Регион

Снимањето на турски серијал за Алија Изетбеговиќ предизвика реакции во РС

Снимањето на серијалот за животот на воениот бошњачки лидер, Алија Изетбеговиќ, во продукција на Турската државна телевизија, ТРТ, иницира реакции на лидерите на босанскиот ентитет со мнозинско српско население, Република Српска, кои, како одговор на овој филм, предложија да биде снимен филм за Радован Караџиќ.

Пишува: Хамди Фират Бујук, Сараево

Алија Изетбеговиќ и поранешниот американски секретар за одбрана Вилијам Коен во Вашингтон во 1997 година. Фото: USA.gov

ТРТ на почетокот на овој месец започна со снимањето на серијалот за Изетбеговиќ, што во Босна и Херцеговина веќе предизвика значителна дебата, многу поголема од било кој друг турски филм, вклучувајќи ги и турските сапуници, кои се многу популарни во оваа земја.

Така, Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска (РС), сугерираше дека ентитетскиот јавен емитер, Радио Телевизија Република Српска (РТРС), како одговор на филмот за Алија, треба да размислува за снимање на филм за Радован Караџиќ и неговата улога, како што рече, „во борбата за слобода на српскиот народ “.

Изетбеговиќ, прв претседател на независна Босна и Херцеговина, беше на чело на државата и на бошњачкото население, речиси сѐ до својата смрт во 2003 година. Некои официјални лица од РС, пак, како Додик, сметаат дека тој бил исламски радикалист.

Сепак, во Турција, Изетбеговиќ се смета за голем политички државник, објаснува Ахмет Тезџан, долгогодишен новинар и главен сценарист на серијалот, насловен како „Алија”.

„Никој не зборува против Изетбеговиќ во Турција. Го сака целата нација. Сите Турци го сметаат за голем лидер, демократ, борец за слобода и идеолог“, вели Тезџан за БИРН.

Нагласува дека немал намера, со овој серијал, да ги навреди другите народи во БиХ.

„Решивме да снимиме филм за животот на Алија, бидејќи тој беше голем интелектуалец и политичар”, нагласи Тезџан.

Осман Софтиќ, босански експерт за Турција и за односите меѓу Турција и Босна и Херцеговина, вели дека многу Бошњаци не знаат колку многу на Изетбеговиќ му се восхитуваат во Турција, каде што го сметаат за основач на независна нација и за лидер на Бошњаците.

„Мислам дека не се свесни за историското значење на покојниот претседател Алија Изетбеговиќ во муслиманскиот свет, особено во Турција”, вели Софтиќ за БИРН.

Додаде дека Изетбеговиќ и сегашниот турски претседател, Реџеп Таип Ердоган, сѐ до смртта на бошњачкиот водач пред 14 години, одржувале блиски врски.

Како што беше објавено, Ердоган беше еден од последните посетители што Изетбеговиќ ги прими на посмртна постела.

Минатата година, турскиот председател соопшти дека одлучил да го посети Изетбеговиќ, откако од своето патување по Европа, на пат кон Турција, бил информиран дека здравјето на бошњачкиот водач е влошено, по што тој ја сменил својата авионска рута и слетал во Сараево.

Ердоган истакна дека за време на нивната последна средба, Изетбеговиќ од него побарал да се грижи за Босна и за Бошњаците, сторија која турскиот претседател и неговите приврзаници често ја повторуваат, во настојување да им ја објаснат на Турците, важноста на БиХ и нејзиното значење во надворешната политика на Турција.

„Овие врски (меѓу Турција и Бошњаците) се базирани на лични пријателства, на историската судбина, на идеолошките и религиозни афинитети”, рече Софтиќ.

Сепак, тој прифаќа дека тоа што Турција во последната деценија станала важен играч на Балканот, особено во Босна и Херцеговина, предизвикало непријатност кај немуслиманите.

„Турција дефинитивно добро стои на Балканот, но само меѓу муслиманското население, како што се Бошњаците, Албанците и другите муслимански групи. Од друга страна, ова го загрижува христијанското население, кое, на зголеменото влијание на Турција, гледа како на еден вид, како што се наведува, „неоколонијализам”, односно таканаречена „неоотоманска“ закана, а имајќи ја во вид историјата на регионот“, вели тој.

Предлогот за снимање на филм за Караџиќ ги налути Бошњаците

Снимањето на серијалот „Алија”, во режија на босанскиот режисер, Ахмед Имамовиќ, во кој играат турски и босански актери, е во тек. Досега се завршени две од шест епизоди кои ќе траат по 90 минути.

Бакир Изетбеговиќ, единствениот син на Алија Изетбеговиќ, денес на позицијата на која некогаш бил неговиот татко – бошњачки член на тројното Претседателство на БиХ и водач на Партијата за демократска акција (СДА) – изрази големо задоволство поради овој проект.

„Ние како семејство инсистираме неговиот лик прецизно да се прикаже и сигурен сум дека ТВ серијалот ќе биде многу успешен”, рече Бакир Изетбеговиќ, на 11 август, на официјалната презентација на проектот.

Во меѓувреме, предлогот на Додик, РТРС да сними филм за Караџиќ, во оваа телевизија, наводно, бил сфатен сериозно.

Генералниот директор на РТРС, Драшко Милиновиќ, на 15 август, за белградски „Новости”, изјави дека неговата куќа е подготвена да се вклучи во реализацијата на оваа „многу сериозна работа”, доколку се напише добро сценарио и се собере добар продукциски тим.

Оваа најава предизвика реакции кај многу Бошњаци, кои го осудуваат секое величење на воениот претседател на Република Српска, кого минатата година, Хашкиот трибунал го осуди на 40 години затвор, за геноцид и злосторства против човештвото. Неговиот случај сега е во жалбена постапка.

Од друга страна, Тезџан за БИРН вели дека нема проблеми со овој предлог и нагласува оти треба да се сними филм или серијал за животот на Караџиќ.

„Јас лично ја поддржувам оваа идеја и би можел да напишам сценарио за овој потенцијален проект. Особено треба да се екранизираат годините што Караџиќ ги помина во бегство, за да можат Босна и војната во Босна, подбро да се разберат“, рече тој.

Информира дека по завршувањето на серијалот „Алија”, неговата главна продукциска куќа, Санчак Медија, планира да сними игран филм за Изетбеговиќ и за неговата улога во преговорите за потпишување на Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната во БиХ.

Истакна дека Додик и сите останати кои што го критикуваат серијалот на ТРТ, ќе бидат изненадени кога ќе го видат, бидејќи тој се обидува да ги промовира мирот и мултикултурна и мултирелигијска БиХ.

„Изетбеговиќ себеси прво се дефинирал како човек, а потоа како муслиман”, истакна тој.

Објавено и на Балканска транзициска правда