Извештај

Убедлива победа на Сиљановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ доживеа изборен дебакл со историски најмал број на гласови и освоени мандати

Според првичните резултати од Државната изборна комисија, од обработени над 94 проценти од гласовите, ВМРО-ДПМНЕ по седум години во опозиција се враќа на власт.

Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоила 59 мандати, СДСМ 18, коалицијата предводена од ДУИ 19, коалицијата Вреди добила 13 пратенички мандати, Левица шест мандати, додека партијата ЗНАМ освои пет мандати.

Кандидатката што ја поддржа ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска Давкова ќе биде првата претседателка на државата.

Сиљановска Давкова, според над 94% од обработените податоци, на овие избори доби над 528 илјади гласови, додека нејзиниот противкандидат Стево Пендаровски, освои над 238 илјади гласови.

ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори освои над 400 илјади гласови, наспроти 140 илјади за СДСМ, кои доживеаја изборен дебакл со историски најмал број на гласови и освоени мандати.

Резултатот на ВМРО-ДПМНЕ е сличен со оние од 2008 и 2014 година кога партијата имаше 63 односно 61 пратеник. Оваа комотна позиција на партијата ѝ дава можност да одлучува со кого ќе формира влада.

Во однос на изборите во 2020, ВМРО-ДПМНЕ добива 15 пратеници повеќе, додека СДСМ изгуби 27 пратенички мандати.

Извесен претседателски исход

Славеничка атмосфера во белата палата | Фото: БИРН

Иако во текот на изборниот ден беше неизвесно дали ќе се постигне изборниот праг за претседател од 40%, поради предупредувањата дека ќе има повик за бојкот, доволно избирачи го дадоа својот глас на претседателските избори. До крајот на гласањето, според ДИК, oдзивот бил над 46 проценти.

Прв на јавноста ѝ се обрати токму кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски. Два и пол часа по крајот на гласањето, кратко и смирено објави дека резултатот е јасен и им честиташе на победниците.

Сепак, не пропушти да го искритикува бојкотот на гласањето во општините со мнозинско албанско население.

„Мојата совет е мирна. Не сум сигурен дали совеста им е мирна на оние кои тргнувајќи од теснопартиски лични интереси денес, ефективно спречија илјадници наши граѓани да го земат второто ливче и да гласаат и на претседателските избори“, рече Пендаровски.

Кратко по него на партиската говорница од ВМРО-ДПМНЕ насмеана се појави победничката Сиљановска Давкова.

15-минутниот говор го почна и го заврши со обраќање до новинарките и новинарите.

Говореше дека се соочила со „ѕвездени мигови на македонското новинарство“, а тоа го почувствувала во дебатите.

„Има ли поголема победа од тоа да бидам прва жена претседател? Ќе се опкружам со силни жени околу мене. Не се согласувам дека гласовите сум ги добила со набој на национализам, а тоа ќе го докажам што во мојот кабинет ќе вклучам и Албанци, Турци и други националности“.

Кажа дека „фатила некоку инсерти“ од говорот на Пендаровски и го пофали за тоа што искриткувал бојкотот во северозападна Македонија.

Убедлива победа и неочекуван дебакл

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски од партиската говорница го призна изборниот пораз и ја честиташе победата на ВМРО-ДПМНЕ. Со критички тон кажа дека СДСМ „добро ќе треба да погледне навнатре“, да избере нови партиски локални и централни тела и да се врати на идеолошките основи, на левиот центар.

Рече дека резултатот за неговата партија е разочарувачки.

„На СДСМ му е зададен тежок удар не само од граѓаните, туку и од симпатизерите и поддржувачите на партијата“.

Ковачевски говореше за консолидирање на партијата што заминува во опозиција.

Најави дека ќе ги бараат причините и изворот на овој лош изборен резултат. Кажа дека одговорноста е негова и на партиското раководство.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, во белата палата беше пречекан со патриотски песни, овации и аплаузи.

Објави како што рече „историска победа на народот“.

„Вечерва конечно се поразени. Поразени се предавствата. Поразен е бојкотот на Демократската унија за интеграција. Ова на нашата победа ѝ дава посебно задоволство“.

Кажа дека резултатите од нивната работа граѓаните ќе ги видат уште во првите 100 дена од мандатот и најави инвестициски бум за македонската економија.

Вети влада во најкус рок, а говорот го заврши со стихови од патриотската песна „Заветна“, која партијата ја користеше во предизборната кампања.

Потоа следуваше музичка програма со патриотски песни на плоштадот Македонија.

Додека Мицковски и партијата прославуваа, се огласи лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој рече дека ДУИ е втора политичка сила во државата.

На прашањето дали ДУИ е подготвена оди во опозиција, Ахмети не одговори конкретно, само кажа дека „на државата ѝ треба стабилност и иднина“.

Биљал Касами и Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ претходно прогласија победа и рекоа дека од утре седнуваат со ВМРО-ДПМНЕ да разговараат за коалиција за формирање Влада.

Левица, наспроти скромните резултати на нивната кандидатка за претседател во првиот круг, на парламентарните избори добија над 64 илјади гласови. На прес-конференцијата лидерот на партијата задоволно објави дека освоиле сигурни шест пратеници и дека го разбиле проектот на ЗНАМ.

„Голема и историска победа“ прогласи и Максим Димитриевски, иако неговата партија освои над 50 илјади гласови, односно далеку под неговиот резултат од 83 илјади во првиот круг на претседателските избори. Димитриевски говореше оптимистички: „Повеќе нема да живееме во црно сив свет, туку етабилиравме нов политички субјект на политичката сцена“.

Според првичните резултати ЗНАМ ќе има петмина пратеници во парламентот.