Анализи

Нема пречки СЈО да истражува пет години

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
lence-ristoska-fatime-fetai-birn

Ништо не ги спречува да истражуваат во текот на целиот мандат | Фото: БИРН

Во овој момент не се знае дали СЈО бил каменот на кој се сопнаа вчерашните преговори меѓу Груевски и Ахмети за старо-нова влада, меѓутоа вредно за анализа е што точно мислат ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, кога првиве ултимативно бараат, а другиве пркосно не даваат продолжување на мандатот на ова обвинителство.

Никола Груевски доби премиерски мандат во момент кога на платформската профактура за нова влада, СЈО имаше минимална цена споредена со точките како двојазичност и како признавањето на некаков историски геноцид врз Албанците.

Изгледаше дека СЈО „реда ради“ влегло во сеалбанската платформа и оти на Али Ахмети и на другите албански лидери Катица Јанева и не им е врвен приоритет и од неа очекуваат само да работи непристрасно.

Откако Груевски ја напушти вилата на Водно со мандатот под пазуви, раководството од Мала Речица испорача сосема друга фактура. На новата сметка цената на СЈО изгледаше поприлично солена за вкусот на ВМРО-ДПМНЕ и за нејзиниот лидер.

Петгодишен мандат ограничен со рокови од 18 месеци

Ако СЈО побара нов случај од ОЈО, за кој смета дека е надлежно, за него ќе течат нови 18 месеци | Фото: МИА

Во јавноста како да доминира уверувањето дека СЈО едноставно ќе престане да работи година и пол по неговото формирање, односно дека кај и да е, на почетокот од летово треба да стави клуч на врата и оти голем дел од прислушуваните разговори ќе останат неистражени.

Ваквиот впечаток се должи најмногу на обврската Јанева да покрене обвиненија во рок од 18 месеци, откако Марко Зврлевски ѝ ги даде предметите поврзани со „бомбите“, иницирани по кривичните од СДСМ, и откако ги доби прислушуваните материјали од Зоран Заев.

Овој рок беше и најмногу критикуван по Пржино, со кој се роди Специјалното обвинителство, со образложение дека за толку кратко време не може да се истражат сите индиции за криминал и за злоупотреба што ги слушнавме од прес-конференциите на Бихаќка и што можеби се наоѓаат на останатите материјали.

Меѓутоа, не е баш така.

СЈО ќе работи и ќе постои пет години бидејќи тоа го предвидува законот уште во својот прв член. Таму уште пишува дека важноста на законот може да се продолжува еднаш годишно, меѓутоа околу тоа нема дилеми, СЈО може да добие дополнително време само и само доколку таа идеја ја поддржат најмалку 81 пратеник.

А, тоа е речиси невозможно во овој момент, според односот на силите во Собранието.

Оттука се поставува дилемата што може Јанева да работи во овие пет години, од кои една веќе истече, и како ја ограничува рокот од 18 месеци.

Законот вели дека СЈО може да покрене обвинение во рок од 18 месеци од „денот откако ги презема предметите“ и тука се мисли на оние триесетина случаи земени од обвинителствата под надлежност на Зврлевски, истраги што најмногу произлегуваат од објавените „бомби“.

Зврлевски ѝ ги предаваше на Јанева овие предмети во периодот од 4 до 12 декември 2015, што значи дека СЈО во врска со нив може да покрене обвинение сè до 5, односно до 13 јуни 2017, до 24 часот вечерта, бидејќи роковите течат од наредниот ден по преземањето.

Теоретски, Катица Јанева во меѓувреме може да побара друг случај од регуларните обвинителства, за кој смета дека е надлежна и за него да течат нови 18 месеци од денот кога ќе го добие. Нормално, ако со тие нови 18 месеци не се пробива петгодишниот мандат на обвинителството.

СЈО има неколку недели повеќе за да ги истражи снимките и материјалите што не беа опфатени со истраги кај Зврлевски и кои во најголем дел не беа презентирани во јавноста.

