Доделувајќи му ја наградата на режисерот на документарниот филм што ги минимизира злосторствата извршени во концентрациониот логор Јасеновац, властите во Загреб покажаа непочитување кон жртвите од Втората светска војна.
Пишува: Свен Милекиќ, Загреб
„Никогаш, ниту во еден свој филм или јавен настап, не сум поттикнувал на омраза, никогаш не сум се обидел да сокријам некое или нечие злосторство, никогаш, со ниту една мисла, не сум рекол ништо позитивно за фашизмот. Фашизмот (како и комунизмот) се зла кои само болен човек може да ги поддржи и промовира“, вели во своето отворено писмо до јавноста, контроверзниот хрватски режисер, Јаков Седлар.
Со ова писмо тој одговара на обвинувањата дека неговиот документарен филм „Јасеновац – вистината“, „ги минимизира и обезвреднува жртвите“ во логорот Јасеновац, кој во Втората светска војна го водеше профашистичкото усташко движење, и го „негира холокаустот и геноцидот, извршени од страна на усташкиот режим“.
Ова се ставови на организациите на националните групи, кои беа примарни жртви во овој логор.
Седлар, својот одговор, го испрати до Градското собрание на Загреб, еден ден пред официјално да му биде врачена наградата на Град Загреб, за неговиот придонес кон развојот на филмот и театарот.
Одлуката на Градското собрание, на Седлар да му биде доделена наградата, е израз на голема неодговорност кон жртвите на фашизмот и нацизмот во целиот свет, кон нивните семејства и кон оние што ги почитуваат.
Во новата ера на „пост вистина“, тешко е да се следат и решат сите теории на заговор и „алтернативни факти“ што се објавуваат од страна на медиумите, по социјалните мрежи, па дури и од страна на академската заедница.
Сепак, бројот на такви „алтернативни факти“ кои Седлар ги „зби“ во својот документарен филм, кој трае помалку од еден час, е неверојатен и шокантен, бидејќи го спорат научно докажаното.
Но, прво треба да се објасни позадината на ова прашање. За оние што не знаат, усташите, во 1941 година, под покровителство на нацистичка Германија и фашистичка Италија, ја формираа нивната марионетска Независна Држава Хрватска (НДХ).
Со користење на класична фашистичка идеологија и расистички закони донесени по примерот на нацистичките, НДХ беше водена со терор, насочен кон Србите, Евреите и Ромите.
Прогонот на Евреите и Ромите беше вршен по налог на усташките ментори во Берлин – на брз и брутален начин – но, оригиналната идеја на усташите, кои се побунија против српската доминација во предвоеното Кралство Југославија, беше прогон на Србите.
Во согласност со расистичките закони на НДХ, усташите учествуваа во холокаустот, но и во масовните злосторства над Србите и Ромите (познати како Порајмос, уништување на Ромите).
Според научно потврдениот список, во кој секоја жртва е воведена со свое име и презиме, а кој е составен по повеќегодишно истражување во Јасеновац, местото на најголемиот концентрационен логор – кој понекогаш го нарекувале и „Аушвиц на Балканот“ – од август 1941 година, до април 1945, биле убиени или починале 83.145 лица.
Од нив, 47.627 биле Срби, 16.173 Роми, 13.116 Евреи, 4.225 Хрвати (антифашисти и вистински или претпоставени непријатели на режимот) и други.
Имајќи го сето ова предвид, тешко е да се избере од каде да се почне со Седларовиот филм, со кој овој режисер наводно сакал да разјасни дека бројот на жртви во концентрациониот логор Јасеновац е „преувеличен“, а кој, според него, е резултат на југословенската и српска националистичка пропаганда.
Тој завршува со список на бројни изјави што можат да се опишат како чисто „алтернативни факти“, од кои некои веќе претходно ги забележа новинарот Никола Бајто, во хрватскиот неделник „Новости“.
