Анализи

Антикорупциска во потрага по јасен фокус

Лесното прифаќање на лажните пријави ја ставаат комисијата во служба на партиски препукувања со клевети

По успешниот старт на Антикорупциската комисија во 2002 година, секој нареден состав на комисијата беше полош во споредба со претходниот и ова регулаторно тело со текот на времето го губеше интегритетот и ја зголемуваше сервилност кон власта.

Дното го допре последниот состав, откако речиси сите членови дадоа оставки по скандалот со патните трошоци.

За да оживее борбата против корупцијата и да се исполни критериум плус за преговори со Европската унија, пратениците годинава го избраа новиот состав на комисијата преку транспарентна постапка, во која за првпат учествуваа и невладините и јавноста.

Резултатот е вкупно 500 отворени предмети за корупција или за судир на интереси, меѓу кои и четири нови случаи иницирани од „свиркачи“, редовни седници на кои новинарите секогаш присуствуваат и први одлуки за непотизам во редовите на владејачката гарнитура.

Меѓутоа, првото тримесечје од работата на новата Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) покажа и одредени слабости. Слабостите помалку иронично излегоа на површина поради големиот број предмети што ги отворија новите антикорупционери водени од претседателката, поранешната ревизорка Билјана Ивановска.

Лажни пријави

Се добива впечаток дека Антикорупциската комисија јавно се занимава со сите пријави што ќе пристигнат и на отворените седници покренува случаи без никаков административен филтер и без претходна подготовка.

Отвора предмети и за лесно проверливи лажни пријави и за дојави базирани на шпекулации.

Комисијата најави дека ќе испитува евентуален непотизам при вработувањето на сопругата на поранешниот министер Спиро Ристовски во Агенцијата за супервизија на пензиското осигурување МАПАС, за подоцна да излезе дека таа била вработена во сосема друга институција.

Отвори и брзо затвори предмет за ќерката на пратеничката Емилија Александрова поради неточни наводи дека се вработила во Фондот за иновации и технолошки развој. Комисијата заклучи дека ќерката на пратеничката не се ни јавила на огласот за вработување.

„Развиваме некои идеи што ќе го намалат ризикот од поднесување лажни пријави“, уверува претседателката на Антикорупциска.

ДКСК експресно иницираше предмет за наводните грчки фирми на министерот Дамјан Манчевски, откако на интернет се појави прислушуван телефонски разговор на оваа тема. Иако предметот официјално не е затворен, се чини дека тој бргу „издиша“ откако министерот демантираше.

Лесното прифаќање на лажните пријави ја ставаат комисијата во служба на партиски препукувања со клевети.

Свесна за тоа претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, на следната прес-конференција повика подносителите да доставуваат пријави со вистинити податоци.

„Реагирав бидејќи не е коректно злонамерно да се доставуваат лажни пријави со цел да се парализира работата на Комисијата и да се наштети на угледот на оној против кој е поднесена пријавата, заборавајќи притоа дека најмногу си наштетуваат на својот углед“, вели Ивановска за БИРН.

Меѓутоа, комисијата реално не може многу да влијае, односно да ги воспита партиите што и како да пријавуваат.

„Развиваме некои идеи што ќе го намалат ризикот од поднесување лажни пријави“, уверува претседателката на Антикорупциска.

Примена пријава не е отворен случај

„И за ‘Бачило’ имало пресуда, но случајот бил повторно отворен по наод на ревизорите”, Билјана Ивановска | Фото: БИРН

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, организацијата што учествуваше во подготовката на новиот Закон за спречување на корупцијата, смета дека е проблем тоа што комисијата неселективно прифаќа пријави.

„Во една прилика на членовите на Антикорупциска им кажав, да сум политичка партија, секој ден ќе им испраќам по 100 пријави, за да ги држам зафатени и да не се впуштат во истражување на вистинските случаи за корупција.“

Тој потенцира и дека треба да се прави разлика од прифатена пријава за корупција и отворен случај.

