Регион

Сребреница: 637 години затвор и три казни доживотен затвор

Пишува: Џана Брканиќ

Судот на Босна и Херцеговина и Хашкиот трибунал, за геноцид и злосторства извршени пред 21 години врз Бошњаците од Сребреница, осудиja 38 лица, на вкупно 637 години затвор, а изрекоа и три казни доживотен затвор

Радован Караџиќ оваа година беше осуден за геноцид. Фото: МКСЈ

Радован Караџиќ оваа година беше осуден за геноцид. Фото: МКСЈ

Во изминатата година, за учество во најголемото злосторство во Европа по Втората светска војна – масакрот на повеќе од 7.000 мажи и момчиња Бошњаци, извршен од страна на силите на босанските Срби, по падот на „безбедносната зона“ на ООН во Сребреница во јули 1995 година, беа осудени повеќе осомничени лица.

Најзначајна е првостепената пресуда на Радован Караџиќ, поранешен претседател на Република Српска (РС). Караџиќ – досега единствен политичар кој беше прогласен за виновен за геноцид – Трибуналот на ООН за воени злосторства во Хаг, го осуди на 40 години затвор.

Со пресудата беше утврдено дека во јули 1995 година, српските вооружени сили, чиј врховен командант беше Караџиќ, систематски и намерно убиле „најмалку 5.115 муслимански мажи“ од Сребреница, со геноцидна намера да ги уништат како етничка група.

Оваа година, Судот на БиХ донесе две пресуди за воени злосторства и геноцид во Сребреница. Првата е правосилната пресуда со која Среќко Бошковиќ, поранешен припадник на ВРС, беше осуден на осум години затвор за злосторства извршени над цивили и втората, пресудата со која Александар Цветковиќ беше ослободен од обвинението за геноцид.

Бошковиќ беше прогласен за виновен дека во јули 1995 година, убил момчето во близина на Зворник. „Бошковиќ му се приближил на момчето и му рекол: ’Слободен си, можеш да си одиш’, а кога момчето почнало да трча кон шумата, тој го застрелал“, се вели во пресудата.

Судот на БиХ го ослободи Цветковиќ од обвиненијата дека учествувал во убиствата на околу 900 бошњачки мажи во воената фарма Брањево. Тој беше ослободен поради недостиг на докази.

Оваа година, Судот на БиХ, на Радомир Вуковиќ му ја намали казната на која беше осуден за помагање во геноцидот во Сребреница, од 31 на 20 години затвор. Оваа одлука беше донесена откако Уставниот суд на БиХ пресуди дека на судењето на Вуковиќ бил применет погрешен кривичен закон.

Вуковиќ, поранешен член на специјалната полиција на Република Српска, РС, беше прогласен за виновен за учество во убиствата на повеќе од 1.000 заробени Бошњаци во Кравица.

За 11 години, колку што работи, Судот на БиХ за злосторствата во Сребреница осуди 24 лица, на вкупно 448 години затвор.

Над 30 години затвор вкупно добија четири лица – Франц Кос, Зоран Гороња, Станко Којиќ и Душко Јевиќ. Јевиќ беше осуден за учество во убиства на заробени бошњачки мажи во Кравица и присилен трансфер на цивили од областа на Сребреница, додека останатите тројца беа осудени за убиства на најмалку 900 Бошњаци во Брањево.

Единствениот кој Судот на БиХ го осуди за геноцид, е поранешниот припадник на Зворничката бригада на ВРС, Милорад Трбиќ, на кого за ова дело, му беше изречена максимална казна согласно кривичниот закон на поранешна Југославија – 20 години затвор.

Со пресудата, Трбиќ беше прогласен за виновен за учество и помагање во убиствата на мажите од Сребреница – на воената фарма Брањево, во домот на културата во Пилица и во училиштата во Ораховац, Рочевиќ и во Петковци.

„Трбиќ по кратка постапка погубил десетици луѓе за да ги заплаши и стави под контрола другите затвореници“, стои во пресудата.

Наведувајќи дека Трибиќ имал геноцидни намери, во пресудата се вели: „Советот е свесен дека ретко кое лице ќе признае дека имало специфична намера да уништи група на луѓе, но врз основа на доказите е утврдено дека обвинетиот имал таква намера“.

Хашкиот трибунал, за воени злосторства извршени во Сребреница, осуди 14 лица.

Дека во јули 1995 година бил извршен геноцид, Хашкиот трибунал за прв пат востанови во пресудата на Радислав Крстиќ, поранешен командант на Дринскиот корпус на ВРС, во 2004 година. Тој беше осуден на 35 години затвор.

Во Хаг, три лица беа осудени на доживотен затвор – поранешните припадници на Главниот штаб на ВРС, Здравко Толимир и Љубиша Беара, и поранешниот припадник на безбедносните сили на Дринскиот корпус на ВРС, Вујадин Поповиќ.

Оваа институција, од обвиненијата за злосторства во Сребреница, ослободи само едно лице, Момчило Перишиќ.

За геноцид во Сребреница се товари и поранешниот командант на ВРС, Ратко Младиќ. Неговиот случај е во завршна фаза, а завршните зборови на одбраната и на обвинителството се очекуваат на есен.

Текстот е објавен и на Балканска транзициска правда