Вести

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ на заедничка маса во Брисел

Европарламентот ги покани ВМРО ДПМНЕ и СДСМ кон крајот на овој месец на средба во Брисел на која би се скршил мразот меѓу партиите и би се барал излез од политичката криза. Во разговорите, според најавите ќе учествуваат блиски соработници на Груевски и на Заев.

Меѓународната заедница очекуваВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да понудат предлози за излез од кризата во земјава на состанокот на крајот на месецов во Брисел | Фото: БИРН архива

Меѓународната заедница очекуваВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да понудат предлози за излез од кризата во земјава на состанокот на крајот на месецов во Брисел | Фото: БИРН архива

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се очекува да понудат конкретни предлози за излез од кризата во Македонија на состанокот на крајот на овој месец што ќе се одржи во Брисел. Европарламентарците Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан би ја имале улогата на олеснувачи, а ветар во едрата треба да им даваат еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка на ЕУ за за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.

Вака е скроен моделот за излез од слепиот политички колосек, што го турка меѓународната заедница.

Од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ во пресрет на разговорите во Брисел велат дека странското посредништво е неопходно за да се најде решение.

„Во сите битни моменти од македонската независност, имало некаков облик на посредништво. Ова е една од најголемите кризи, така што не гледам како би можела да се реши без помош од странскиот фактор“, вели Стево Пендаровски од СДСМ.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ се согласува дека Европскиот парламент може да биде добро место за почеток на дијалог.

„Ова е прв чекор за подобрување на политичкиот дијалог. Добронамерната иницијатива вреди да се искористи“, оценува Милошоски.

Во разговорите, според најавите ќе учествуваат блиски партииски соработници на премиерот Никола Груевски и на лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

Могерини не била во игра да стане медијатор

Ние како медијатори не можеме да понудиме решение, тоа треба да го сторат политичарите, смета Вајгл | Фото: wikimedia.org

Ние како медијатори не можеме да понудиме решение, тоа треба да го сторат политичарите, смета Вајгл | Фото: wikimedia.org

Во Брисел секој би се согласил во едно – до решение на кризата треба да се дојде што е можно поскоро.

Иво Вајгл, европарламентарец од редовите на либералите објаснува дека мисијата на „тројката“ европратеници кои треба да помогнат да се надмине кризата би имала смисла само ако двете страни прифатат да се воспостави дијалог.

„Ние како медијатори не можеме да понудиме решение, тоа треба да го сторат политичарите. Разговорите сакаме да ги ставиме во поширок контекст и затоа повикавме да има поголем ангажман за решение од страна на Могерини и од Европската комисија. Во медиумите погрешно беше пренесено дека Могерини ја споменуваме како медијатор“, објаснува Вајгл.

И некои од европратениците гледаат со оптимизам на иницијативата за посредништво од Европскиот парламент.

„Европратениците треба да посредуваат за да се најде решение, особено поради тоа што власта и опозицијата секој ден сé повеќе се поделени. Политичкото решение е неопходно не само за актуелната ситуација, туку и за да се сопре подривањето на демократијата“, вели Билјана Борозан, хрватска европратеничка од редовите на социјалистите и демократите. Паралелно, како што додава Борозан, треба да се одвива фер и независна истрага и да се испрати јасна порака дека се почитува независноста на судството и медиумите.

Европарламетарците во „чевлите на Нимиц“

Политичко медијаторство и назначување на меѓународни претставници кои би се вклучиле во набљудување на случајот „Пуч“ се процесите што ги препорачуваат дипломатски извори | Фото: БИРН архива

Политичко медијаторство и назначување на меѓународни претставници кои би се вклучиле во набљудување на случајот „Пуч“ се процесите што ги препорачуваат дипломатски извори | Фото: БИРН архива

Засега, ниту во Брисел, ниту во Скопје не се знае на кој начин ЕУ би се произнела по барањето на Јавното обвинителство за тоа Брисел да испрати експерти кои би ја набљудувале работата на обвинителите во случајот Пуч. Од Европската комисија потврдија дека го добиле барањето од македонското Јавно обвинителство.

Дипломатски извори од земја-членка на ЕУ за БИРН велат дека паралелно треба да се одвуваат два процеса: политичко медијаторство и назначување на меѓународни претставници кои би се вклучиле во набљудување на случајот „Пуч“.

„Најдобро е во делот на судството да се вклучи Хрват или Словенец кој ја познава состојбата во Македонија, но скептични сме дали судството ќе соработува“, вели за БИРН дипломат од земја членка на ЕУ.

Друг дипломат го споредува процесот на решавање на политичката криза со оној за името, сакајќи да укаже дека до решение нема да се дојде лесно.

„Хан понуди модел на посредништво, но зарем е реално да се очекува дека на неколку средби би се дошло до решение? Можеби за момент европарламентарците ќе се најдат во чевлите на Нимиц“, вели овој дипломат.