Интервјуа

Тевдовски: Имаме доволно аргументи да не го одложиме прогресивниот данок

Имаме доволно аргументи овој пат да не ја одложуваме примената | Фото: Роберт Атанасовски

Најекспониран во јавноста од сите владини функционери оваа недела сигурно е министерот за финансии, Драган Тевдовски, веројатно очекувано, откако во саботата на прес-конференција најави даночни реформи, со кои досегашниот рамен треба да се замени со прогресивен данок. Најпросто кажано, државата од следната година планира да зема поголем персонален данок од граѓаните што имаат највисоки доходи, над 90 илјади денари месечно.

Оттука, очекуван е интересот на јавноста да бара одговори од министерот за финансии, Тевдовски, на сите прашања поврзани со новиот даночен модел. Впрочем, и на ова интервју министерот Тевдовски дојде од телевизиско снимање, каде што одговарал на прашања токму на оваа тема.

Но, вели, „не сум уморен да ги повторувам постојано сите аргументи зошто сакаме да воведеме праведно оданочување. Убеден сум во исправноста на мерката, а тоа ми е и задача“.

Нам, ова ни беше втор обид да разговараме со министерот Тевдовски за прогресивниот данок откако летово со образложение дека нема детали што може да ги сподели со јавноста, одби да ги одговори прашањата на оваа тема.

Погрешно е мислењето дека рамниот данок е повеќе застапен бидејќи прогресивно оданочување доминира во ЕУ, во САД, со многу повисоки стапки од оваа што ја предлагаме. Од земјите од окружувањето веќе го воведоа Чешка, Словачка, Црна Гора, Албанија

Иако идејата да се воведе прогресивен данок беше очекувана од оваа власт со левичарска идеологија, а е дел и од владината програма, сепак неочекувано беше што предложените законски измени се обелоденија на два месеца пред крајот на годината, кога компаниите веќе ги имаат дефинирано финансиските планови за следната година, па така се доживеа како избрзана.

Најголемите бизнис-асоцијации, кои и претходно се противеа на воведувањето на прогресивниот данок, и сега ги повторија своите ставови и побараа да се одложи примената на законските измени. Тевдовски не мисли дека одлуката е избрзана или неочекувана.

„За ниедни законски измени досега немало толку јавна дебата колку сега. За ова се дебатира неколку години. Ние еднаш веќе ја одложивме даночната реформа. Минатата година сметавме дека економијата е кревка, дека нема политичка стабилност за промена на даночните модел, но отворивме дебата. Го слушнавме ставот на јавноста, и дури на крај ги земавме предвид нивните барања, па го подигнавме прагот за кој се воведува повисоката стапка од првичните 60 илјади на 90 илјади денари. Имаме доволно аргументи овој пат да не ја одложуваме примената“, вели Тевдовски на почетокот на овој разговор, објаснувајќи дека следната година, кога се очекува земјата да стане член на НАТО, ќе биде добра за економијата.

Најавата за воведување прогресивен данок на саботната прес-конференција дојде прилично неочекувано и за нас новинарите што пишуваме на оваа тема, особено што само четири дена претходно, интересирајќи се колку е извесна даночната реформа, министерот Тевдовски не навести ништо такво, туку само кусо ни рече „нема владина одлука“.

Меѓу Албанија и Данска

Убеден сум во исправноста на мерката, а тоа ми е и задача | Фото: Роберт Атанасовски

Со законските измени се прави клучна поделба на доходот на две групи – доход од труд и доход од капитал.

За доходот од труд, како што се плати, пензии, договори за дело, доход од авторски права, доход од самостојна дејност, се воведува прогресивност, односно дополнителна стапка од 18 отсто за даночната основа, која надминува 90.000 денари месечно. Според владините проценки, оваа даночна реформа опфаќа само 1отсто од граѓаните со највисоки лични доходи.

Министерот за финансии набројува повеќе аргументи зошто е убеден дека земјата е подготвена да го напушти рамниот данок, кој, како што вели, е карактеристичен за поранешни социјалистички држави со неефикасни државни институции, но, генерално, вели дека законските измени се предлагаат со цел да се адресира постоечката регресивност кај данокот на доход (граѓаните со најниски приходи се оданочуваат со повисока ефективна даночна стапка од оние со највисоки приходи), како и да се обезбедат дополнително пари во државната каса за подобрување на квалитетот на јавните услуги.

„Рамниот данок е одлика на земји што имаат лоши, неефикасни институции.  Како што земјите ја подобруваат ефикасноста на институциите, воведуваат и прогресивен данок. Погрешно е мислењето дека рамниот данок е повеќе застапен бидејќи прогресивно оданочување доминира во ЕУ, во САД, со многу повисоки стапки од оваа што ја предлагаме. Од земјите од окружувањето веќе го воведоа Чешка, Словачка, Црна Гора, Албанија“, вели Тевдовски, кој неколкупати во своите интервјуа, па и во нашиот разговор, се осврна на примерот со Албанија, што предизвика и коментари по социјалните мрежи дека министерот што не ја криеше својата фасцинација од скандинавските економски модели, особено од Данска, сега се огледа на Албанија.

