испукани два снопа сачми“, изјави во тоа време Костиќ.
Но институт во Хаг ги отфрли претпоставките на Костиќ: „Во текот на испитувањето имаше само индикации за еден истрел. Индикациите дека се работи за убиство, базирани на сугестиите дека биле испукани два истрели, заради постоење на две капи, може да бидат отфрлени“, заклучуваат експертите од Хаг во извештајот.
Сепак, и покрај овие проценки, врз основа на истражувањето на проценката за оддалеченоста од која било пукано, експертите не ја отфрлаат ниту можноста дека Дада Вујасиновиќ била убиена. „Во случај на убиство е можна секоја далечина. Врз основа на резултатите од проценката на оддалеченоста од која било пукано, убиството не може да биде исклучено“, се вели во извештајот од Хаг.
Истрага полна со пропусти
Првичната истрага на полицијата, спроведена по смртта на Вујасиновиќ, беше полна со пропусти- нејзината облека не беше сочувана како извор на потенцијални докази, а полицијата не зема ниту отпечатоци од пушката.
Полицијата веднаш заклучи дека Дада, во нервно растројство, се самоубила.
Заради пропустите во полициската истрага и тврдењето дека се работи за самоубиство, семејството ангажираше екипа на вештаци.
Експертите ангажирани од страна на семејството, на фотелјата на која Дада искрварила, пронајдоа два типа на крв, што укажува дека уште едно лице било во станот во моментот на нејзината смрт. Полицијата воопшто и не зела траги од крв од фотелјата, со објаснување дека случајот го третирала како самоубиство.
Наодот на вештаците што ги ангажирало семејството, му е доставено на Окружното обвинителство во Белград во декември 1994 година. Во февруари 1995 година, Окружното обвинителство во Белград го одби барањето да се спроведе вештачење на споменатите спротивставени наоди на експертите (оние ангажирани од родителите и на официјалните).
Родителите во 1995 година, до Окружното јавно обвинителство во Белград, поднесоа кривична пријава против НН лица заради убиство, но пријавата беше отфрлена. Затоа, претставник на семејството, по три месеци, поднесе жалба, односно барање за преземање на истражни дејствија т.е. ново вештачење, со цел да се премавнат разликите во наодите на двете групи на вештаци.
Дури две години подоцна, истражниот судија донесе решение за ново вештачење, а за претседател на комисијата на вештаци, го одредува Бранимир Александриќ од Институтот за судска медицина.
Александриќ претходно биле вклучен во истрагата како вештак по судска медицина и врз основа на обдукцијата дал мислење дека Дада си го одзела животот. Затоа, правниот застапник на семејството поднесе приговор, со барање, на чело на комисијата која треба да подготви нов наод и реконструкција, да биде ставен вештак кој до тогаш не дал мислење. Приговорот, сепак, беше отфрлен.
Извештајот од ова вештачење пристигна во судот дури по три години и тој беше идентичен со првиот – Дада самата си нанела смроносни повреди.
Овој пат, сепак, Окружниот суд во Белград бараше вештачење, и од Институтот за судска медицина во Нови Сад, по две години, дојде заклучок, дека убиството, сепак, не може да се исклучи.
Во следните три години повторно ништо не се случува, бидејќи судот одбива да даде било каква информација во врска со предметот.
Пресврт во истрагата се случи во 2008 година, кога балистичарот Владимир Костиќ, заклучи дека Дада била убиена.
По овој наод, во јануари 2009 година, окружниот јавен обвинител во Белград, конечно покрена предистражна постапка и побара од Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите потребни дејствија, за да се утврди дали Дада е убиена и кој е извршител на кривичното дело.
Нема „волшебно стапче“
Медиумите, во 2011 година, објавија дека републичката јавна обвинителка, Загорка Доловац, изјавила дека постојат индикации дека доказите се намерно скриени.
Таа додала дека е неблагодарно да се зборува дали зад ова стои тогашната Државна безбедност на Србија, но начинот на кој е извршен увидот во случајот на опозицискиот новинар Славко Ќурувија, убиен во 1999 година, укажува на сличности во пропустите направени во двете истраги.
Во меѓувреме, во септември 2012 година, е формирана Комисијата за истрага на убиствата на новинарите, на чиј предлог предметот за смртта на Вујасиновиќ е испратен во Хаг.
На прашањето на БИРН, што мисли за наодите на Институтот во Хаг, во кој се заклучува дека со испитување на случајот за смртта на Вујасиновиќ, не е можно да се исклучи ниту убиството, ниту самоубиството, Александриќ одговори дека тој дури и во својот прв извештај, не инсистирал дека нејзината смрт била самоубиство.
„А знаете ли што напишав – дека можела самата да пука во себе“, одговори тој на барањето да ги коментира наодите од Холандија.
„(Експертите од Хаг) не ја исклучуваат несреќата, што е нешто што ниту јас не го исклучив, ниту пак го исклучуваат убиството, кое ниту јас не го исклучив“, додаде тој.
Сепак, нагласува дека извештајот од Хаг во целост го побива наодот на експертот за балистика, Влада Костиќ, кој укажува дека биле испукани два куршуми.
Костиќ вели дека не отстапува од неговиот заклучок дека од пушката било пукано два пати, и дека поради тоа се работи за убиство: „Ако имало два истрели, а во извештајот од обдукцијата на д-р Александриќ пишува дека во телото биле пронајдени две капи и тука сомнение нема, како можела после тоа да стави уште еден куршум во цевката“, прашува Костиќ.
Таткото на Дада, Радислав, во меѓувреме изјави дека во холандската анализа, едноставно се повторува многу од она што е веќе познато за случајот.
„Во извештајот јасно е напишано, што овде и официјално се знаеше, дека клучните докази се уништени, а некои скриени“, изјави за БИРН, Радислав Вујасиновиќ.
„Ако некој очекуваше дека Хаг со ‘волшебно стапче’ ќе даде решение, лошо се излажал“, додаде тој.
Дваесет и две години по пукотот на пушката во станот во Нов Белград, по смртта на младата новинарка, обидите да се утврди вистината за тоа што се случило тој ден, и натаму траат.
Текстот е објавен на Балканска транзициска правда