Регион

Во Бања Лука најавен собир за поддршка на Ратко Младиќ

Во Бања Лука, на дваесет и втората годишнина од масакрот во Сребреница, ќе биде одржан собир за поддршка на воениот командант на Војската на Република Српска, ВРС, и ќе биде упатен повик да се престане со „лагите“ за геноцидот.

Пишува: Горан Обрадовиќ, Бања Лука

Ратко Младиќ во судница. Фото: МКТЈ

Паралелно со комеморацијата во чест на жртвите од геноцидот во Сребреница, на 11 јули во Бања Лука ќе се одржи собир под назив „Поддршка на генералот Ратко Младиќ – стоп за лагите за Сребреница“.

Собирот го организира здружението „Српско собрание Заветници“, кое соопшти дека сакаат да го одбележат денот на ослободувањето на Сребреница, од страна на силите на босанските Срби, предводени од Младиќ.

„Сакаме да ја изнесеме вистината за Сребреница и за страдањето на српските жртви, пред ВРС и генералот Младиќ, да влезат во овој град. Покрај тоа, ќе укажеме и на манипулацијата со бројот на жртвите во Сребреница“, изјави Срѓан Вукојевиќ, еден од организаторите на овој настан.

Вукојевиќ вели дека Сребреница станала „политички проект кој со години служи како инструмент за постојан притисок врз Бања Лука, со цел, на Србите да им се наметне колективна вина“.

Како што посочи, се очекува на собирот да присуствуваат околу 300 луѓе.

Портпаролот на полициската управа на Бања Лука, Марија Маркановиќ, информира дека барањето на 11 јули да се одржи митинг во центарот на градот, е одобрено.

Повеќе од 70 жртви на геноцидот, извршен во јули 1995 година, во рамките на кој беа убиени повеќе од 7.000 мажи и момчиња, а повеќе од 40.000 жени, деца и постари лица беа протерани, ќе бидат закопани во текот на годинашново одбележување на 11 јули.

Ратко Младиќ е обвинет за геноцид и за други злосторства во Босна и Херцеговина, а првостепената пресуда се очекува во ноември.

За геноцид и други злосторства во Сребреница, Хашкиот суд и Судот на БиХ, досега осудија вкупно 43 лица, на околу 600 години затвор, а беа изречени и три казни доживотен затвор.

Објавено и на Балканска тразнзициска правда