Повеќе од четирипати е повисока платата на премиерот Димитар Ковачевски од просечната плата во Македонија. Во последниве шест месеци, нему на сметка му легнуваат околу 2.600 евра. На македонските граѓани, пак, што заработуваат просечна плата, месечно им стигнуваат околу 600 евра.
Разликата меѓу просечната и премиерската плата во Македонија е многу поголема отколку во соседна Србија. Српската премиерка Ана Брнабиќ има плата од околу 1.300 евра, а просечната плата во Србија е околу 720 евра, што значи дека премиерската е повисока за околу 1,8 пати.
Во Црна Гора, разликата е 2,3 пати. Техничкиот премиер Дритан Абазовиќ, во март годинава примил нето-плата од 1.906 евра, а просечна плата е 799 евра.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ има плата од околу 3.200 евра додека просечната во неговата земја е околу 1.100, што значи дека Пленковиќ има трипати поголема плата од просечната.
Но, има земји од регионот каде што е уште поголема разликата од онаа во Македонија. Албанските функционери, во таа смисла, држат рекорд.
Еди Рама има плата од околу 3.600 евра, додека просечната е 670 евра, што значи платен е повеќе од петпати од просекот. Тука некаде е и бугарскиот премиер со околу 4.500 евра плата, додека просечната кај источниот сосед е илјада евра.
Косовскиот премиер Албин Курти има плата од 1.785 евра, а, според последната објавена просечна плата на косовскиот Завод за статистика, таа во 2022 година изнесувала 446 евра, што значи дека разликата е четирипати.
Колку подалеку од Балканот, толку и разликите меѓу функционерите и граѓаните се помали. Во Британија, соодносот е 2,2, а во Норвешка 2,5 годишни премиерски плати за една просечна.
Од корекција на коефициентите до нов закон
Првата реакција на владата по одлуката на Уставниот суд беше да соопшти дека тоа „не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78 проценти“ и оти се разгледуваат „можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност, а со цел да не се оптовари буџетот“.
Но, подоцна оваа идеја како да беше заборавена, па пребарувањето на интернет за кратко време покажува дека премиерот Ковачевски се откажал од пресметување коефициенти и зборува за нов закон на кој работи владата.
Веќе во август ја подготви јавноста дека тој закон нема да биде готов бргу.
„Се работи за исклучително комплексен закон за кој треба да бидат консултирани и тие што не се дел од извршната власт“, рече Ковачевски летово.
Оваа недела повторно ја кажа речиси истата изјава како во претходните месеци дека „државата работи на изработка на закон за плати“.
Додека тој не се подготви, па усвои, платите на функционерите се пресметуваат според просечната плата во земјава, што е околу 600 евра.
Меѓутоа, процентот на тие што примаат просечна плата во Македонија, всушност, и не е голем. Ако се погледнат податоците на Државниот завод за статистика, секторите и дејностите што најмногу вработуваат, всушност примаат плати под просекот.
Па, така УПОЗ, синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани, тврди дека половина од вработените во јавниот сектор примаат минималец од околу 20.000 денари.
Под просечната плата од 600 евра, на пример, се и наставниците. И покрај зголемувањето, просечната плата во образовниот сектор е околу 32.000 денари, а во земјоделието под 30.000 денари.
Во меѓувреме, 1.060 функционери земаат неколкукратно поголеми плати од просечните. Меѓу нив има од сите партии, зашто покрај претседателот и министрите, се и вработените во правосудството (судии и обвинители), директорите, пратениците и градоначалниците.
За сите нив, како што кажа министерот за финансии, Фатмир Бесими, до крајот на годината ќе се потрошат дополнителни 15 милиони евра од Буџетот на државата.
Ветувања со одложување
„Не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“. Со оваа поговорка може да се опише она што го прават власта и опозицијата со ветувањата дека ќе ги намалат своите плати со законски интервенции.
Веднаш по уставната интервенција, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, аргументирајќи дека последната работа што треба да се направи е зголемувањето на функционерските плати во услови кога „600 илјади граѓани живеат со 150 денари на ден“, бараше „веднаш да се намали и коригира коефициентот за сложеност на работното место, со што би се намалиле платите на функционерите“.
Но, ова инсистирање подоцна премина во ветување за тоа што ќе направат кога тие ќе дојдат на власт. Позицијата на ВМРО-ДПМНЕ, во август ја прецизираше партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Иако нивната пратеничка група може да поднесе иницијатива за менување на законот, не го прават тоа оти „искуството вели дека секогаш кога ќе се поднесе иницијатива од опозицијата, таа се одбива“.
„За неколку месеци ќе имаме друга влада. Ќе предложиме закон за враќање на платите на функционерите“, рече Мицкоски.
Левица направи обид во Собранието да се направат измени преку барањето за автентично толкување на член од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Таа иницијатива не ја помина ниту Законодавно-правната комисија.
Од тогаш практично владее молк меѓу политичарите на оваа тема. Прашањата некогаш завршуваат и со префрлање дека со „инсистирањето на темата за функционерските плати се заобиколуваат други важни теми“, како што ни кажа еден опозициски пратеник.