На почетокот на филмот, нараторот за Јасеновац зборува како за „собирен или работен логор“, што е вообичаена тактика на екстремната десница во Хрватска, со цел ублажување на карактерот на оваа институција.
Иако овој логор делумно функционирал како работен логор, голем број на документи и дел од преживеаните сведочеа дека напорната работа имала за цел убивање на луѓе – на сличен начин како и Црвените кмери во Камбоџа.
Во сите релевантни научни истражувања – историски и студии за геноцидот – Јасеновац се споменува како концентрационен логор, а некои дури го опишуваат и како логор на истребувањето или смртта, што се должи на фактот дека голем број жртви, биле носени во овој логор заради директна елиминација.
Филмот забележува дека бројот на жртви, кој се проценува на повеќе од еден милион лица, всушност, доаѓа од југословенските и српските националистички извори, и дека според веродостојни информации за демографските загуби за време на Втората светска војна, овој број не соодветствуваа со реалноста.
Во времето на Југославија се правеа проценки за 500.000 до 700.000 жртви во овој логор, што некои го сметаа за обид, Хрватите да се етикетираат како „геноцидна“ нација.
Филмот ги оспорува овие претерани бројки, но и официјалните и научни податоци на Меморијалниот центар Јасеновац за 83.145 жртви, претставувајќи ги како „неверодостојни“.
Официјалните податоци на овој центар се добиени врз основа на голем број други проценки – на Музејот на жртвите на геноцидот во Белград (80.022), на Меморијалниот музеј на холокаустот во Соединетите Американски Држави (помеѓу 77.000 и 99.000), на центарот Симон Визентал (85.000), како и податоци на хрватскиот демограф, Владимир Жерјавиќ ( помеѓу 80.000 и 90.000 жртви).
Во филмот Седлар се обидува да докаже дека бројот на жртви всушност бил многу помал, но, исто така, се обидува да сугерира дека во логорот имало повеќе хрватски затвореници отколку други. Ова, сепак, не е поддржано со фактите на поголемиот дел од научните истражувања.
Филмот речиси целосно ги игнорира српските и ромските жртви и развива приказна за големата „српска омраза кон сето она што се сметало за хрватско“ во Кралството Југославија. Усташите, пак, ги претставува како „антисрпско движење, кое сакало да ги заштити хрватските интереси“.
Антифашистичката лигата на Хрватска, го обвини Седлар дека поттикнува негативни чувства кон Србите, поради неподдржаните наводи дека пред и по Втората светска војна, Србите од околината на Јасеновац, извршиле злосторства над Хрватите, но, исто така, и поради објавување на фотографија на наводна четничка единица, која всушност е единица од Словенија, што се гледа од видливиот слоган на неа, „слобода или смрт“, напишан на словенечки јазик.
Кога станува збор за страдањето на Евреите, филмот на Седлар ги „оправдува“ усташките закони против Евреите, тврдејќи дека Кралството Југославија, исто така, имало антисемитски закони.
Точно е дека, сепак, законите во Кралството Југославија се однесувале на квотите за прием на Евреите во средните училишта и на универзитетите, кои не можат да се споредат со расистичките усташки закони.
Во филмот, Седлар вели дека антисемитизмот бил увезен од Германците и дека дури и сопругата на усташкиот лидер, Анте Павелиќ, била Еврејка. Ова тврдење нема основа, а често доаѓа и од десничарските кругови.
Филмот се фокусира на Евреите, кои биле водени во германските нацистички логори, а ги минимизира нивните страдања во Јасеновац.
Во документарецот, исто така, се тврди дека постоењето на организирани еврејски заедници во Загреб до крајот на Втората светска војна, е доказ за благиот однос на усташите кон Евреите.
Но, ова не докажува ништо, бидејќи дури и нацистите дозволувале постоење на еврејски совети во еврејските гета низ окупирана Европа, бидејќи оваа техника го олеснувала спроведувањето на антисемитските политики и закони.
