Вести

Стефанова сведочеше дека Јанева ургирала за „Империја“

Oбвинителката Стефанова по сведочењето за Рекет | Фото: БИРН

На обвинителката Лиле Стефанова, еден месец пред бизнисменот Јордан Камчев да пријави рекет кај премиерот Зоран Заев, ѝ станало јасно дека зад неколку одлуки на нејзината шефица не стои правото, туку сосема други интереси.

Таа сведочеше како сведок на обвинителката Вилма Русковска во предметот „Рекет“ објаснувајќи како неколку месеци се преиспитувала дали одлуките на Јанева се според словото на Законот или со нечии влијанија.

Седнати една спроти друга во судницата на Кривичниот суд, некогашните колешки од специјалното јавно обвинителство, првин се соочија со прашањата на обвинителката Гордана Смаќоска, а потоа и на адвокатите во предметот „Рекет“.

Сведочењето на обвинителката Стефанова која е клучен сведок во оваа афера практично го оправда обвинението против нејзината поранешна шефица. Ова може да се заклучи по испитувањето на Стефанова, која го уверуваше судот дека Јанева барала ургенции за спас на осомничениот бизнисмен.

Стефанова сведочеше дека целта на Камчев била преку влијанија врз широк круг на луѓе да ја урниса истрагата за „Империја“. Тоа не му успевало, се` додека Јанева не влегла во приказната, вели таа.

Во предметот „Империја“ осомничените Јордан Камчев и Цветан Панделески, според Стефанова, постојано барале начин да влијааат врз постапката, но наидувале на бедем.

„Праќаа емисари, бизнисмени, судии, обвинители, но не влијаеа ни кај мене, ни кај Јанева“, децидна беше поранешната специјална обвинителка.

Но, првиот пресвртен момент, како што кажа Стефанова, настанал со одлуките за продолжувањето на притворот на осомничените во „Империја“.

„Ако дотогаш не се мешаше во мојата работа, туку само се согласуваше, во декември 2018 година, Катица Јанева првин почна да бара повеќе информации за предметот, ја викаа во телевизиски емисии, се распрашуваа новинари и не гледав ништо чудно“, се присети Стефанова.

Но, ѝ станало чудно што кога од притвор еден месец претходно го повикала Камчев за да го запознае за истрагата, била инволвирана во невообичаен гест на осомничен во СЈО.

Камчев ѝ дал лист на кој стоел амблем на болницата „Аџибадем Систина“, со македонски и латиничен текст. Камчев ѝ рекол да го прочита само латиничниот текст во кој пишувало дека поранешната пратеничка на СДСМ, вработена кај Камчев, Наташа Савова била пратена кај Сашо Мијалков да ургира да се затвори истрагата и за него и за Јордан Камчев.

Обвинителката посочи дека тоа било знак на дрскост, односно оти има многу луѓе околу него, а со тоа  пројавува моќ да влијае врз истрагата. Го ископирала листот и ѝ го дала на Јанева, но за содржината никогаш не поразговарале.

Шокот за Стефанова се случил на 20 декември 2018 година во канцеларијата на Јанева, кога тогашната шефица на СЈО ги свикала сите обвинители и побарала за петмина осомничени во „Империја“ да ги преиначи предлозите и во куќен притвор меѓу другите да биде пуштен и Јордан Јамчев.

Тоа ексшефицата на СЈО го правдала со политичкиот контекст за донесување т.е. изгласување на Законот за јавното обвинителство и гласањето за уставните измени во парламентот. Јанева била уверлива во настапот.

„Рече нема да бегаат. Јас се побунив од проста причина за овие пет предлози не беше само за бегство, туку за и влијание врз сведоци кое и од притвор го вршел осомничениот Јордан Камчев“, сведочеше обвинителката.

Следниот сомнителен момент кај Стефанова кој го изнесе во сведочењето дошол во март 2019 година, кога стигнало барање за позитивно мислење за времен пасош на Цветан Панделески.

Стефанова негираше дека „Империја“ е креирана за рекет | Фото: БИРН

Јанева првично ѝ рекла на Стефанова позитивно да одговори на барањето, но откако Стефанова се вратила на работа и ѝ кажала дека кон барањето на Панделески нема документација за лекување во странство, тогашната шефица се повлекла.

Според сведочењето на Стефанова, Јанева повеќе се интересирала за Панделески, отколку за Камчев, а кога вторпат тоа се случило, ѝ дала наредба да даде позитивно мислење за лекување и го исклучила телефонот.

16 април 2019 година. На тој ден се случил состанок на кој, Јанева, која како што рече Стефанова била нервозна, побарала да изготват извештаи за штетите во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“, но не само тоа, туку побарала предметот да се затвори.

„Ти Лиле да му го дадеш пасошот и приговори нејќам. Ќе даде гаранција од 3,5 милиони евра“, рече Стефанова дополнувајќи дека по овој состанок Катица ги избркала од канцеларијата.

