Регион

БиХ работи на решавање на заостанатитe предмети на воени злосторства

Интервју со главната обвинителка на БиХ, Гордана Тадиќ

На прашањето, дали фактот што околу половина од обвиненијата ќе бидат поднесени на крајот од годината, односно во втората половина на декември, укажува дека обвинителите се фокусирани само на годишните норми, Тадиќ одговара дека тоа не е точно.

„Тие се поднесуваат кога ќе се добијат доволно докази за тоа, а во сложените предмети на воени злосторства, понекогаш се потребни и повеќе години за да се подигне обвинение“, нагласува таа.

Тадиќ појаснува дека во Обвинителството на БиХ, сè уште има околу 500 предмети на воени злосторства со познати сторители, 500 со непознати, како и 1.500 таканаречени КТА предмети (неопределено кривично дело), кои вклучуваат ексхумации.

„Сѐ потешко и потешко е да се дојде до конечна обвинителска одлука, бидејќи времето одминало“, нагласува таа.

„Сепак, обвинителите постапуваат според државната стратегија за работа на предметите на воени злосторства и во согласност со критериумите, и ние ги исполнуваме нашите услови и подготвени сме да продолжиме да работиме“, рече Тадиќ.

Националната стратегија за работа на предметите на воени злосторства, беше донесена во 2008 година и со неа беше наложено, сите најсложени случаи на воени злосторства, да се завршат во рок од седум години, односно до 2015 година. Бидејќи овој рок беше пробиен, подготвена е ревидирана стратегија, која, за да се завршат сите случаи, даде нов рок, до 2023 година.

Според ревидираната стратегија, која Советот на министри сѐ уште ја нема усвоено, Обвинителството на БиХ треба да се занимава само со најсложените случаи, додека остатокот треба да биде пренесен на ентитетските правосудства и на Дистриктот Брчко.

Ова создаде несогласувања. Како што објави БИРН во октомври, Судот на БиХ годинава одби да потврди три обвиненија за воени злосторства, откако беше утврдено дека случаите не се доволно сложени, за да бидат судени пред овој суд.

Тадиќ појасни дека не се согласува со оценката на Судот на БиХ, истакнувајќи дека „жртвите бараат Обвинителството и Судот на БиХ да постапуваат по овие случаи. Според Стратегијата, тие се третираат како помалку комплексни случаи, но ниту едно силување, ниту едно убиство не може да биде понекомплексен случај“.

„Сите случаи што се квалификуваат како злосторства против човештвото, треба да бидат решени од Судот на БиХ“, вели Тадиќ.

Без страв од критиките на ОБСЕ и oд посетата на судијата Корнер

Осврнувајќи се на критиките што Мисијата на ОБСЕ во БиХ, која ја надгледува работата на судството, ги упати до Обвинителството на БиХ, поради неквалитетните обвиненија, кои во последно време доведоа до голем број ослободителни пресуди, Тадиќ истакнува дека станува збор за „недоразбирање“.

„Имавме мало недоразбирање … затоа што е земен пократок период од работата на Обвинителството и врз тоа е направена  проценка, а Обвинителството може да се оценува само на годишно ниво“, објаснува таа.

Тадиќ додава: „Обвинителството досега обвинило над 850 лица и изречени се над 2.750 години затвор, што не чини лидери во регионот“.

Според Тадиќ, големиот број ослободителни пресуди не е „прашање само за Обвинителството на БиХ“, затоа што, како што нагласи, судиите ги потврдуваат обвиненијата, и „честопати се случува првостепената и второстепената комисија да имаат различни мислења, а и сведоците да го менуваат своето сведочење“.

Тадиќ дојде на функцијата главен обвинител – прво како вршител на должноста, а потоа и службено на главен обвинител, на почетокот на оваа година, откако беше сменет дотогашниот обвинител, Горан Салиховиќ. Тој беше разрешен веднаш по извештајот на Мисијата на ОБСЕ во БиХ, подготвен од судијката Џоана Корнер, чие пристигнување во нова мисија е најавено за следната година.

Главната обвинителка на БиХ вели оти ова не ја загрижува: „Јас сум задоволна што ќе дојде судијката Корнер, затоа што … поминав многу време со неа. Некои лични односи помеѓу поранешниот главен обвинител и претставниците на Мисијата на ОБСЕ се нешто друго, тоа останува зад нас“, истакнува Тадиќ.

