Вести

Таравари ја спушти рампата на Клинички за „Ѓока констракшн“

Министерството разгледува две опции

Компанијата „Ѓока констракшн“ нема да стопанисува со паркингот на Клиничкиот центар. Ова денеска на прес-конференција го соопшти министерот за здравство, Арбен Таравари. Одлуката, вели, следува по бурната реакција, откако тој за БИРН минатата недела го откри името на компанијата.

Информацијата предизвика реакции во јавноста која негодуваше зошто најдоходовното паркиралиште со кое управува „Градски паркинг“ се дава на приватен инвеститор кој од приходот би ѝ давал на државата само еден отсто. Дополнително, реакции предизвика и изјавата на министерот Таравари дека ако „Ѓока констракшн“ го добие паркингот тој ќе поскапи од 30 на 50 денари за час.

Сега министерството разгледува две опции.

„Првата е Јавното претпријатие Градски паркинг да изгради две катни гаражи и да ги управува, а втората е тоа да го направи Службата за општи и заеднички работи при Клинички центар“, рече Таравари.

Министерството за здравство, на 15 ноември минатата година го објави огласот со кој бара приватен партнер. На него се јави само една фирма, а Таравари, на 24 февруари рече дека е избрана компанијата и дека договорот „ќе биде потпишан деновиве“. Минатата недела, пак, го соопшти името на фирмата.

По реакциите во јавноста, премиерот Христијан Мицкоски тврдеше дека ништо не е готово и дека одлуката ќе се носи на владина седница и дека „ако јавноста не сака нема да го потпишеме договорот“.

Инаку, огласот, кој сега е поништен, предвидуваше приватниот инвеститор да вложи повеќе од десет милиони евра и  да изгради две монтажни катни гаражи. Имаше и неколку услови за тоа кој сѐ може да конкурира. Меѓу другото од нив се бараше да имаат искуство со изградба и стопанисување на „минимум еден мост, паркинг или слична конструкција“, да имаат најмалку 50 вработени и најмалку десет милиони евра приход годишно во последните три години.

Идејата за јавно-приватно партнерство за тој паркинг е стара. Физибилити студијата е изработена пред десетина години, кога министер за здравство беше Никола Тодоров, а потоа и неколкупати менувана.