Но, обвинителката рече дека во извештаите ги ставиле не само штетите туку и затворските казни, бидејќи тоа биле предмети кои не можеле да се затворат само со плаќање на штетата.

„Таа не бараше затворски казни, туку само штетата“, рече обвинителката.

Кога обвинителката, како што рече, сфатила оти зад оваа одлука на Јанева не стојат правото и законот, му се јавила на обвинителот Гаврил Бубевски, антиципирајќи ја тезата на подоцнежното обвинение за „Рекет“:

„Катица сака „Империја“ и „Поштенска банка“ да ги затвори на незаконски начин, ќе поднесам оставка и ќе излезам во медиумите…“, говорела тогаш обвинителката.

Претпоследната сомнителна одлука за Стефанова се случила во мај кога таа користела годишен одмор. Од неа преку шефицата на Јанева било побарано да даде позитивно мислење за времен пасош на Камчев, но без понудена гаранција, за семинар и учество на конфренција.

Стефанова дознала од телевизиски пренос на спортски натпревар дека Камчев е во странство и дека заменичката на Јанева, Елизабета Јосифовска, ставила потпис на враќањето на пасошот на Камчев.

Последната ургенција на Јанева кај Стефанова била за одмрзнување имот на една од фирмите на Панделески, викендот пред Јанева да ја поднесе оставката.

Освен во „Империја“, Стефанова го спомна и примерот за кој пишуваа медиумите, дека по налог на Јанева не бил замрзнат стан на осомничениот Томе Главчев во „Поштенска банка“, првично за пријателка, а подоцна утврдиле дека станот е на Сашо Василевски, eксдиректорот на МЕПСО и поранешен член на Советот на јавните обвинители.

Додека траеше сведочењето Јанева не ја гледаше обвинителката Стефанова, туку се консултираше со нејзината адвокатка и ѝ дошепнуваше прашања во испитувањето.

Тезата, пак, која тимот на Јанева сакаше да ја извлече од обвинителката Лиле Стефанова низ низ прашања беше на линија на тоа дека таа и во други предмети  давала позитивни мислења за пуштање во куќен притвор, за времени патни исправи. Но, Стефанова беше децидна дека тоа го правела, но само во согласност со законите.

На прашање за пресметките на штетата во „Империја“, обвинителката кажа дека тоа не било редовна пракса за другите предмети на СЈО, за кои се донесувале само наредби за истраги и се поднесувале обвиненија.

Во одговорите на прашањата на авокатката на Јанева, Стефанова прстот го впери директно кон поранешната шефица на СЈО, констатитрајќи дека зад секоја одлука стои потписот на Јанева, која според Законот, има овластување да потпишува се` што излегува од Обвинителството.

Осомничените биле чекор пред СЈО, кажа обвинителката. Тоа ѝ го кажале истражителите, бидејќи пред отворањето на истрагата Камчев со сопругата и Зоран Милески Кичевскиот ја чекале полицијата која дошла да ги апси спремни, со претходно испразнет сеф и тукушто купени мобилни телефони.

Неколку прашања Стефанова од адвокатката на Јанева доби и за врската со бизнисменот Ванчо Чифлиганец, кој ја посочи во сведочењето Камчев. Обвинителката рече дека нејзиниот познајник во просториите на СЈО и со присуство на Јанева се интересирал зошто се осомничени Камчев и Панделески во „Империја“.

„Му реков за предметот нема да зборуваме“, отсечно кажа Стефанова и дополни дека на посебните истражни мерки има податоци за тоа каде потоа отишол Чифлиганец.

Но, Стефанова ја негираше целосно тезата на Камчев дека „Империја“ е креирана за уцена на круг на бизнисмени.

Таа сведочеше дека подоцна при проверка на податоците дознала оти бизнисмените Камчев и Чифлиганец имаат оформено заедничка фирма „Адора ДОО“ која е во бизнис со фирми на Сашо Мијалков.

Одговори и на прашањето за учеството на емисијата на „1 ТВ“ каде гостувале со Јанева и обвинителот Трајче Пеливанов. Кажа дека не ѝ било мило да гостуваат, но не се откажале.

На две и пол часовното рочиште адвокатката Фрчкоска се интересираше и за тоа Стефанова да каже дали го има истото мислење за Јанева како тогаш и денеска, а обвинителката рече дека сигурно со  шефицата нема да се расправаат на телевизија и дека во делот кога зборувала за притворот пелтечела.

Тензичната атмосфера на судењето кулминираше на крајот, кога додека Стефанова се подготвуваше да замине, Јанева промрморе „гомнарка“, по што судијката ја отстрани од судницата.

Јанева, видно вознемирена, чекаше со полицајците на скалите пред судницата додека Стефанова се симна покрај неа со новинарите за да даде изјава по сведочењето во која рече дека последниов период „Империја“ доживува забрзан тек.

Пред Лиле Стефанова, во „Рекет“ сведочеа брачната двојка Камчеви, благајничката во нивните фирми, бизнисмените Томе Главчев, и Зоранчо Митровски и штипскиот адвокат Сашко Бошков.