Регион

Бурни реакции во РС поради предложените измени во кривичниот закон на БиХ

Предложените измени и дополнувања на кривичниот закон на Босна и Херцеговина, според кои негирањето на геноцидот и на злосторствата против човештвото ќе се казнуваат со казна затвор, предизвика бурни реакции во ентитетот на босанските Срби, Република Српска.

Пишува: Даниел Ковачевиќ, Бања Лука

Откако Советот на министри на БиХ ги прифати предложените измени на законот, со кој се предвидуваат затворски казни за негирање на геноцидот, од Република Српска (РС) следеа бурни реакции на оние кои не веруваат дека масакрот во Сребреница претставува геноцид.

Министерот за правда на БиХ, Јосиф Грубеша, изјави дека измените во кривичниот закон предвидуваат казна „од пет до десет години затвор за јавно одобрување, негирање или минимизирање на геноцидот, злосторствата против човештвото и на воените злосторства, за кои што постои правосилна пресуда донесена од меѓународен или домашен суд”.

Иако министрите од РС во Советот на министри на БиХ гласаа за измените, власта и поединци од овој ентитет, изјавија дека ова е обид за стигматизација на Србите.

„Ова е уште еден обид за прекројување на историјата, за укинување на РС и нејзино претставување како геноцидна творба”, изјави за БИРН, директор на Центарот за истражување на војната, воените злосторства и исчезнатите цивили на Република Српска, Милорад Којиќ.

Додаде дека ова е обид да им се „затвори устата на сите оние кои со правни факти и аргументи докажуваат што всушност се случило за време на војната”.

„Целта е да се верифицираат монтираните процеси и пресуди донесени пред Хашкиот трибунал и судските институции во БиХ”, рече Којиќ.

Во случајот против поранешниот генерал на Војската на Република Српска, ВРС, Радислав Крстиќ, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг, во 2004 година пресуди дека масовните убиства на Бошњаците од Сребреница, извршени од страна на српските сили во 1995 година, се геноцид.

Оваа одлука ја потврди и Меѓународниот суд на правдата во 2007 година, во случајот Босна и Херцеговина против Србија и Црна Гора.

Министерот за правда на РС, Антон Касиповиќ, изјави дека Советот на министри ги игнорирал предлозите на неговото министерство, при дефинирањето на измените на законот.

„Мислам дека недоволно внимание е посветено на она што како забелешки го имавме од Република Српска”, им изјави Касиповиќ на медиумите.

Од Министерството за правда на РС велат дека негирањето на геноцидот, воените злосторства и на злосторствата против човештвото, се сметаат за кривично дело само доколку начинот на кој тие се негираат, иницира насилство или омраза кон одредена група – а насилството, како кривично дело, е во исклучива надлежност на ентитетите и не може да биде предмет на обвиненија според кривичниот закон на државата.

Сепак, според министрите од РС кои се во Советот на министри на БиХ, предлозите од РС и од Високиот судски и обвинителски совет биле земени предвид при дефинирање на измените.

„Ние инсистиравме буквално да се земат предвид забелешките и се согласивме да се гласа по прифаќањето на истите”, рече министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ.

Сепак, министерот за надворешна трговија и економски односи, Мирко Шаровиќ, за медиумите во средата изјави дека Советот на министри само го усвоил текстот на измените и дополнувањата на кривичниот закон и дека српските министри ќе го прифатат конечниот текст, доколку бидат прифатени и нивните забелешки“.

Оваа нејасна ситуација предизвика уште еден судир меѓу политичките партии во РС. Владејачката коалиција во овој ентитет, која е дел од опозицијата на државно ниво, ги обвини Шаровиќ, Мектиќ и другите српски политички партии кои се дел од владејачката коалиција на државно ниво, за предавство на националните интереси.

Амандманите ќе стапат на сила само ако бидат поддржани од двата дома на Парламентот на БиХ, а владејачката коалиција во РС, предводена од Сојузот на независните социјалдемократи, има доволно гласови во Домот на народите да го блокира донесувањето на измените.

“Во Сребреница не се случил геноцид”

Многу малку граѓани од Бања Лука, која е административен центар на РС, во средата беа подготвени да одговорат на прашањето на БИРН за геноцидот во Сребреница, а оние кои беа подготвени, генерално се согласуваа со ставот на власта во овој ентитет.

„Не верувам дека се случил геноцид во Сребреница. Тоа е лага. Ужасно злосторство, да, но не и геноцид. Сигурен сум дека не се убиени 8.000 луѓе. Верувам дека овој број е далеку, далеку помал“, вели 25-годишниот Драган.

„Во Сребреница не се случил геноцид. Тоа е производ на пропагандата на Бошњаците, со помош на нивните сојузници од Западот“, вели Вукашин (72), пензиониран работник во фабрика.

„Срамно е ние (босанските Срби) да го носиме товарот на лицата кои наводно го извршиле геноцидот што не се случил. Мора да се бориме против овие лаги и обвинувања“, вели Сања, 21-годишен студент.

Срѓан Пухало, политички аналитичар од Бања Лука, за БИРН вели дека одговорот на Владата на РС на предложените измени на законот, бил очекуван.

„Имаме систематско негирање на пресудите на Хашкиот трибунал од страна на властите во РС. Целата легитимноста на Хашкиот трибунал се доведува во прашање. Ова е национална политика на избегнување на соочување со минатото“, потенцира Пухало.

„РС негува доминантен поглед во ентитетот на босанските Срби, дека геноцидот во Сребреница не се случил. Овие измени на законот претставуваат директен удар на таквата политика“, додаде тој.

Објавено и на Балканска транзициска правда