Во неделата на полноќ стапи во сила забраната за емитување платено политичко рекламирање на телевизиите, во печатените и електронските медиуми, која ќе важи до денот на почетокот на изборната кампања за предвремените парламентарни избори.
Сепак, речиси и да нема ден, а да не се најават нови владини проекти кои имаат за цел да ја претстават владејачката гарнитура на чело со премиерот како исполнувач на барањата на граѓаните за кои се говорело последниве години.
Како што се ближи терминот за демисионирање на Груевски, 15 јануари, така се засилува неговото присуство на медиумите кои ги пренесуваат посетите, говорите и најавите каде што тој ветува нови инвестиции и зголемувања на платите, вработувања или привилегии за одредени категории граѓани.
Најголемиот број привилегии се однесуваат на студентите. Премиерот Груевски изјави дека ќе бидат одвоени 11,2 милиони евра за 40 видови стипендии во 2016 година. Истиот ден тој ја посети локацијата каде што ќе се гради нов објект за студентскиот дом „Невена Георгиева-Дуња“ („Медицинар“).
„До 2005 година ние имавме, сè на сè, од пет до седум видови стипендии. Сега има 40 видови стипендии за високо образование и за средно училиште“, рече тој.
Во неговиот говор не изостана ниту веќе традиционалната споредба со тоа што направиле СДСМ додека биле на власт, а што сторила неговата Влада.
Инаку, проблемот со условите и стипендиите за студентите тлее со години наназад, но токму последниов месец почна реконструкцијата на студентските домови и зголемувањето на стипендиите.
Претходно, Груевски најави дека за сите студенти, секој четврток во месецот ќе се овозможи бесплатен превоз во градските автобуси, жичницата на Водно и железничкиот сообраќај во Македонија.
„Ќе воведеме бесплатен викенд, петок, сабота и недела, еднаш во месецот, за превоз на младите лица во железничкиот сообраќај. Сите млади до 27 години ќе имаат право на бесплатен повратен билет на определен викенд во месецот“, рече Груевски.
На оваа одлука, реагираше Студентскиот пленум со образложение дека станува збор за предизборен маркетиншки трик.
„Десет години се бара бесплатен превоз за студентите, но Владата дури сега предизборно ја воведува мерката“, изјавија од Студентскиот пленум.
Дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов, во изјава за емисијата „Економски магазин“ на Алсат–М, изјави дека до априлските избори ќе има уште голем број ветувања од страна на власта, но дека најавените проекти не се вклучени во буџетот за 2016 година, па оттаму останува неизвесно како ќе се најдат пари за нивна реализација.
„Сите овие проекти имаат фискална импликација, а никој не кажува што ќе значи тоа за буџетот. Ако овие проекти биле мислени порано, тогаш тие ќе беа дел од буџетот за 2016 година. Транспарентна влада требаше да каже од каде ќе се обезбедат овие средства. А конкретно, за проектот „Купи куќа“ ако ги погледнете условите, ако останат такви, ќе видите дека некаде околу 100 или 120 лица ќе можат да искористат вакво нешто“, рече Наумов.
Студентите од оваа група сметаат дека предлогот е дискриминаторски, затоа што, според најавите, ќе важи само за редовните студенти од државните универзитети.
Сепак, веднаш по најавата за бесплатниот превоз за студентите во четврток, надлежните решија да ги зголемат цените на автобуските билети. ЈСП објави дека за купен билет кај возачот во автобусите на ЈСП ќе се плаќа 60 денари, а претходно се плаќаше 35. Образложението беше дека оваа цена е поради стимулација на граѓаните да се пренасочат кон електронските билети кои ќе се надополнуваат со ваучери, наместо да ги тормозат возачите. Од ЈСП објавија дека доколку наплатата се врши преку мобилен телефон, цената е 40 денари, а за ноќен билет платен со телефон, наместо 40, ќе чини 50 денари.
По жестоките реакции на јавноста на оваа тема, градската власт отстапи – беше решено дека цената на билетот во автобусите на ЈСП што се купува кај возачот и по воведувањето на новиот електронски систем нема да се промени и ќе изнесува 35 денари, а не 60, како што беше најавено претходно.
„Цената останува иста“, рече градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
Пред студентите, повластици добија и дел од лекарите. Министерот за здравство, Никола Тодоров, одлучи капитацискиот бод за стоматолозите да се зголеми за 5 денари, од 35 на 40 денари, односно 14 проценти. Ова ќе го чини буџетот 1,2 милиони евра годишно, a вкупно, Фондот ќе исплаќа 9,7 милиони евра годишно за матичните стоматолози.
Инаку, во 2008 година, Владата на Груевски го намали капитацискиот бод на стоматолозите од 45 денари на 35 денари, а седум години подоцна, токму пред изборите, повторно го зголемува за 5 денари.
Во истиот период, следуваше и добра вест за вработените во правосудството. Владата одлучи по итна постапка да ги награди јавните обвинители и судиите со плати повисоки за 35 отсто. Како што стои во предлог законот за измени и дополнување на законите за платите на јавните обвинители и на судиите, основна цел поради која се предлагаат законите е да се зајакне самостојноста на јавното обвинителство и на судовите. Ова зголемување на платите ќе го чини буџетот дополнителни 20 милиони евра.
Освен овие повластици и ветувања, Груевски и министерот за финансии, Зоран Ставрески, најавија уште еден нов проект, кој би стартувал од 1 февруари 2016 година. Станува збор за проектот „Купи куќа за млади“, со кој на лицата до 35 години кои се или не се во брак, Владата ќе им дава неповратни средства за да купат куќа. Идејата се објаснува не само со решавање на станбеното прашање на младите парови, туку и со зголемување на наталитетот, затоа што истражувањата покажувале дека парови со куќа имаат повеќе деца.
Поволни вести пред априлските избори следуваа и од МВР. Заменикот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, објави дека овластените службени лица и униформираните полициски службеници мартовската плата ќе ја примат повисока за пет проценти како резултат на изедначувањето на платите во МВР со сличните служби договорено минатата година.
„Усогласувањето според стратегијата и програмата на Владата од 2014/2018 година ќе продолжи до крајот на 2017 година кога основната плата на лицата со посебни должности и овластувања во МВР ќе се изедначи со основната плата на лицата со посебни должности и овластувања со Царинската управа, Управата за финансиско разузнавање, Финансиската полиција и тоа е крајната цел“, изјави Чавков, додавајќи дека „на овој начин се исправа децениската неправда, а се исполнува и ветеното“.
Паралелно со ова, Министерството за здравство ја почна постапката за легализација на марихуаната. Изготвен е предлог закон кој треба да помине на владина седница и низ собраниската процедура, а очекувањата се дека легализацијата би почнала некаде во март идната година.