Има еден чуден начин како ги примаме вестите за сообраќајот. Кога ќе се случи трагедија, тоа очекувано предизвикува револт и прозивки до Министерството за внатрешни работи – каде е полицијата да контролира и да казнува!? Но, кога полицијата ќе почне да контролира и да казнува, тогаш се појавува поинаков револт – удриле да го полнат буџетот, крвта му ја исцицаа на народот итн.
И тука воопшто нема двоен стандард. Јавните реакции се оправдани во двата случаи.
Секој што редовно ги следи соопштенијата на МВР, знае дека се казнува на големо. Само вчера биле казнети 100 возачи, претходниот ден 140, пред тоа 257, 95, 138… Најчесто казните се за брзо возење, но има и за неисправни возила, немање документи, возење под дејство на алкохол, неправилно претекнување, непропуштање пешаци и друго.
Но, каков е ефектот од тоа? На 20 јануари, на пешачкиот премин на булеварот Партизански одреди кај Сити Мол во Скопје згасна животот на 24-годишна девојка. На 12 јануари загина 64-годишен возач во скопски Бутел во судар со камион. На 3 јануари, кумановец прегазил и усмртил 64-годишна жена во едно кривопаланечко село. А годината само што почна.
Претходната година, 49-годишен бизнисмен загина во Батинци, во судар меѓу две возила на 16 декември. На 4 декември, во скопско Маџари беше усмртен велосипедист, а на 3 декември кај Ресен беше прегазен пешак. На 23 октомври кај кобното Ласкарци загинал сопатник откако возилото излетало од патот. На 4 септември жена загина кај Стража во сообраќајка што ја предизвика познатиот осуденик Зоран Милески Кичеец. На 19 август заврши животот на мотоциклист во Аеродром по судар со автомобил.
Многу датуми, кои е тешко да се запаметат одеднаш, но ќе останат засекогаш запишани на мермерни плочи. По неколку животи загубени секој месец. Како принесени жртви, но кому? На што? На Богот на неефикасноста и мрзеливоста во ставањето ред.
Зар не може полицаецот да казни ако утрото не добил задолжение дека тој ден му е работа да го контролира сообраќајот и да казнува?
Дури и без стручни анализи може да се извлече заклучок дека кога се преземаат мерки, а резултатите изостануваат, тоа значи дека нешто не е во ред со мерките. Засилените контроли на МВР траат повеќе од две години и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пред една година се пофали дека дале ефект – во 2020 година имало рекордно ниска смртност на патиштата со 115 загинати. Се соочи со критики дека тоа е повеќе ефект од големите рестрикции во движењето и драстично намалениот сообраќај поради мерките за борба против пандемијата што беа на сила тогаш. Но, дури и да е во право, бројките да се резултат на контролите – што им значи на блиските на тие 115 луѓе дека претходните години гинеле по 170 или 180? Ништо.
Поважно од тоа колку сообраќајки се случуваат е како доаѓа до нив. Во многу голем број случаи, станува збор за крајно ризично и неодговорно однесување на поединци – пресекување други возила во сообраќајот, нагло префрлање од една до друга крајна сообраќајна лента, поминување на црвено светло, заобиколување други возила што застанале да пропуштат пешаци, пресекување полна лента. Или накратко – силеџиско возење во кое настрадува друг, а силеџијата се извлекува.
Што прави полицијата за тоа време? Седи во грмушки со радар и чека да ги казни сите што возеле 63 на час на место каде што е дозволено 60. Тоа го покажуваат и примерите. Во сообраќајниот билтен од 21 јануари, на пример, се вели дека 100 возачи биле казнети за пречекорена брзина, а од нив шестмина возеле со 50 километри на час над дозволеното. Шестмина од тие 100 биле санкционирани затоа што навистина создале реална и голема опасност по безбедноста во сообраќајот.
Тоа не значи дека овој тип контролирање на сообраќајот е целосно погрешен и не треба да се прави. Тоа значи само дека – не е доволен. Во борбата со силеџиите мора да има патроли, што ќе ги бараат, ќе одат по нив, ќе ги запираат наместо да ги чекаат на едно место. Тоа не гледаме дека се случува. Напротив, сме виделе многу примери во кои тешки прекршоци се правеле дури и кога имало полициско возило или службеници во близина, а тие го игнорирале тоа. Дел се објавуваат и на социјалните мрежи. Зар не може полицаецот да казни ако утрото не добил задолжение дека тој ден му е работа да го контролира сообраќајот и да казнува?
Затоа, додека не почне посериозна борба против сообраќајното силеџиство, нема да има ниту целосен ефект од напорите на полицијата, ниту доверба во нејзината работа, кога е сообраќајот во прашање. Сѐ дотогаш, информациите за дневната бројка санкционирани возачи кај голем дел од населението ќе се доживува како мерка за полнење на буџетот.
Уште повеќе, ако се знае искуството на оние што биле барем еднаш дел од тие билтени, кога првиот совет на полицискиот службеник е како може казната да се плати најбргу и да се помине најевтино, како во реклама за телешопинг.