Извештај

Агелер: Имаме бројни докази за Анѓушев 

„Кога велиме дека некој е корумпиран, 100 проценти сме сигурни во тоа“, тврди американската амбасадорка

„Кога велиме дека некој е корумпиран, 100 проценти сме сигурни во тоа. Не ставаме луѓе на црна листа врз основа на сомнежи или на чувства“, кажа денеска американската амбасадорка Ангела Агелер на брифинг со новинарите.

Средбата следеше по минатонеделното соопштение, со кое амбасадата обзнани дека им забранува влез во Америка на бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев и на членовите на неговото семејство, нарекувајќи го Анѓушев „корумпиран актер“.

И денеска Агелер беше прилично директна околу квалификациите за поранешниот вицепремиер, убедувајќи дека САД имаат сериозни докази во врска со него. Меѓутоа таа  не ги сподели поради, како што рече, приватност.

„Станува збор за многу докази и за повеќе случаи. Не е дека му се ‘лизнало’ еднаш. Сигурна сум дека за некои од тие случаи вие веќе знаете“, додаде амбасадорката.

Со оглед дека таканаречената десигнација доаѓа од американскиот Стејт департмент, а не од Министерството за финансии, тоа значи дека оваа одлука на САД ќе нема директни последици за неговиот бизнис во Америка.

„Но, тоа не значи дека не може да следат уште санкции“, додаде американската амбасадорка.

Агелер и на овој брифинг повтори дека се соочуваме со епидемија на корупција. Таа рече дека во последниве 32 години, колку што САД и Македонија имаат воспоставено меѓудржавни односи, американските даночни обврзници инвестирале половина милијарда долари во реформи за одговорно практицирање на власта и за владеење на правото во државава.

„Трениравме и судии и обвинители, меѓутоа резултатите се обесхрабрувачки.“

Агелер ја искористи шансата уште еднаш да предупреди дека ќе се проширува црната листа.

„Ви ветувам дека и други личности се истражуваат во Вашингтон“.

На новинарските провокации да соопшти некое ново име, таа низ шега одговори:

„Со часови може да разменуваме имиња, меѓутоа дозволете да не расипеме некое ново изненадување.“

Изјавата за дополнување е на американската црна листа со Анѓушев | Монтажа: БИРН

Кочо Анѓушев е последниот од низата македонски државјани што неодамна беа ставени на американската црна листа.

На неа, во ноември годинава „влегоа“ рускиот бизнисмен што престојува во Македонија, Сергеј Самсоненко, и неговата сопруга. Тогаш, забрана за влез во САД доби и мајката на Орце Камчев, Ратка. Камчев од поодамна е на овој список, како и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, експремиерот Никола Груевски и струшкиот градоначалник Рамиз Мерко

На оваа листа е и скопската компанија „Сајтрокс“, која го изработува шпионскиот софтвер Предатор, кој во повеќе наврати, разни држави го користеа за нелегално следење политичари и новинари.

Агелер забележала дека во Македонија никој никогаш не е изненаден кога ќе се обнови црната листа, алудирајќи дека случаите на корупција се, всушност, јавна тајна.

„Никој не е изненаден, никој не потпрашува: Чекајте, што?“

Доказ дека Агелер денеска зборуваше без „ракавици“ е и нејзината реакција на новинарското прашање дали и на кој начин Анѓушев може да се жали на одлуката да биде вброен на црната листа.

Таа објасни дека поранешниот вицепремиер може да ангажира адвокати од САД и да се обиде да ја отповика одлуката.

„Меѓутоа, јас не би се обложила на тоа“, рече, повторувајќи дека има „значајни докази“ што довеле до првичната одлука.