Бугарија тивко го омекнува ставот пред разговорите

Коментар на Ангел Петров

Состанокот за Северна Македонија што го свика претседателот на Бугарија, Румен Радев, неколку дена пред посетата на премиерот Кирил Петков на Скопје, на кој се собраа претставниците на владата и на политичките партии, се сметаше за обид на Софија да ги договори своите „црвени линии“ во пресрет на клучната средба за иднината на разговорите.

Се чинеше дека заклучоците на Консултативниот совет за национална безбедност беа срочени за да ѝ помогнат на земјата да ги издржи сите европски и американски притисоци врз Бугарија, со цел да го повлече своето вето за почетокот на преговорите за пристап на Северна Македонија во ЕУ.

Но, зад возвишената реторика за одбрана на националните интереси на Бугарија, исто така се навестува нова динамика, која би можела да ја одреди судбината на идните разговори меѓу новите влади во Софија и Скопје.

Претседателот и премиерот се расправаат за агендата

Бугарија како членка на ЕУ стави вето на почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија во ноември 2020 година, и оттогаш не попушти.

Една година претходно, владата на Бојко Борисов, поттикната од нејзините националистички коалициски партнери, усвои цврст став за преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија, презентирајќи листа на барања, од кои многу се поврзани со историјата и јазикот – кои Бугарија не ги признава како одвоени од бугарските. Северна Македонија ова го сфати како напад врз нејзиниот идентитет. Наметливиот и праведнички тон на Бугарија и дефанзивниот тон на Северна Македонија се покажаа фатални за дијалогот.

Како што преодната влада назначена од претседателот Радев го презеде управувањето од Бојко Борисов, а подоцна беше заменета со коалицијата предводена од Петков, фокусот на бугарските барања се смени.

За време на привремената влада од мај до декември 2021 година, други билатерални прашања неповрзани со историјата имаа приоритет во дискусиите со Скопје и со Брисел. Говорот на омраза во Северна Македонија против Македонците што се сметаат себеси за Бугари, неуспехот на Северна Македонија да гарантира дека нема да ги дискриминира Бугарите и недостигот од соработка во многу сектори, од инфраструктурата до културата, го зајакна аргументот на Софија дека Северна Македонија не го почитува историскиот билатерален договор од 2017 година, кој донесе големо затоплување во меѓусебните односи.

Откако Петков ја презеде власта, тој не се откажа од барањата на претходната бугарска влада, туку побара нов пристап во дијалогот. Тој тврдеше дека, иако историскиот спор остана важен, тој е само едно од многуте прашања за кои сака да се разговара во пет меѓувладини „работни групи“, за економија, инфраструктура, интеграција во ЕУ, историја и култура. Петков предвиде шестмесечен формат, кој треба да заврши со договор, со што ќе се излезе од ќор-сокакот.

Меѓутоа, пред доаѓањето на Петков на власт, претседателот Радев си постави своја агенда. Позајмувајќи го националистичкиот тон што ја рефлектираше јавната поддршка во Бугарија за да се задржи притисокот врз Северна Македонија и користејќи фрази како „дебугаризација на Северна Македонија“, тој го вклучуваше алармот за различни чувствителни прашања, како што се правата на Бугарите во Северна Македонија.

Два дена откако Петков ја презеде функцијата, Радев побара Бугарите да бидат вклучени во Уставот на Северна Македонија како услов за Бугарија да го укине ветото за нејзините пристапни преговори. Тој отиде дотаму што го предупреди Петков, кој веќе е задолжен за решавање на проблемот, да не поставува рокови за разговори и да не подлегне на притисокот пред Скопје да исполни сет критериуми – став што го делат и партиите во коалицијата на Петков.

Сепак, не постојат услови за уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот во Северна Македонија, бидејќи за тоа ќе биде потребна поддршка од двотретинското мнозинство во нејзиниот парламент, каде што опозицијата за возврат бара Бугарија да го признае етничкото македонско малцинство, за што Бугарија нема ниту волја, ниту правни механизми да се направи.

