Анализи

Заробеник фатен во сопствената стапица

Грешка е да се портретира Ѓорге Иванов како послушник, во најмала рака тој е соучесник, меѓутоа дали во меѓувреме проработела академската совест кај претседателот?

Oбичен должник на Никола Груевски или негов „partner in crime“? | Фото: МИА

„Фикус“, „папучар“ и „мајстор за транзистори“. Ова се oстрите ептитети што критичката јавност ги употребува за да ја долови улогата што претседателот Ѓорге Иванов оскаровски ја игра на политичката сцена, притоа потсмешливо читајќи го неговото име како Хорхе и со тоа давајќи му плиткост и тривијалност на лик од евтина шпанска серија.

Ваквата слика веројатно се должи на неговиот крајно неубедлив јавен настап и уште повеќе на револтот предизвикан од перформансите како шеф на државава.

Ѓорге Иванов низ двата мандата меандрира исклучиво по траекторијата на партијата што го качи на тронот и не покажува знаци дека барем малку му е тесно во сопствената кожа.

Кога јавноста очекува тој да реагира, претседателот понизно не се меша во својата работа, а доколку од него зависи судбината на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш дури и ги злоупотребува ингеренциите, како што направи со аболициите и како што сега со итроштина на „шибицар“ од Камени мост го крие премиерскиот мандат од Зоран Заев.

Иванов никогаш не бил вмровец, не бакнувал кама и пиштол, тешко можеме да го замислиме на стара фотографија со еден Борис Змејковски и прашање е дали некогаш во ходник се разминал со Љубчо Георгиевски.

Таа идеолошка нишка му е сосема страна и затоа се поставуваат дилемите како Иванов стана претседател и дали тој е обичен должник на Никола Груевски, негов „partner in crime“ или, пак, дружбата стартувала на заемно задоволство, па дури подоцна кулминирала во заложничка драма.

Идеолошки просветител

ivanov4

Иванов бил импресиониран од Путин | Фото: МИА

Се претпоставува дека сличните ставови околу Законот за територијална поделба и судскиот случај против братот на Иванов во времето на СДСМ го фрлаат тогашниот професор на УКИМ во „прегратките“ на младиот и надежен лидер.

Во недостиг од конкретни информации, навистина е тешко да се шпекулира за природата на нивниот однос, иако посредно, преку сведоштва и преку постари текстови може да се загребе врз површината на оваа совршена кохабитација, која како и секоја меѓучовечка релација е далеку посложена отколку што изгледа.

Работите што веќе се кажани и напишани, но ретко дискутирани, фрлаат ново светло врз релaцијата Иванов – Груевски и укажуваат дека можеби претседателот имал силно влијание врз начинот како експремиерот ја поимал демократијата и, воопшто, политиката.

За ова лани зборуваше поранешниот амбасадор и министер во владите на Љубчо Георгиевски и на Никола Кљусев, Димитар Димитров во емисијата „Вин-вин“.

Откако Груевски ја презел ВМРО-ДПМНЕ, му било сугерирано партијата да се реформира според теркот на западноевропските искуства, меѓутоа, како што тврди Димитров, Иванов го подучил нешто сосема друго.

„Како професор на Правниот факултет и авторитет за политички науки се јавува Ѓорге Иванов и тој практично е еден вид неформален контрасоветник. Тој сугерира дека партијата е полувоена организација и затоа пет пари не треба да се даваат на внатрепартиската демократија, партијата подразбира железна дисциплина, неприкосновена хиерархија, неприкосновен лидер и точка“.

Оваа изјава ќе залуташе во етерот како нечија перцепција, доколку Иванов пред една деценија, со свои зборови не ја воздигнал техниката на владеење на Путин што ја практикува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Само еден месец откако во 2006 година, Груевски за првпат доаѓа на власт, во неделното издание на весникот „Време“ се појавува текст на професор Ѓорге Иванов, колумна што од денешна перспектива личи на мотивациско писмо за работното место „Идеолошки советник“ во кабинетот на младиот премиер, кого Љубчо Георгиевски во една пригода практично го опиша како политичка „табула раса“.

Во текстот „Читај за Русија, пиши за Македонија“, Иванов ја споредува Македонија со Русија во транзицискиот период и тврди дека разликата од тогаш наваму ја правел Путин.

Професор Иванов аргументира дека Владимир Владимирович изградил специфичен политички систем, кој некои го нарекуваат контролирана демократија.

„Имено, треба да има онолку демократија колку што дозволува нивото на развојот на општеството. Тоа што не може да се решава низ демократските институции и демократски процедури, не смее да се отфрла. Сето тоа се решава авторитарно, но со максимален хуманизам и либерализам“, пишува Иванов, за подоцна во текстот да поентира дека со оваа политика „бродот (н.з. Русија), кој имаше 99 дупки и постепено тонеше, почнува да плови“.