Со цел да покаже дека Анте Павелиќ бил загрижен за Евреите, во филмот се прикажува наводното писмо што усташкиот лидер му го испратил на тогашниот амбасадор на НДХ во Германија, Миле Будак, во кое Павелиќ од Будак бара да му помогне на еврејски затвореник во логорот Јасеновац.
Освен спорната автентичноста на ова писмо, новинарот Борис Дежуловиќ докажува дека во писмото постојат разлики во напишаните редови, односно дека постојат разлики во зборовите, што отвора потенцијални прашања во врска со можноста писмото да е лажно.
Седлар дури користи и видливи трикови во филмот, како што е фотомонтажата на насловната страница на хрватскиот весник „Вјесник“ од 1945 година, во обид да покаже дека комунистите, кои истата година ја презеле власта, ги фалсификувале фактите за Јасеновац.
Дека станува збор за фотомонтажа, минатата година докажа новинарот на интернет порталот Лупига, Ловро Крниќ, кој помина низ сите насловни страници на весникот од тој период и ја најде оргиналната, која визуелно е различна.
Но, Седлар одговори дека оригиналната страница „не може да се најде во архивата“ и дека тој ја купил од „некои крадци во Белград“.
Игнорирајќи ги српските и ромските жртви, и минимизирајќи ги еврејските, филмот „открива“ дека комунистите го претвориле Јасеновац, кој усташите го напуштиле во април 1945 година, во „место за масовни егзекуции“, каде што главно биле убивани Хрвати.
Според филмот, комунистите го држеле логорот Јасеновац до 1951 година, и за тоа време убиле повеќе Хрвати од усташите.
За оваа теорија се залага и контроверзното десничарско „Здружение за истражување на тројниот Јасеновац (кое се појавува на одјавната шпица во филмот), иако тоа е во спротивност со голем број на научно базирани документи, сведоштва и дела на истакнати историчари.
Во филмот се прикажани двајца наводни стражари во логорот од комунистичкиот период. Двајца Словенци идентификувани само со иницијали, кои имаат заматени лица. И покрај тоа што не може да се идентификуваат, се чини дека тие немаат повеќе од 80 години, колку што би требало да имаат ако биле стражари во овој логор во 1950 година.
Во документарецот на Седлар се тврди и дека „стотици илјади Хрвати“ биле убиени по поразот на усташката војска во 1945 година – додека поголемиот дел од научниците се согласуваат дека нивниот број е најверојатно неколку десетици илјади.
Конечно, на крајот од филмот се откриваат некои од можните намери на Седлар.
Имено, во последните три минути, десетина поранешни и сегашни хрватски функционери, интелектуалци, историчари и новинари, се именувани, прикажани и етикетирани како „југословенски националисти“.
Тие се обвинети за прикривање на вистината во врска со „геноцидот над Хрватите и партизанскиот логор Јасеновац“, бидејќи го поддржуваат „преувеличениот мит за усташкиот логор Јасеновац“.
„Бев навистина шокирана кога ги видов нивните лица во филмот и тоа го покренува прашањето за вистинската намера на филмот“, изјави во април 2016 година, по премиерата на филмот, израелската амбасадорка во Хрватска, Зина Калај Клајтман.
Со толку многу проблематични, неподдржани и непроверени тврдења, искажани во филмот на Седлар, сосема е јасно дека таков режисер, никаде на планетава не заслужил никаква награда за својата работа.
Неговиот проблем со автентичноста најдобро се илустрира со неговото отворено писмо, исратено оваа недела.
„Фашистите во иднина ќе се појавуваат од редовите на антифашистите“, заклучува Седлар во своето писмо, тврдејќи дека оваа реченица ја кажал британскиот премиер од Втората светска војна, Винстон Черчил.
Сепак, како што можете да претпоставите, ова не се зборови на Черчил, што го потврди и здружението „Винстон Черчил“, кое е одговорно за чување на неговото наследство.