Вицепремиерот Владимир Пешевски раководи со фирмата „Фертисимо инвестмент лимитед“ лоцирана во даночниот рај, во Никозија, Кипар.
Тој ја отворил фирмата во април 2006 година, додека бил генерален менаџер на СЕАФ – Меѓународен инвестициски фонд за директни инвестиции во приватни компании на Балканот, а воедно бил и главен инвестициски советник при продажбата на неколку српски и косовски компании на странски инвеститори.
Документите до кои дојде БИРН за оваа оф-шор компанија ги потврди и самиот Пешевски. Тој вели дека во тоа време не бил активен во политиката, ниту пак, планирал политички ангажман, и не гледал ништо спорно во формирање на фирмата која му била потребна за дополнителните консултантски услуги кои ги правел надвор од СЕАФ.
„Хонорарите за консултантски услуги исплатувани преку ‘Фертисимо’ беа уредно пријавени во Управата за јавни приходи и за нив беше платен данок“, вели тој.
Три години по формирањето на кипарската фирма, во јуни 2009 година, Пешевски станува вицепремиер за економски прашања, но тој не се повлекува од директорската позиција во „Фертисимо“.
На прашањето зошто не дозволил фирмата да згасне кога веќе е вицепремиер, Пешевски вели дека не станува збор за превид туку за свесна одлука.
„Таа фирма има чиста историја и меѓународни референции. По завршувањето на политичката кариера планирав да ја продолжам“, изјави за БИРН Пешевски.
Законот за спречување судир на интереси е јасен дека „службеното лице кое пред стапувањето на вршењето на јавни овластувања или пред стекнување на статус државен службеник, кој како сопственик управувал со трговско друштво или установа, за време на вршењето на јавните овластувања или должности е должен управувањето да му го довери на друго лице или на посебно тело“.
Пешевски не бил во Кипар, компанијата отворена преку Интернет
„Фертисимо инвестмент ЛТД“ е компанија со широк деловен распон, од водење бизнис и консултации за прашања поврзани со управувањето, до организација на индустрии и компании, обука на персоналот за индустријата и бизнисот, употреба и капитални инвестиции, резерви, акции, пари и совети за инструменти и методи за понатамошен развој и раст на сите видови претпријатија или процеси поврзани со производство, складирање, дистрибуција, рекламирање и продажба на стоки и/или осигурување и/или движен или недвижен имот и/или поврзани со предмети поврзани со обезбедување услуги.
Кога премиерот на Исланд во интервју се соочи со прашање за фирмата на сопругата на Панама, откриена во рамките на светската афера со документите од Мосак Фонсека, тој видно се збуни, го напушти интервјуто, а не помина долго и премиерската функција.
Основачкиот документ на „Фертисимо инвестмент“ е долг дваесетина страници. Позицијата на директорот Пешевски е со широки овластувања. Тој е овластен да продава и да купува, да го зголемува и намалува капиталот на фирмата. Во разговор за БИРН Пешевски не крие дека всушност тој е вистинскиот сопственик на „Фертисимо“ која е регистрирана во најдобрата традиција на даночни раеви – преку Интернет, со адвокатска канцеларија заведена како носител на акциите.
„Јас лично никогаш не сум бил на Кипар. Сѐ е направено преку Интернет. Во тој период ми беше потребна странска фирма и Кипар ги даваше тие услуги најбргу и наједноставно“, вели тој.
Формално, сопственици на „Фертисимо инвестмент лимитед“ се две адвокатски канцеларии – Зулијан менаџмент и Зулијан лимитед, двете сместени на иста адреса, на улицата „Авни Комнени“ 29а и двете со исти управители – Елени Кинани и Панајотис Кинанис. Елени и Панајотис Кинанис се постари адвокати (со домашна адреса која е адреса и на команиите сопственици на фирмата, „Авни Комнени“ 29а). Очигледно станува збор за семеен бизнис, бидејќи и договорот со кој се уредуваат односите меѓу директорот и сопствениците е заверен од адвокат Христо Кинанис, чијашто канцеларија е сместена на иста адреса – „Авни Комнени“ 29а во Никозија.
„Фертисимо инвестмент“ е сѐ уште активна, постои во Централниот регистар на компании во Кипар, со непроменети сопственици и со непроменет директор. Во официјалната биографија на вицепремиерот Пешевски не е наведено дека тој менаџирал со кипарска компанија, а неговите примања што ги имал преку „Фертисимо“, не се наведени во неговиот анкетен лист.
Соочен со овие прашања, Пешевски ни ги даде на увид ревизорските извештаи на „Фертисимо“ за период од 2009-2015 година. Таму се гледа дека приходите на компанијата се нула и единствената трансакција се давачките платени за постоењето на фирмата. Тој не добивал плата ниту каков и да е надомест од кипарската фирма.
Парите од „Фертисимо“ влегуваат во „Пастел“
Досега, јавна тајна во земјава беше дека вицепремиерот Пешевски е газда на слаткарницата „Пастел“. БИРН дојде до документи со кои се потврдува дека тој е мнозински сопственик на фирмата „Депет“, чиишто подружници се слаткарниците „Пастел“.
Доколку се следат трансакциите во „Депет“, регистрирана во јуни 2008, со непаричен влог од 5.000 евра, односно ако се следи зголемувањето на основната главнина на оваа фирма на 318.000 евра во 2009 година, може да се претпостави дека средствата од консултантските услуги на Пешевски вршени преку кипарската фирма, потоа се влеани во основната главнина на „Депет“, со што Пешевски станува мнозински сопственик.
Последен пат Пешевски ја зголемува главнината на „Депет“ во август 2009 кога е веќе назначен за вицепремиер за економски прашања и влогот во „Пастел“ е пријавен како удел, односно како хартии од вредност, во неговиот анкетен лист.
Пешевски ги даде сите документи на БИРН
Пешевски тврди дека е свесен за пропустот со непријавувањето на компанијата во анкетниот лист, со непочитувањето на Законот за спречување судир на интереси и заобиколувањето на домашните регулативи, но инсистира дека не станува збор за никаков криминал ниту за незаконско богатење.
Токму заради тоа тој во БИРН ги достави ревизорските извештаи на „Фертисимо“, но и годишната даночна пријава за 2009 од која се гледа дека е исполнета обврската за платен данок.
„Ова е пример и стандард како сите кои имаат фирми на оф-шор дестинации треба да постапат. Нека ги покажат документите сите посочени дека се сопственици или имаат удел во такви компании“, ни кажа тој.
И покрај сета транспарентост на Пешевски кој соочен со наодите од истражувањето на БИРН му овозможи целосен пристап до документите за работењето на кипарската „Фертисимо“, останува фактот дека вицепремиер на една држава има активна компанија во земја етикетирана како даночен рај.
За споредба, кога премиерот на Исланд во интервју се соочи со прашање за фирмата на сопругата на Панама, откриена во рамките на светската афера со документите од Мосак Фонсека, тој видно се збуни, го напушти интервјуто, а не помина долго и премиерската функција.
По објавувањето на текстот реагираше вицепремиерот Пешевски:
„Единствен мој формален прекршок, кој може да е предмет на толкување е што во анкетниот лист не сум ставил дека сум именуван за директор во друга фирма. Тоа не е сторено, бидејќи сум ја замрзнал мојата функција таму и не сум ја извршувал активно таа улога. Едноставно, само стои моето име во регистарската влошка, без да преземам дејствија. Суштински, не сум извршувал друга функција освен вицепремиерската и лично сметам дека не сум го прекршил законот. Сè останато е стопроцентно легално и на сите лични приходи е платен данок во Република Македонија“