Анализи

Државните фирми направиле загуби од 35 милиони евра

Дури 31 од вкупно 120 државни фирми, односно секоја четврта државна компанија, минатата година работела со загуба

Дури 31 од вкупно 120 државни фирми, минатата година работеле непрофитабилно и направиле вкупна загуба од 35,4 милиони евра, покажаа податоците што ги објави Центарот за граѓански комуникации. Тоа значи дека негативен финансиски резултат во 2016 година искажала секоја четврта државна фирма.

Базата на податоци покажува и дека 18 компании од јавниот сектор, повеќе од две години работат со загуби, што согласно Законот за јавни претпријатија повлекува одговорност од директорите на овие фирми. Во членовите 23–а и 24–а од овој Закон, јасно стои дека „ако се утврдат загуби во работењето, директорот е должен истите да ги отстрани во наредните шест месеци. Ако загубата не се покрие во овој период, директорот ќе биде разрешен“.

Најголем загубар меѓу државните компании на ранг листата е АД Македонски Железници Транспорт, со загуба од 11,2 милиона евра, којашто е зголемена за 14 пати во споредба со 2015 година. Оваа државна фирма била во загуба и во 2014 година.

Меѓутоа, лошото работење на Македонски Железници Транспорт проследено со штрајк на вработените доведе до смена на генералниот директор во февруари годинава. По две години во директорската фотелја, оставка поднесе Никола Костов, а на негово место, како вршител на должноста директор, Владата го назначи Игор Коруновски.

Тој објаснува дека загубата од минатата година е последица на целосната блокада на железничкиот транспорт поради штрајкот на грчките железници и солунското пристаниште.

„Во период од 3–4 месеци ниеден воз не помина по македонските пруги. Во услови на целосна блокада на товарниот железнички транспорт, којшто е извор на најголем дел од приходите, негативниот финансиски резултат беше неизбежен“, вели Коруновски кој по два месеца директорување, вели дека очекувањата за годинава се пооптимистички.

Тој вели дека како претседател на Управниот одбор на секои три месеци мора да доставува финансиски резултати до Владата, а потоа таа одлучува дали одредена загуба е оправдана и дали некој ќе понесе одговорност за тоа.

Дел од менаџерите на државните компании загубари велат дека „институциите треба да следат дали загубите се отстранети во период од шест месеци, и ако не, согласно законот, директорите да бидат разрешени“

Второ на ранг листата е јавното претпријатие за извршување водостопански дејности, најголемиот загубар од лани, ХС Злетовица Пробиштип чијшто биланс на успех покажува минус од 8,5 милиони евра. Директорот на ова јавно претпријатие, Тодорче Николовски, вели дека загубата е всушност фиктивна, бидејќи „произлегува од негативни курсни разлики од кредитот за изградба на браната Злетовица земен во јени“.

„Вредноста на јенот има големи флуктуации и зависно од годината, тоа ни се одразува позитивно или негативно на финансискиот резултат. Не станува збор за лошо работење на јавното претпријатие“, вели Николовски.

Директорот Николовски вели дека не ги знае на памет финансиските резултати на јавното претпријатие од минатите години, но за одредбите од Законот за јавни претпријатија според кои директорите на загубарите треба да понесат одговорност ако загубите не се отстранат во рок од шест месеци, вели дека „тоа треба да го следат институциите“.

Со загуба од над 8 милиони евра, трето на листата со најголеми загуби е второто претпријатие што произлезе по трансформацијата на Македонски Железници во 2007 година, Македонски Железници Инфраструктура.

И оваа државна компанија веќе три години по ред е во загуба, а директор е Ирфан Асани. БИРН се обиде да стапи во контакт со Асани, но тој не одговараше на телефонските повици.

Во останатите претпријатија од јавниот сектор што работат со загуби повеќе од две години, доминираат главно јавни комунални претпријатија.

Меѓу најголемите десет загубари според податоците за 2016 година, се вбројуваат и ЈП Стрежево Битола со загуба од 3,7 милиони евра, АД за аеродромски услуги Аеродроми на Македонија со минус од над 2 милиони евра.

Потоа следуваат ЈП за водостопанство Лисиче Велес со загуба од 674 илјади евра, јавното комунално претпријатие Тетово, со минус од 280 илјади евра, ЈП Градски паркинг со загуба од околу 130 илјади евра, ЈП Куманово гас со загуба од 105 илјади евра и ЈП паркинзи на Општина Центар со негативен финансиски резултат од 95 илјади евра.

10 најголеми загубари

Првите пет на оваа табела, заедно направиле 95% од вкупната загуба на сите претпријатија загубари.

Прикажуваат добивки, а не плаќаат даноци

Останатите 89 анализирани компании од јавниот сектор, пак, работеле профитабилно и имаат вкупна добивка од 62 милиона евра.

По одделни државни претпријатија, најпрофитабилно лани било Јавното претпријатие за државни патишта со добивка од 33,6 милиони евра, зголемена речиси четири пати во споредба со годината претходно.