Во сите просперитетни општества, тие што имаат подобар животен стандард или повисок доход, тие плаќаат и по повисоки даночни стапки. Со воведувањето на дополнителна стапка од 18 отсто ефективната даночна стапка кај оваа група на луѓе ќе се зголеми

„И во Данска постои прогресивно оданочување. Таму највисоката стапка достигнува 55 отсто, но ние не можеме да ја земеме оваа земја за пример бидејќи ефикасноста на институциите кај нас не може да се мери со земја како Данска. Можеме да се споредиме со земја од нашето соседство што има речиси исти услови како и кај нас“, одговара Тевдовски.

Осврнувајќи се на изминатите десет години, тој се повикува на еден графикон испечатен и во брошурата на Министерството за финансии, кој покажува дека по воведувањето на рамниот данок во 2007 година, уделот на доходот што го поседуваат 1 отсто од граѓаните со највисоки приходи, се зголемил од 6,3 отсто на 12,2 отсто лани.

На прашањето дали таканареченото богатење на овие 1отсто од луѓето со највисоки приходи, кои всушност повеќе заработуваат приходи од капитал отколку од труд, може да се припише само на рамниот данок, или можеби тоа е последица и на злоупотреба на моќ, врски со власта и слично, Тевдовски не ги исклучува овие фактори, но вели дека рамниот данок не правел никаква корекција на прераспределбата на доходот и овозможил концентрација на приходите кај оваа група луѓе.

„Граѓаните што имаат просечна плата или околу просечната плата, на пример, имаат повисока ефективна даночна стапка од тие што имаат највисоки приходи, што апсолутно не е фер. Во сите просперитетни општества, тие што имаат подобар животен стандард или повисок доход, тие плаќаат и по повисоки даночни стапки. Со воведувањето на дополнителна стапка од 18 отсто ефективната даночна стапка кај оваа група на луѓе ќе се зголеми“, вели тој.

Идеолошка козметика или реална реформа

Рамниот данок е одлика на земји што имаат лоши, неефикасни институции | Фото: Роберт Атанасовски

Зборувајќи за ефектите од даночната реформа, министерот Тевдовски вели дека се проценува оти со неа ќе се соберат околу 25 милиони евра во буџетот со кои „ќе се финансираат мерки за намалување на сиромаштијата, односно за спроведување на минималниот гарантиран приход со кој ќе се извлекуваат луѓето од сиромаштија и ќе се активираат на пазарот на трудот“.

Иако станува збор за помалку од 1 отсто од вкупните јавни расходи, и во споредба со трошоците, на пример, за доградба на автопатот Кичево – Охрид од 190 милиони евра што се предвидоа со новиот анекс-договор, овие приходи изгледаат минорни, сепак, Тевдовски не сака да гледа на оваа реформа како на идеолошка козметика.

„Апсолутно не станува збор за козметичка мерка. Напротив, овие приходи ќе се искористат за редизајнирање на системот на социјална заштита, за кој се потребни и повеќе пари, околу 35 милиони евра. Целта е преку поголеми социјални трансфери што ќе ги таргетираат најсиромашните, а не како досега и оние со највисоки приходи преку мерки од претходната влада, како што беше на пример додаток за трето дете, значително да се намали сиромаштијата“, вели Тевдовски.

Како аргумент повеќе Владата да побара повеќе пари од даночните обврзници, Тевдовски ги наведува реформите во јавното здравство и образование.

Освен за доходи од труд, се зголемува и оданочување на доходот од капитал, како што е закуп и подзакуп, дивиденди, капитални добивки, добивки од игри на среќа и другиот доход, кои ќе се оданочуваат со единствена стапка од 15 отсто

„Треба да се преземаат политики и мерки за зајакнување на јавниот сектор, особено клучните сектори, како што се образованието и здравството. Ние веќе преземаме такви чекори, но со поголеми приходи ќе направиме уште повеќе реформи“, вели тој.

На прашањето зошто Владата го зголемува даночното оптоварување, без оглед што опфаќа само 1отсто од граѓаните, кога постои голем простор да се рационализираат трошењата на народните пари, Тевдовски вели дека паралелно ќе се подобруваат и приходната и расходната страна на Буџетот.

„Ние преземаме одговорна политика да ги подобриме приходите во Буџетот бидејќи тоа го бараат од нас сите меѓународни финансиски институции, без притоа да ги зголемуваме задолжувањата како што правеше претходната власт. Истовремено, преку зголемување на фискалната транспарентност, давајќи во јавноста детали за трошењата од поединци, па до најголемите тендери, имаме притисок да ги подобриме расходите“, додава тој, особено што, според него, притисокот во насока на попродуктивно трошење и обезбедување поквалитетни јавни услуги треба да биде и поголем од тие што имаат највисоки приходи и од кои државата сега планира да земе поголем данок.

Освен за доходи од труд, се зголемува и оданочување на доходот од капитал, како што е закуп и подзакуп, дивиденди, капитални добивки, добивки од игри на среќа и другиот доход, кои ќе се оданочуваат со единствена стапка од 15 отсто.

Оданочувањето на капиталните добивки од хартии од вредност, како и на каматите од орочени депозити, се планира да има одложена примена од 2020 година. Притоа, на доход од камати до 250 евра годишно, нема да се плаќа данок.

Според проценките на министерот, сосе овие измени од 2020 година, вкупниот број на луѓе опфатени со поголемо даночно оптоварување ќе достигне до 30 илјади.