„Многумина сметаат дека судскиот мандат е неправеден“
Кога во 2015 година косовското Собрание гласаше за формирање на Специјализираните комори и Специјализираното обвинителство како „хибриден суд“ (тој е дел од судскиот систем на Косово, но со седиште во Холандија), властите објаснија дека ова е начин да се обели образот на Косово.
Неговото формирање дојде како одговор на сериозните обвинувања за злосторства, наводно, извршени од припадници на ОВК, кои во 2010 година се најдоа во извештајот кој швајцарскиот сенатор, Дик Марти, му го поднесе на Советот на Европа.
Потоа, од 2012 до 2014 година, работна група на Европската унија спроведе истрага за наводите на Марти и заклучи дека има доволно докази за гонење на дела како што се убиства, киднапирање, илегално притворање и сексуално насилство.
Политичките водачи на Косово се согласија да го формираат судот, под голем притисок од западните сојузници, но во декември 2017 година, претседателот, Хашим Тачи, ја поддржа иницијативата на повеќе од 40 пратеници, за укинување на законот за основање на судот.
Не беше јасно зошто Тачи, еден од поранешните водачи на ОВК, го смени својот став, откако првично го поддржа судот како начин да му се докаже на светот дека вооружената борба на ОВК е „чиста“. Постојат сугестии дека е можно Тачи, кој е спомнат во извештајот на Марти, да се соочи со обвиненија, иако тој негира дека учествувал во какви било незаконски дејства.
Од друга страна, сè поголем број луѓе на Косово гледаат негативно на судот, особено откако поминаа пет години, без ниту едно обвинение.
Ваквата ситуација дополнително ја подгреаја неодамнешните гласини дека судот може да биде укинат, а воените злосторства амнестирани, како дел од договорот за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.
Куштрим Колиќи, прв човек на приштинската невладина организација Интегра, која се фокусира на мирот, справувањето со минатото и човековите права, вели дека дезинформациите и скептицизмот кон специјалниот суд, се широко распространети на Косово.
„Врз основа на нашето истражување на перцепциите на јавноста, Албанците во голема мерка веруваат дека мандатот на судот да гони воени злосторства, во најголем дел поврзани со ОВК, е неправеден, додека многу Срби веруваат дека е малку веројатно оти судот ќе донесе правда“, вели Колиќи за БИРН.
„Граѓаните на Косово не се против вистината за тоа што се случувало (за време и по војната). Но, на Косово сè уште нема политички водачи кои се подготвени сериозно да се занимаваат со наследството од војната и со жртвите, наместо да промовираат воени злосторници“, додава тој.
Србите во Косово, од друга страна, се скептични дека Специјализираните совети ќе донесе правда во случаите во кои жртвите претежно биле Срби.
Во извештај на Амнести Интернешнл од 2009 година, се вели дека по завршувањето на војната и повлекувањето на српските сили, за време на насилството врз Србите и другите етнички малцинства, кога Косово беше под управа на ООН, биле извршени околу 800 убиства.
Повеќето луѓе, наводно, киднапирани од припадниците на ОВК, помеѓу 1998 и 2000 година, кои оттогаш се водат како исчезнати, биле или Срби или Албанци, кои се сметале за соработници на Србија.
Милорад Трифуновиќ, координатор на Ресурсниот центар за исчезнати лица на Косово, чиј брат, во војната, бил киднапиран заедно со уште четворица други Срби, а кој и денес се води како исчезнат, вели дека судот го губи кредибилитетот заради долгото доцнење на обвиненијата.
„Сведоците умираат, но воените злосторства не застаруваат. Порано или подоцна, ќе мора да се соочиме со вистината. „Жртви има на обете страни, како и луѓе што ги извршиле тие злосторства“, истакнува Тодоровиќ.
Милорад Тодоровиќ, чиј брат бил киднапиран и сè уште се води како исчезнато лице. Фото: БИРН.
Премиерот во заминување, Албин Курти, чија партија Ветвендосје (Самоопределување) го критикуваше специјалниот суд уште од самото негово основање, неодамна го отпушти својот советник, Шкелзен Гаши, поради неговата изјава дека некои припадници на ОВК, извршиле злосторства за време на војната 1998-1999. Изјавата предизвика негативни реакции кај косовските Албанци.
Газменд Битиќи, пратеник од опозициската Демократска партија на Косово, рече дека изјавите на Гаши се „обид за деградирање на славната борба за слобода“.
Сепак, за некои, овој потег на Курти покажал дека политичкото раководство сака да ја зајакне културата на неказнивост.
„Политичките водачи треба да се воздржат од вакви наративи … Мора да има правда за сите жртви“, вели Абит Хоџа, истражувач на транзициската правда.
Потенцијалното поткопување на какво било позитивно влијание што судот би можел да го има врз косовското општество, доведе до тоа, односите со јавноста да станат приоритет за Специјализираните совети.
„Од самиот почеток, работата на терен беше наш фокус. Тимот за односи со јавноста патува во Косово еднаш месечно, за да ги информира луѓето за судот и за неговите активности, за да ги разјасни заблудите и да одговори на прашањата и загриженоста што ги имаат луѓето“, потенцира, Мајкл Дојл, координатор за односи со јавноста и портпарол на Специјализираните совети.
Сепак, Хоџа верува дека е малку веројатно оти, во која било фаза, специјалниот суд ќе биде широко прифатен во косовското општество.
„Кога станува збор за злосторствата, не треба да бараме мислење на масата, туку правда“, заклучува тој.