„Тоа што тие велат дека отвораат случај е всушност само примена пријава. Да отвориш случај, значи дека таа пријава треба да ја провериш и дури тогаш да отвориш случај.“

„Тоа што тие велат дека отвораат случај е всушност само примена пријава. Да отвориш случај, значи дека таа пријава треба да ја провериш и дури тогаш да отвориш случај.“

Уште една од забелешките за работата на новата комисија е дека се занимава со условно кажано помали корупциски случаи за сметка на крупни афери.

Комисијата, вели Филков, треба да се фокусира на универзалните ранливи точки на корупција, како што се јавните набавки, градежното земјиште и урбанизмот.

„Ако во западниот свет овие се ранливи точки, кај нас тие крварат.“

Фокусот, вели тој, треба да се гради врз база на приоритети.

„Прво би се прашал за што е обвинувањето, за 200 милиони евра или за тоа дека некој се вработил за плата? Потоа би се фокусирал на функциите што имаат моќ и мандат, зашто не секоја функција има многу пари на располагање.“

ДКСК во спиралата на дневнaта политика

Начинот на кој ДКСК ги отвори предметите за премиерот Зоран Заев и за лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски укажува на тоа дека Антикорупциска дозволи да биде вовлечена во спиралата на дневнополитичките обвинувања.

Комисијата реагира импулсивно и речиси по секој партиски прес отвора случај.

Прво СДСМ побара да се испита бизнисот со хидроцентрали на Мицкоски, па Антикорупциска отвори случај, на тоа реагираше опозициската партија и побара да се истражат случаите „Глобал“ и „Поткуп“ по што комисијата повторно излезе во пресрет.

И двата предмети се коментираа во јавноста.

Се анализираше дека ДКСК непотребно ги отвори случаите „Глобал“ и „Поткуп“, бидејќи тие имаат правна завршница. Првиот случај заврши со претседателска аболиција на тогашниот градоначалник на Струмица, а сегашен премиер Зоран Заев, а другиот со негова ослободителна судска пресуда.

Ова прашање го коментираа и поранешните антикорупционери Слаѓана Тасева и Драган Малиновски во емисијата „Правда и неправда“ на 1тв.

Тасева потсети дека и првиот состав на Антикорупциска отворал случаи што биле судски апсолвирани, меѓутоа се занимавал со аспекти што судиите не ги третирале.

Малиновски, пак, предупреди дека прифаќањето на ваквите случаи може да ги мотивира незадоволните од судските пресуди да се обраќаат во Антикорупциска и буквално да ја затрупаат со претставки.

„Не ми личи дека тие намерно се впуштат во некој дневнополитички дискурс. Мислам дека сакаат да покажат дека се коректни и принципиелни, демек отвораат случаи и за власта и за опозицијата.“

Меѓутоа, претседателката на Антикорупциска, Билјана Ивановска, во разговор со БИРН потсети дека и за „Бачило“ имало судска пресуда.

„Но, случајот бил повторно отворен по наод од ревизорски извештај.“

Предметот за Мицкоски е проблематичен од аспект на тајмингот кога беше отворен.

Антикорупциска, два дена пред вториот круг на претседателските избори отвори два случаи поврзани со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за неговиот бизнис со малите хидроцентрали.

Меѓутоа, претседателката на Антикорупциска, Ивановска одбегна конкретно да одговори на прашањето на БИРН зошто комисијата не почека два работни дена и не ги отвори случаите за Мицкоски веднаш по изборите.

„ДКСК постапува транспарентно и неселективно отворајќи постапки, на јавни седници, по пријави за секој сомнеж објавен во јавноста и од страна на опозицијата и од страна на позицијата“, вели Ивановска.

За Герман Филков, несреќниот термин повеќе е израз на желбата на ДКСК да се претстави како неутрална и објективна комисија.

„Не ми личи дека тие намерно се впуштат во некој дневнополитички дискурс. Мислам дека сакаат да покажат дека се коректни и принципиелни, демек отвораат случаи и за власта и за опозицијата.“