Покрај соработката со судијката Корнер и со меѓународната заедница, Тадиќ има намера, како што рече, повеќе да соработува и со медиумите, заради подобрување на имиџот на Обвинителството на БиХ.

Таа додава дека тоа не значи оти до јавноста и медиумите ќе бидат испраќани обвиненија, за кои смета дека треба да бидат испраќани само до Судот на БиХ.

Поголема заложба за справување со корупцијата на високо ниво

Говорејќи за гонењето на случаите на корупција, Тадиќ најави дека до крајот на годината ќе има процесирање на високо рангирани сторители.

Таа истакна дека издала задолжителни упатства до обвинителите, да спроведуваат финансиски истраги во согласност со новите препораки на Високиот судски и обвинителски совет и дека за прв пат е извршена квалификација што е висока, што средна, а што ниска корупција.

„Морам да кажам дека нема да има монтирани процеси за време на мојот мандат и дека сите ќе бидат обвинети врз основа на факти и докази. Од претходниот период, гледаме дека високо позиционирани лица, генерално се ослободувани од одговорноста од страна на Судот на БиХ“, рече Тадиќ.

Главната обвинителка додава дека работењето на овој вид кривични дела ќе го подобри и создавањето на одделот, кој ќе се занимава со организиран криминал, економски криминал, корупција и тероризам.

„Според мојот план, ова е предвидено во 2019-2020 година, ќе видиме како ќе се развива понатаму. Изборот на четврт заменик е во тек и ние во Обвинителството треба да водиме грижа за сето ова … Оваа година мора да заврши врз основа на сегашната систематизација, за да можеме да ги претставиме резултатите од работата на Обвинителството“, вели таа.

Во рамките на овој оддел, објаснува Тадиќ, е планирано и формирање на единица за борба против трговијата со луѓе, со оглед на големиот број случаи на криумчарење на мигранти.

Тадиќ нагласува дека во изминатиот период се направени и други систематски подобрувања, така што на предметите на воени злосторства повторно почнало да се работи во регионални тимови, што била и една од препораките на судијата Корнер.

Корнер предложила и редовно одржување на колегиуми, но Тадиќ не сакаше да одговори на прашањето дали оваа препорака е имплементирана, велејќи дека станува збор за внатрешна работа.

Тадиќ додава дека нејзините тимови веќе одржуваат колегиуми „по потреба“, потенцирајќи: „Јас редовно ги примам во мојата канцеларија сите обвинители, соработници, сите оние што треба да дојдат да решат одредени прашања; ние носиме одредени заклучоци на колегиумите. Според тоа, се работи по правилникот и во овој момент, кога добив двајца заменици, очекувам и трет и четврт заменик, и ние целосно ќе продолжиме да работиме според правилникот и според мојата програма“.

Повратниците од камповите во Сирија – уште еден товар

Во наредниот период, Обвинителството на БиХ, ќе биде оптоварено и со предмети поврзани со враќањето на група граѓани на БиХ, од камповите во Сирија, по падот на таканаречената Исламска држава.

Според информациите што ги изнесе министерот за безбедност, Драган Мектиќ, во Сирија има околу 260 граѓани на БиХ, од кои, според проценката на Министерството за безбедност, 50 се возрасни мажи. Министерството најави враќање на група од 24 лица.

„Ние, како што знае јавноста, требаше да земеме девет повратници од странските боишта. Бидејќи наша должност е да ги гониме сторителите на кривични дела, за некои од нив беше распишана потерница и ние веднаш ги преземавме и ги процесиравме“, вели Тадиќ.

„Што се однесува до жените и децата, тие се нешто друго и тоа првенствено не е во надлежност на Обвинителството на БиХ“, нагласува таа.

Тадиќ појасни дека за сите жени – кои, според достапните податоци, во Сирија ги имаат околу 50 – ќе бидат извршени проверки, за да се види дали тие учествувале во незаконски активности.

Ова интервју е направено пред објавувањето на извештајот на експертите, за владеење на правото во БиХ, во кој беше критикувана работата на државните судски институции. Главната обвинителка не беше достапна за коментар веднаш по објавувањето на овој извештај.