Слично како и судиите, и обвинителите добиваат свој „АКМИС“ систем.
Со потпис на државниот обвинител Љубомир Јовески, во „Службен весник“ објавен е Правилник за електронска распределба на предметите низ обвинителствата.
Тоа значи дека се менува долгогодишната пракса, за тоа кој обвинител, кој предмет ќе го работи, да одлучува „редоследното римско бројче“, со можност за влијание. Сега тоа треба да го прави компјутерски софтвер.
Ова беше заложба на претходната влада, напишана во Програмата за работа.
Делењето предмети на обвинителите треба да се прави само преку информатичкиот систем во Јавното обвинителство, како дел од единствениот информатички центар со база на податоци за правосудните органи во Македонија.
Во Обвинителството веќе постои систем за електронско управување со предметите, но му треба надградување за да може предметите да се делат електронски.
Од Обвинителството за БИРН велат дека уште се испитуваат финансиските и техничките можности дали ќе се прави целосно нов софтвер, или ќе се надградува постојниот.
Но, тоа нема да се случи веднаш.
Прво, во рок од 30 дена од објавата на Правилникот, треба да се формира работно тело што ќе работи на стандардизирање на постапките за користење на софтверот. Составот треба да го определи државниот обвинител.
Со тоа се оневозможува предметот „да фати прашина“, потоа може да се прави електронски увид и евиденција на предметите кај секој јавен обвинител, електронски увид и надзор врз преземените дејствија…
Откако автоматски ќе се распредели кривичната пријава, таа може да се прераспореди само во неколку случаи, како што се измена на годишниот распоред за работа, унапредување или разрешување на јавниот обвинител, мирување на работниот однос, подолготрајно боледување…
Во точно определена процедура е наведено кој сѐ може да има пристап до системот, и тоа само со корисничко име и лозинка.
Јавните обвинители, јавнообвинителските службеници и лицата што имаат пристап до системот треба да поминат обука за користење на автоматизираниот систем за распределба на предмети.
Софтвер за обвинителите беше наведено и како една од точките во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси на ДКСК, каде што е предвидено „воспоставување автоматизиран систем за распределба и следење на предметите во јавното обвинителство“.
Додека Обвинителството подготвува терен за да почне работи со софтвер, поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски ја издржува затворската казна за злоупотреби во електронскиот систем за распределба на предметите, АКМИС.