На 30 декември 2015 година, Заев ѝ предаде на Јанева повеќе од 560.000 снимени разговори и околу 6.000 материјали во ворд, ексел и во ПДФ-формат. Со помош на овие материјали, СЈО може да покрене обвиненија во рок од 18 месеци, односно најдоцна до 1 јули 2017, вечерта до 24 часот.

И тука постои теоретска можност во меѓувреме СЈО да добие нови разговори, незаконски снимени меѓу 2008 и 2015, и за нив би течел нов рок од 18 месеци за евентуално обвинение. Повторно, само ако со тие нови 18 месеци не се пробива петгодишниот мандат на обвинителството.

На пример, кога Зврлевски ќе ги предаде снимките запленети од Захир Беќири – Чауш, во нив може да има разговори што ги немало во сетот на Заев или, пак, во случај СЈО да најде нови и незаконски снимки во УБК.

Тоа не е исклучено, бидејќи, според истрагата „Таргет“, УБК прислушувала и во време кога Зоран Заев ги објавуваше „бомбите“, а обвинетите во случајот „Пуч“ беа во притвор и не можеле тие да снимаат и да ги изнесуваат разговорите.

Сценаријата околу Уставен

ustaven-sud-mia

Ако судиите да го поништат законот, исто како СЈО да не постоело | Фото: МИА

И кога зборуваме за теорија, кога се зема предвид она што го пишува и посебно она што не го определува Законот за СЈО, интересно е да се погледне повторно членот 22, кој ги поставува двата рока од по година и пол.

Таму прецизно пишува дека СЈО не може да покрене обвинение по тие 18 месеци, кои, нели, малку различно течат за предметите преземени од Зврлевски и за снимките од Заев, меѓутоа никаде во законот не пишува дека ова Специјално обвинителство не смее да води предистражни постапки, па дури и истраги. Нема ни санкции доколку го стори тоа.

Ограничувањето важи само за покренување обвиненија.

БЕСА влегува на местото од ДПА

Интересно е дека во Законот за СЈО во членовите за именување и за разрешување на специјален обвинител, стои дека тој/таа се избира со претходна согласност на четирите најголеми партии во Собранието. И доколку до изборите четвртата најголема партија беше ДПА, сега тоа е БЕСА.

Ова практично значи дека во рок од овие пет години, никој не може да го спречи СЈО да истражува во врска со предметите и со снимките и подолго од 18 месеци, а подоцна сознанијата да ги предаде на регуларното обвинителство, чиј состав може подоцна и да се смени и случаите да бидат процесуирани во обвиненија.

Или, пак, СЈО да истражува и да чека евентуален нов распоред на силите во Собранието, кој ќе ги продолжи роковите околу обвиненијата.

Овие математики и толкувања на законот ќе паднат во втор план, доколку Уставниот суд донесе укинувачка или поништувачка одлука за целиот или за дел од законот, по иницијативата поднесена од Тодор Петров.

Има неколку сценарија околу евентуалната одлука на Уставниот суд. Првото е судиите да го поништат законот, што би значело исто како СЈО никогаш да не постоело и истрагите нема да важат.

Штетата нема да ја санира ниту новиот Закон за СЈО, кој треба да се донесе во рок од пет дена, договорен во второто Пржино. Со нов закон СЈО ќе почне да работи од нула.

Второто е доколку одлуката е укинувачка, во тој случај, исто така, СЈО престанува да постои, Јанева и колегите се враќаат во Основното обвинителство, полицајците во МВР, меѓутоа нивните истраги се важечки и ги презема Зврлевски.

Во овој случај, нов закон во рок од пет дена веројатно бргу ќе го врати СЈО во функција.

Постојат и варијанти Уставен да укине или да поништи одредби од законот кои не би предизвикале преголема штета, иако ќе влијаат врз работата на СЈО бидејќи може да ја загуби автономијата.

Овој пратенички состав не може да испорача продолжени мандат и рокови за СЈО, кои секако добро би ѝ дошле на Јанева, меѓутоа законот ѝ овозможува одредена флексибилност, таа да истражува и во некои случаи дури да покренува обвиненија во текот на целиот свој мандат од пет години.

Сепак, сето ова паѓа во вода доколку Уставниот суд со една одлука го анулира СЈО.