Вести

Уште 6.196 Македонци лани добиле бугарско државјанство

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Вкупно 6.196 Македонци минатата година добиле бугарско државјанство, покажува годишниот извештај на Комисијата за бугарско државјанство и Бугари во туѓина во рамките на Администрацијата на Претседателот. Извештајот покажува дека споредено со 2015 година, бројот на Македонци што добиле бугарско државјанство е пораснат за 1.881.

„Во 2016 година продолжува трендот на зголемување на бројот на луѓе од Република Македонија коишто добиле бугарско државјанство. Во споредба со 2014 година кога нивниот број е 1.874 луѓе, во 2015 година се зголемува на 4.315 луѓе за бројот на натурализирани македонски граѓани лани да достигне 6.196 луѓе“, пишува во извештајот.

Со тоа, како што пишуваше БИРН, од 2005 година до лани, вкупно 63.823 Македонци декларирале дека имаат бугарско потекло, односно добиле државјанство и пасош. Македонците се први на листата според потпишаните укази за добивање бугарско државјанство лани.

На второто место се граѓаните на Украина, со одобрени 2.254 барања за бугарско државјанство, а потоа следуваат граѓаните на Молдавија со 1.209 и на Србија со 911 државјанства. Заедничко за сите земји на врвот на оваа листа е што се надвор од Европската Унија, а граѓаните со бугарскиот пасош всушност бараат „иселеничка виза“ во некоја од земјите членки. Мотивите за иселување најчесто се од економска природа, односно граѓаните емигрираат во потрага по подобра работа и повисока плата.

Деновиве бугарската потпретседателка Илијана Јотова изјави дека повеќе нема да потпишува декрети за стекнување на бугарско државјанство, се додека специјална комисија од експерти не ја потврди вистинитоста на доставените документи за бугарско потекло на барателите. Бугарските медиуми пишуваа дека властите во земјата им дале бугарско државјанство на луѓе кои се барани од страна на Интерпол и на тој начин ја избегнувале правдата во своите земји.