Фактот дека Радев инсистираше на ова прашање, како и фактот дека го свика Консултативниот совет само неколку дена пред посетата на Петков на Скопје, ја откри нивната борба за превласт.

Од внатрешна пресметка до компромис

Состанокот на Советот ја подгреа загриженоста дека Радев сака да му ги врзе рацете на Петков пред неговата посета на Скопје за своја политичка корист – прв предизвик за авторитетот на новиот премиер.

На почетокот на средбата, претседателот ја потврди потребата од почитување на Рамковниот став за 2019 година, барањето етничките Бугари да бидат вклучени во Уставот на Северна Македонија и потребата да се одржи единството меѓу политичките партнери за Северна Македонија – принцип што во суштина ја задушуваше секоја можност за напредок.

Но, кога Радев ги претстави препораките на Советот до владата и парламентот, тонот се смени.

Ова е важно – не поради она што содржеа заклучоците на Советот, необврзувачки текст од седум точки договорен меѓу политичките играчи – туку поради она што не содржеа.

Додека заклучоците ја содржат Рамковната позиција, на пример, во нив директно не се споменува темата за историјата.

Во нив се става настрана иницијативата на Петков за шестмесечни разговори (разговорите треба да траат онолку колку што е потребно), а се испушта и барањето Северна Македонија да ги додаде етничките Бугари во својот Устав, и, наместо тоа, се бара заштита на „правата на македонските Бугари“.

Во нив, исто така, се дозволува прашањата од договорот од 2017 година да се решаваат за време на разговорите со ЕУ, наместо пред да се укине ветото. Потоа, се поддржува предлогот на Петков за да се формираат работни групи што ќе се фокусираат на поврзувањето, енергијата и инфраструктурата, области каде што двете земји постигнаа малку за 30 години.

Ниту една од точките не е задолжителна, но списокот содржи политики и мерки поддржани од политичарите на кои Петков сега може да дејствува без ограничувања, во политичката арена каде што во последните неколку години и наједноставниот политички потег можеше да доведе до поларизација.

Пристапот на новиот премиер, во меѓувреме, толку многу ги зголеми очекувањата во Скопје, во пресрет на неговата посета, што тамошната еуфорија додаде масло на тврдењата на бројни партии и набљудувачи во Бугарија дека тој планира да ја предаде Бугарија.

И Радев и Петков загубија и освоија нешто по состанокот на Советот. Но, тоа е и меч со две острици за Бугарија: самата амбивалентност на нејзината порака може или да ги попречи преговорите или да ѝ даде поголема флексибилност на Бугарија да ги редефинира своите „црвени линии“ – нешто што Скопје допрва треба да го направи.

Доколку се случи второто, тоа би можело да ѝ помогне на Бугарија да ја преземе иницијативата и да предложи излез, наместо да ги повторува старите барања, кои ги доведоа разговорите во ќор-сокак.

Скриени стапици сè уште има многу

Сепак, и овој пат изобилува со ризици. Еден од нив доаѓа од домашната политика. Партиите во коалицијата на Петков се разновидни во својот став за Северна Македонија и разликите меѓу нив не исчезнаа. Консензусот може да се распадне од различни политички причини.

Друго прашање е сопствената динамика на Северна Македонија. Не сите во новата влада на Димитар Ковачевски (како и во онаа на Зоран Заев што замина) се подготвени да прифатат компромиси. Има непопустливост дури и меѓу владејачките социјалдемократи, а камоли кај другите низ политичкиот спектар.

Јавното мислење може да биде фактор и во двете земји. На двете страни ќе има тешка задача да се оди по патека во која „договорот“ нема да се поистовети со „велепредавство“.

Во спорот одамна се напупшти маската на борба за националните интереси на Бугарија. Она што сега е важно е кои политичари ќе го решат – и по која политичка цена. Можеби чувствуваат дека одат по јаже. За секој чекор што Бугарија го прави кон Северна Македонија, може да има чекор назад – или два.

Ангел Петров е новинар и уредник од Софија. Изразените мислења се на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.