Регион

Во Косово уапсен Србин осомничен за воени злосторства

Лице од српска националност, уапсено е во село во близина на градот Сува Река, во Косово, врз основа на обвинение за сторени воени злосторства, што предизвика реакција на официјални лица на Белград.

Пишуваат: Перпарим Исуфи, Петрит Крјезиу – Приштина

Државното обвинителство на Косово. Фото: БИРН

Специјалниот обвинител на Косово, Елез Блакај, за БИРН изјави дека осомничениот бил уапсен во понеделник во селото Сопина, во близина на Сува Река.

„Сѐ што можам да кажам е дека во овој момент, случајот е во Специјалното обвинителство. Се работи за постоење на сомневање за сторени воени злосторства и тој ќе се третира како и секој друг случај“, рече Блакај.

Полицијата сè уште не го потврди апсењето.

Јавниот сервис на Србија, РТС, објави дека е уапсен 74-годишниот Богдан Митровиќ. Косовските власти не го потврдија ова.

Како што објави РТС, тој бил еден од 50 раселени Срби, кои дошле да ги посетат своите куќи што ги напуштиле по војната и црквата Пресвета Богородица во селото Мушутиште.

Директорот на српската владина канцеларија за Косово, Марко Ѓуриќ, апсењето го осуди како „срамно и нечовечно“, и оцени дека се работи за продолжување на политиката на „етничко чистење“ на српскиот народ во Косово.

Ѓуриќ, како што објави Б92, предупредил дека „нормализација на односите не може да има, ако другата страна тоа не го сака“, алудирајќи на преговорите за нормализирање на односите што ги водат Белград и Приштина, со посредство на ЕУ.

Од друга страна, Судот во Призрен на 11 август му изрече едномесечен притвор на лицето Агим Сахити, поради постоење на сомнение дека извршил воени злосторства над цивили, косовски Албанци.

Сахитај, исто така, беше уапсен во селото Сопина, но нема потврда дали постои поврзаност меѓу овие два случаи или не.

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека Сахитај, во април 1999 година, дејствувал заедно со српските сили, кои убиле, раниле, тепале и малтретирале цивили, косовски Албанци, го ограбиле нивниот имот и ги протерале од домовите.

Објавено и на Балканска транзициска правда