Втор на листата е АД ЕЛЕМ со профит од 13,7 милиони евра, што е двојно поголема добивка во споредба со 2015 година. Трет на ранг листата е лидерот на оваа табела од минатата година, АД МЕПСО, со добивка од 2,5 милиони евра, но таа е намалена за дури 78% на годишно ниво.

Во првите десет со најголеми добивки се рангирани и Комунална хигиена со профит од 2,1 милион евра, потоа АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката со 1,4 милиони евра; Македонска радиотелевизија со профит од 1,1 милион евра.

Потоа следува ЈСП со профит од нешто повеќе од еден милион евра; па меѓуопштинското јавно претпријатие за снабдување со вода за пиење, Проаква Струга, со добивка од 787 илјади евра; Македонска радиодифузија со 750 илјади евра; и Комуналец Гостивар со добивка од 742 илјади евра.

10 најпрофитабилни државни компании

Контрадикторно е што голем дел од државните фирми што искажаа профит, всушност не платиле даноци кон државата и можат да се најдат и на црната листа на Управата за јавни приходи.

Пребарувањето на оваа листа покажа дека има околу 30 државни фирми со вкупен неплатен даночен долг од 17,3 милиони евра.

Меѓу оние со најголеми даночни долгови заклучно со крајот на март годинава, се ЈП Македонија пат, со неплатени даноци во вредност од 6,9 милиони евра, а сепак прикажа добивка од околу 340 илјади евра; потоа ЈП за комунални дејности Комуналец Гостивар, со даночен долг од 2,7 милиони евра, и од друга страна добивка од околу 740 илјади евра; Македонска радиотелевизија со даночен долг од речиси 1,5 милиони евра и добивка од над 1 милион евра; јавното комунално претпријатие Стандард Дебар со даночен долг од 1,2 милиона евра и добивка од околу 80 илјади евра; и Македонска радиодифузија со долг за даноци кон државата од околу 335 илјади евра и истовремено добивка од околу 750 илјади евра.

Според експертите, токму одредбите од Законот со кои се предвидува одговорност за директорите на фирмите загубари, ги тера да искажуваат нереални приходи, да креираат лажни добивки, а со тоа и даночен долг којшто потоа немаат пари да го платат

Истражувањето на БИРН од минатата година покажа дека повеќе јавни претпријатија, иако на хартија прикажуваат добивки, всушност имаат големи даночни долгови, бидејќи станува збор за местење на финансиските извештаи.

БИРН пишуваше за оваа практика, а за тоа сведочеа и некои од актуелните директори на јавните претпријатија.

Според експертите, токму одредбите од Законот со кои се предвидува одговорност за директорите на фирмите загубари, ги тера да искажуваат нереални приходи, да креираат лажни добивки, а со тоа и даночен долг којшто потоа немаат пари да го платат.

„Заплашени од таа одредба, јавните претпријатија често пати прикажуваат фиктивни приходи или лажно ги намалуваат расходите. Доаѓаат до финансиски резултат што е позитивен. Но, позитивниот финансиски резултат секогаш бара да се плати данок, пред сѐ данок на добивка, за што се потребни ликвидни средства. Треба да ги имате тие пари за да платите. И, бидејќи добивката не произлегува од вистински успех на работењето, ликвидноста на овие претпријатија е нападната. Односно не можат да платат данок и влегуваат во тој магичен круг да искажуваат добивка, а немаат пари да ги платат овие даноци“, вели Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници.

Речиси 28 илјади вработени во државните фирми

Базата на податоци на Центарот за граѓански комуникации покажа дека вкупно 120 компании во државна сопственост минатата година инкасирале вкупно 734,2 милиона евра што е за 6,4% помалку отколку во 2015 година. Дури 50 од сите анализирани државни фирми минатата година работеле полошо, односно инкасирале помалку приходи отколку во 2015 година.

Во истиот период, пак, анализираните фирми од јавниот сектор потрошиле вкупно 702,7 милиони евра, односно 7,2% помалку на годишно ниво споредено со 2015 година.

Во сите државни фирми, до крајот на 2016 година биле вработени 27.957 луѓе, што е речиси непроменет број во споредба со 2015 година.

10 најголеми работодавачи

Како што може да се види од ранг листата на претпријатија според бројот на вработени, најголем работодавач е АД ЕЛЕМ со вкупно 4.810 вработени, и овој број е зголемен за 6,3% во споредба со 2015 година.

Анализата покажува дека од вкупно 120 компании, 38 го зголемиле бројот на вработени, кај 29 останал непроменет, додека кај 53 има намалување на бројот на работници.

Јавноста малку знае како работат државните компании, бидејќи најголем дел од нив воопшто не даваат отчет ниту пак, објавуваат финансиски извештаи. Нетранспарентноста ја чува комотната атмосфера во државните фирми, нема притисок за нивно реформирање од загубари натрупани со партиски кадри во здрави компании што ќе работат со солидни резултати.

Експертите сметаат дека за успешно функционирање на јавните претпријатија не треба промена на законите туку политичка волја. Тие велат дека државата треба повеќе да се насочи кон концесии и јавно-приватно партнерство, каде што ќе делегира дел од своите овластувања за вршење дејности од јавен интерес на приватниот сектор.