Регион

Станишиќ и Симатовиќ „ги контролирале единиците кои вршеле етничко чистење”

На обновеното судење на поранешните шефови на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, обвинителството изјави дека обвинетите им биле надредени на единиците кои извршиле сериозни злосторства во Босна и Херцеговина и во Хрватска.

Пишува: Радоша Милутиновиќ, Белград

Станишиќ и Симатовиќ во судница Фото: МКТЈ

Обвинителот, Адам Вебер, на повторното судење на Станишиќ и на Симатовиќ, изјави дека тие двајцата имале контрола над српските војници, кои за време на војната вршеле етничко чистење.

„Обвинетите ја искористиле својата контрола врз српските институции и над СДБ, за етнички да ги исчистат Хрватска и Босна и Херцеговина”, рече Вебер.

Како еден од клучните докази, обвинителот го издвои говорот што Симатовиќ го одржал во 1997 година, на прославата на годишнината на Единицата за специјални операции на Србија, во базата во Кула.

Како што цитираше обвинителот, Симатовиќ, кој бил прв командант на „Црвените беретки”, во тој говор, меѓу другото, рекол дека единиците на СДБ на Србија, „успешно учествувале во шест заеднички операции“ во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

Во говорот, Симатовиќ, исто така, навел дека СДБ на Србија формирала 26 кампови за обука на српските сили во Хрватска и во Босна и Херцеговина.

Од видео снимката на прославата, за која, како што беше најавено, „ќе зборуваат многу сведоци”, обвинителот ја издвои сцената во која Станишиќ на карта, му покажува на тогашниот претседател Слободан Милошевиќ, каде се лоцирани овие кампови.

„Ќе докажеме дека во тие места српските сили извршиле брутално етничко чистење”, изјави Вебер.

Според обвинението, Станишиќ и Симатовиќ биле учесници во здружен злосторнички потфат, чија цел била трајно и насилно отстранување на Хрватите и на муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на Босна и Херцеговина, кои потоа би биле припоени кон обединета српска држава.

Тие се обвинети за прогон врз расна, верска и политичка основа, за убиства, депортација и присилен трансфер на цивили од хрватска и од бошњачка националност.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената пресуда со која тие беа ослободени, Станишиќ и Симатовиќ изјавија дека не се виновни за злосторствата за кои се обвинети.

Советот, на 15 декември, процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Вебер во средата, во воведното обраќање, ги опиша и операциите во Босна и Херцеговина, во кои учествувале единиците на СДБ на Србија, „Френкиевци”, која подоцна се трансформирала во „Црвени беретки”, потоа Српската доброволна гарда под команда на Жељко Ражнатовиќ Аркан и единицата „Скорпиони”.

„Сите овие единици извршиле злосторства”, рече обвинителот.

Како пример, го издвои убиството на шест млади муслимани од Сребреница, кои, во јули 1995 година, во близина на Трново, го извршиле и со камера го снимиле припадниците на единицата „Скорпиони”.

Како пример за злосторство што го извршила единицата „Тигри” под команда на Аркан, Вебер, ги наведе убиствата на 65 мажи и силување на една жена во Сански Мост, во есента 1995 година.

Недолго потоа, во октомври 1995 година во Бијелина, тогашниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, му врачил награда на Ражнатовиќ и му се заблагодарил за работниот придонес.

Судењето продолжува во четврток.

Објавено и на Балканска транзициска правда