Извештај

Четворица газди на фирми се спогодија во „Синџир“

Затворска, три условни и парични казни пред првото рочиште за случајот за затајување данок

Четворица сопственици на фирми се спогодија со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во предметот со кодно име „Синџир,“ случај што беше најавен како големо разбивање комплексна шема за даночно затајување.

Обвинетите Ѓорги Лазов, Ведат Умер, Роберт Петров и Харис Качапор признаа сè што Обвинителството им стави на товар и за нив ќе нема судење. Судскиот процес ќе започне за останатите 30-тина обвинети.

Сите, освен Ведат Умер, кој доби едногодишна затворска казна, се осудени на условни казни и треба да платат меѓу 3.000 до 5.000 евра.

Тие се сопственици на четирите обвинети фирми „СОС обезбедување“, „Класик компани 2010“, „Роби шпед“ и „ХСА Конструкцион“, чии претставници, исто така, се спогодија со обвинителството и се осудени.

Четирите осудени фирми, во буџетот треба да вратат заедно околу 50 илјади евра.

Во обвинението пишува дека луѓе и фирми формирале злосторничко здружување и издавале фактури со ДДВ за наводно извршени набавки, кои не постоеле, и на тој начин, затаиле данок и го оштетиле буџетот за околу 8 милиони евра.

Некои од обвинетите во обид да го прикријат движењето на парите, подигале околу 650 илјади евра готовина, иако знаеле дека тоа се пари од даночно затајување.

Првообвинет е багеристот Сашо Вучков, заедно со неговите блиски, сопругата и неговите родители. Тој во интервју на Јутјуб пред да го уапсат говореше дека е виновен, „но не е главен“, алудирајќи дека големите алки во синџирот никој не ги чепка.

Кажа и дека го уцениле да работи со фирми блиски до власта предводена од СДСМ.

Меѓу обвинетите се и фирмите што добиваа милионски тендери од најголемиот произведувач на струја во земјава, РЕК Битола: битолската „Новоматрикс“ (сега „Салус плус“) и нејзиниот сопственик, Александар Наумов, како и газдата на фирмата „СВ-Инвест“, Стојан Чифлигароски, како организатор на шемата.

Тој не криеше дека е пријател со братот на поранешниот премиер Зоран Заев. Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, од 2018 го врзува неговото име со криминал во добивањето тендери со РЕК Битола.

Чифлигароски е во бегство.

Силно за истрагата, тивко за обвинението

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, лани во октомври објави дека отворило истрага против 26 сопственици и управители на 28 фирми во акцијата со кодно име „Синџир“. Се апсеше на сите страни, паднаа и притвори, беа одземени возила, пари, телефони и други предмети од осомничените.

Речиси три месеци подоцна, во јануари стигна обвинение, иако обвинителството не ја извести јавноста за тоа.

БИРН го побара обвинението, но шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, го одби нашето барање бидејќи обвинението не било одобрено. По ова поднесовме жалба до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Направивме увид во пресудите и во оценката на обвинението во Кривичниот суд.

Она што прво паѓа в очи е големиот број обвинети, вкупно 41. Половина од нив се фирми што ги поседуваат обвинетите, а другата половина се луѓе, од кои, некои имаат исто презиме, или се од ист град.

Еден од обвинетите, во меѓувреме, починал и за него постапката е запрена.

Меѓу обвинетите фирми се винарска визба, шпедиција, фирма за обезбедување… Најголемиот дел се фирми од Неготино, Охрид, Демир Капија и од Битола.

Во многубројните судски списи, во две големи розови папки, може да се најдат полномоштва за застапување адвокати по службена должност.

Поинакво светло врз случајот фрла емотивен приговор на адвокатка на еден од обвинетите.

Адвокатката напишала дека нејзиниот обвинет клиент е дете од сиромашно и дисфункционално семејство, „сега веќе возрасен дечко“, кој е со посебни потреби и дека бил злоупотребен, односно, за 20 илјади денари, однесен кај адвокат, па потоа кај нотар за лекомислено да потпише договор за пренос на удели во фирми.

„Дете кое не видело што е фактура“, пишува адвокатката во приговорот.

Еден од организаторите на операцијата „Синџир“, според приговорот, е струмичкиот бизнисмен Љупчо Пецов, порано осуден во предметот „Керозин“ за злоупотреби со точењето помалку гориво отколку предвиденото во тендерите, кој беше осуден.

Фактури за наводни услуги

Обвинителката Наташа Поп-Трајкова најлево на сликата | Фото: ЈОРСМ

Увидот што БИРН го направи во судските списи покажа дека обвинителката Наташа Поп-Трајкова, која во 2021 година беше избрана да гони организиран криминал и корупција, потенцирала дека обвинетите злосторнички се здружиле „со намера да одбегнат плаќање данок како давачка на која се обврзани со закон“.

Отворале фирми и ја презеле сопственоста на претходно основани фирми, „изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со вкалкулиран ДДВ за наводно извршени набавки на добра и услуги“.

Знаеле дека услугите не се извршени, па сметководствено ги затворале меѓусебните обврски.

„Искажале повисок износ на влезен промет и поголемо даночно побарување преку кое ја намалиле вредноста на излезниот промет и ја намалиле својата даночна обврска или го зголемиле своето даночно побарување“.

Меѓу стотиците страници од обвинението, во кое, фактура по фактура, обвинителството направило пресметки, пишува и дека обвинетите противправно го презеле даночниот долг на фирмите.

Некои обвинети, како Ведат Умер, до обвинителството, односно до судот доставиле копии од уплатници дека го исплатиле делот од данокот за кој ги товари обвинителството.

Судењето за сите обвинети што не се спогодија почнува на 28 мај.

Може да се очекува да има и нови признанија на вина, особено ако се види листот хартија со ракопис на обвинет, кој напишал „Сакам да се спогодам“.