Соучесник и партнер

ivanov2

Како придонес врз идеологијата на денешното ВМРО-ДПМНЕ му се припишува и антиквизацијата | Фото: МИА

Во овој текст и во некои постари интервјуа на Иванов, срамежливо наѕираат и траги од раните политики на ВМРО-ДПМНЕ под палката на Груевски.

Само што ја освои власта, Никола Груевски предвремено ги врати долговите кон ММФ и кон Светска банка, а Иванов во колумната од 2006 година го фали Путин за сличен потег, велејќи дека „сите долгови кон Запад, наследени од Елцин, вратени се пред време“.

Алудирајќи дека со тоа Русија ја вратила финансиската независност и ја зацврстила сувереноста.

Случајно или не, весникот „Вечер“ уште во 2007 година го поддржа овој потег на ВМРО-ДПМНЕ со текст насловен како „Груевски и Путин со исти методи во економијата“.

Власта и душата најтешко се испуштаат

Ѓорге Иванов, пред да стане претседател, беше присутен во медиумите како аналитичар. Може да се напише цел текст за тоа дека едно зборувал како професор, а сосема спротивно правел како политичар.
Меѓутоа, ако нешто од тие анализи денеска е актуелно, тоа е неговиот одговор во интервјуто за „Фокус“ од 2002, кога на прашањето што би му препорачал на старо-новиот премиер Бранко Црвенковски, Иванов одговара.
„Ако гледате теоретски, а не дневно-политички, изборите Црвенковски всушност ги изгуби уште по победата во 1994 година. Кога реши да владее без опозиција. А тоа е првата лекција на демократијата: дека демократијата не ја носи самата власт. Зашто власта носи привилегии и никогаш нема сама да си ги ускрати тие привилегии. Затоа се вели дека власта и душата најтешко се испуштаат“, предупредил Иванов уште пред 15 години.

„Македонската влада реши предвреме да врати 137 милиони евра на светските кредитори… Ваквиот успех со предвремен откуп на кредити е реткост во меѓународните финансии, со кој во блиското минато може да се пофалат единствено Бразил, Русија и Аргентина“, пишува „Вечер“.

Интересно е дека Иванов е еден од првите интелектуалци, кој уште во 2002 година ја заговарал лустрацијата, процес што Груевски подоцна го спроведе крајно селективно и тенденциозно.

„За жал, кај нас ретко или воопшто не е отворена таа тема – темата на таканаречената лустрација. Кај нас ни правниците не го знаат тој поим… Се носи закон во кој му се одзема правото да врши јавна функција на оној за кој се докажало дека сторил зло на државата, односно украл пари од државата, уништил институции“, објаснил професор Иванов во интервју за „Фокус“ пред петнаесетина години.

Како придонес врз идеологијата на денешното ВМРО-ДПМНЕ му се припишуваат и антиквизацијата и цврстиот пристап во спорот со Грција за името.

Затоа од оваа дистанца, сосема поинаку звучи исповедта на Иванов во неговата претседателска биографија дека бил активен во формулирањето на реформската програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Изгледа дека неговата улога била поголема и позначајна, отколку што се мислело.

Едно е сигурно. Грешка е да се портретира Иванов како обичен послушник, кој на Груевски му ја должи својата политичка кариера и дека неговата употребна вредност е само да ја фрла сламката за спас кога тоа ќе притреба.

Тој бил соучесник во многу од политиките и партнер на експремиерот.

Неговата одговорност е уште поголема бидејќи она што остро критички го опсервирал како професор, како политичар дозволил или, пак, помогнал целосно да се реализира.

„Од аспект на политичката наука, јасно е дека една политичка групација може да владее само доколку е организирана (во вид на партија) и доколку со повремени кампањи создава непријатели или, пак, создава прекрасни слики за иднината и на тој начин ги заведува мнозинството избирачи. Во таквата претстава, најважна е фасадата и привидот на законитоста. Правните правила се заобиколуваат со неформални инструкции. Институциите се празнат од содржината. Нивните цели не се јасни. Луѓето се поставуваат на раководни места според начелото на послушност, лојалност и опортунизам. Средствата се трошат без јавна контрола“, напишал Иванов во својот текст од март 2006 година, објавен во научното списание „Политичка мисла“.

Дилема е дали во меѓувреме проработела академската совест кај претседателот и дали сега тој не е ништо друго, ами заробеник фатен во сопствената стапица, како што Димитар Димитров го опиша во интервјуто на „Вин-вин“.

Иванов во една пригода ќе рече дека во „Македонија ништо не може да остане скриено или не останало скриено за долго“ и затоа очекуваме многу наскоро да дознаеме повеќе за неговата ролја во политиката.