По објавата на текстот на Призма „Тајните хонорарци во Владата“, и реакциите во јавноста, портпаролот на Владата, Душко Арсовски, во емисијата 360 степени, објави дека по анализите и консултациите, од понеделник ќе бидат достапни имињата на сите ангажирани лица за кои биле исплатени фактури.
Арсовски рече дека откако ги направиле сите консултации и анализи востановиле дека „преовладува јавниот интерес и овие имиња може да се објават“.
„Од понеделник, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе може да се добијат овие имиња, бидејќи се работи за јавни пари и нема потреба да се крие ништо“, рече портпаролот на Владата.
Претседателката на антикорупциската комисија, Билјана Ивановска во интервју за Алфа рече дека ДКСК отворило случај по допрен глас во врска со владините хонорарци, чии имиња не беа обелоденети.
Ивановска рече: „Самиот Закон за авторски права кажува дека авторското дело треба да добие јавност. Според мене не само што требало да бидат кажани лицата, туку требало и самите автрорски дела да бидат достапни“, појасни Ивановска.
Владата првично одлучи да не ги објави ниту делата, ниту имињата и презимињата на лицата кои биле ангажирани, а за кои беа исплатени фактури во вкупен износ од над 37 илјади евра. По жалба на БИРН, ги откри само делата, но имињата и презимињата останаа тајни.
БИРН и натаму ќе продолжи да истражува и проверува како се трошат народните пари.