Вести

Судството без конкретно решение по оставката на Михајлова

Три опции се исправени пред Судскиот совет откако досегашната в.д. претседателка на Кривичниот суд Татјана Михајлова поднесе оставка од функцијата.

Судскиот совет, на седница која сè уште не е закажана, може да изберат в.д. претседател на судот или пак, да изберат претседател на конкурсот што беше распишан во декември.

Кандидати за претседател се Владимир Панчевски и Иван Џолев. Сепак, бирање нов претседател е опција која се судира со роковите кои според Деловникот на Судскиот совет предвидуваат дека „изборот на претседател на суд се врши најдоцна два месеца по распишување на огласот“. Овие два месеца веќе изминаа минатиот месец, па оттаму се доведува во прашање легитимитетот на новиот претседател, доколку тој биде избран.

Освен тоа, за да се избере в.д. претседател на суд не е потребно Бадентерово мнозинство, додека за избор на претседател е потребно. Членовите на советот со албанска националност веќе се изјаснија дека нема да гласаат за Панчевски, па оттаму, според правните експерти што ги консултиравме, поголема е веројатноста Судскиот совет да го врати Панчевски, овојпат како в.д. претседател, без гласовите на судиите Албанци.

Третата опција е пак, целиот процес да почне отпочеток – да се распише нов оглас за прв човек на Кривичниот суд и потоа да се гласа.  

„Во моментов немаме конкретно решение, има неколку опции, именување на нов в.д. претседател, или спроведување на изборот на претседател од веќепостоечките кандидати, но и можност да се распише нов оглас за избор на претседател на Кривичен“, изјави Зоран Караџовски, претседателот на Судскиот совет.

Михајлова му отвора место на Панчевски?

Татјана Михајлова не ги навела причините за оставката

Оставката на Татјана Михајлова беше вистинско изненадување за јавноста, а особено за судската фела, додека причините за нејзината оставка не беа наведени. Таа ја извршуваше функцијата в.д. претседател само 3 месеци, од декември минатата година, откако на поранешниот претседател Владимир Панчевски му истече мандатот, но повторно се кандидираше за истата позиција.

Само неколку дена пред поставката, Врховниот суд прифати приговори на судии за Годишниот распоред за работа на судот кој го направи Михајлова. Со овој распоред, осуммина долгогодишни и искусни судии ги размести или во Судот за прекршоци, или на судење по стари судски предмети. Врховниот суд прифати 7 приговори на судиите кои се жалеа на одлуката. Многумина во овој чин го гледаат мотивот за оставката на Михајлова, а се шпекулира дека е можно да се обидува да му остави простор на Панчевски да биде в.д. претседател.

Таа суди во предметот на Специјалното јавно обвинителство за насилството во Општина Центар, во кој првоосомничени се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. На минатото рочиште Михајлова ги казни специјалните обвинителки Фатиме Фетаи и Катица Јанева со вкупно 4.000 евра поради непочитување на Судот. Специјалните обвинителки ја обжалија одлуката за парично казнување. Ново рочиште за овој предмет е закажано за в петок.

Во меѓувреме, ситуацијата во судот врие, особено за време на претседателствувањето на Панчевски, кога се случи раздор меѓу судиите, а тој се соочи со серија кривични пријави.

„Веќе не знаеме ниту кој судија е разместен, ниту па кој нов судија е дојден. Распоредот е хаос, а ние речиси и да не комуницираме едни со други. Нивото на комуникација ни се сведува само на еден поглед“, вели за БИРН судија од Кривичниот суд.

Во најновиот извештај на Стејт департментот за човековите права, се наведува дека судството во Македонија го карактеризираат политичко мешање, неефикасност и фаворизирање на етаблирани личности во општеството, пролонгирани процеси, прекршување на правото на јавен судски процес и корупција.

Извештајот констатира дека недоволното финансирање се одразува врз судските операции и ефикасноста, како и дека бројни судски претставници ја обвинуваат владата дека го користи буџетскиот авторитет за да го контролира судството.