Истражувањa

Стан и „Ауди А4“ од власта за здружението што донира споменици

Возило „Ауди А4“, деловен простор во центарот на Скопје, без надомест и голем број грантови од Владата има добиено Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради кое се јавува како донатор на седум споменици

Ташко Јованов, претседател на Здружението за духовно обединување на Сетинци - Попадинци и Крушоради од Лерин

Ташко Јованов, претседател на Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради од Лерин

Државата донирала возило „Ауди А4“ и деловен простор во центарот на Скопје на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин кое се јавува како донатор на седум споменици во центарот на Скопје.

Донацијата за последниот споменик од ова здружение, на децата бегалци од Егејска Македонија, беше усвоен на вчерашната седница на градот Скопје, но не е познато колку пари ќе чини споменикот.

Според официјалните податоци објавени во „Службен весник“, ова здружение, чиј претседател е 74-годишниот Ташко Јованов, освен возило од Владата и стан од 49 квадратни метри на улицата „Вељко Влаховиќ“ од АД за стопанисување со станбен и деловен простор, има добивано и грантови од Владата за невладини организации.

Одлуката објавена во „Службен весник“ со кое на Здружението му се доделува деловен простор на трајно користење

Одлуката објавена во „Службен весник“ со кое на Здружението му се доделува деловен простор на трајно користење

 

Одлуката за доделување на „Ауди А4“ објавена во „Службен весник“ во мај минатата година

Одлуката за доделување на „Ауди А4“ објавена во „Службен весник“ во мај минатата година

Минатата година, ова здружение добило 300.000 денари од Одделението за соработка со невладини организации при Генералниот секретаријат на Владата за изработка на проект „Културниот идентитет на Македонците по потекло од Егејскиот дел за јакнење на довербата и коегзистенцијата меѓу македонскиот и грчкиот народ“.

Минатата година Здружението на Јованов добило грант од 5 илјади евра од Владата

Минатата година Здружението на Јованов добило грант од 5 илјади евра од Владата

Во 2007, според податоците објавени во Службен весник, здружението на Јованов добило 247.000 денари, односно нешто повеќе од 4 илјади евра. За каков проект станува збор не е објавено, а Владата на својата веб-страница не ги објавува ниту резултатите од дадените грантови на невладините организации.

Грант од пет илјади евра од Владата, здружението на Јованов добило и во 2011 година за „јакнење на довербата и коегзистенцијата меѓу македонскиот и грчкиот народ“. За истиот проект, Здружението добива пари и во 2012, 2013 и 2014 година, секоја година по околу 5 илјади евра.

Опозициската СДСМ минатата година побараа од УЈП и од Секторот за финансиско разузнавање при МВР да изврши даночна контрола врз работењето на Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин.

„Оттаму добивме одговор дека не се надлежни да постапуваат по нашето барање“, вели Дамјан Манчевски од СДСМ, советник во Град Скопје.

БИРН се обиде да стапи во контакт со Ташко Јованов, претседателот на здружението кое се јавува како донатор на споменици, но и како примател на донации од државата, за да ни одговори колку чинат спомениците.

„На состанок сум, не можам да зборувам“, кратко ни одговори тој.

Споменикот на Пере Тошев е донација на здружението кое одбива да каже колку пари дава за споменици | Фото: БИРН

Споменикот на Пере Тошев е донација на здружението кое одбива да каже колку пари дава за споменици | Фото: БИРН

Здружението на Јованов досега донираше споменик на генерал Михајло Апостолски, кој е поставен кај клучката „Континентал“. Кај Судска палата подигнат е споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, а кај комплекост факултети споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Спомениците на Никола Петров Русински и Пере Тошев се поставени во близина на Универзитетската библиотека, а споменикот на Св. Лидија е поставен кај плоштадот Богородица. Седмиот споменик што го донира ова здружение, на децата бегалци од Егејска Македонија, ќе биде поставен кај „Холидеј ин“.

Валентина Каранфилова – Стевановска, скулпторката која изработува најголем дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“ е авторка на три од овие споменици, на Никола Петров Русински, на Св. Лидија и на новиот споменик чија одлука за поставување беше усвоена вчера. За БИРН таа изјави дека не зела пари за хонорар, туку само за трошоци.

„Не сум во Македонија, ќе ви објаснам прецизно кога ќе се вратам“, одговори Стевановска на нашето прашање колку изнесувале трошоците.

Поставувањето на овој седми споменик, донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци-Попадинци и Крушоради од Лерин беше изгласан на вчерашната седница на советот во Град Скопје без присуство на советниците од СДСМ, ДУИ и ДПА.